Скопје
Прекинато водоснабдување во делови од Скопје
Од ЈП Водовод и канализација известуваат дека денеска поради дефект на приклучна цевка ф-1“ на ул. Варшавска 62б, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, односно потегот од ул. Виенска до ул. Лондонска.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот. (општина Карпош)
-поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул. Скупи 3а/бб (спроти “ Олимпико“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на ул Скупи-крак 3а, 5а и место викано Криви Дол.Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(Општина Карпош)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Без струја делови од општините Аеродром и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од дел улицата 24, корисниците после ТС Ицемак во општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од дел од улиците Ловќенска 1, Ловќенска 2, Ловќенска 3 и Ловќенска 9 во општина Карпош.
Скопје
Герасимовски: Ја чистиме депонијата кај „Ист гејт мол“ иако не е под наша надлежност
Општина Центар ја расчистува дивата депонија во близина на трговскиот центар Ист Гејт Мол која не е под нејзина надлежност. Ѓубрето кое беше натрупано со години, а не беше собрано се чисти од страна на службите на Општина Центар.
Градоначалникот Горан Герасимовски денеска направи увид на лице место да види како се одвива работата на службите.
„Иако не беше во наша надлежност, ние минатата недела започнавме со расчистување на дивата депонија. Депонијата од стари двоседи, троседи, фотелји, бела техника, облека и смет се расчистува од општинските служби. Оваа депонија е и под надлежност на градот Скопје, а под градот Скопје е и јавното претпријатие Комунална хигиена. Но, непостапувањето на градот не не спречи ние да не постапиме. Срамота е и недозволиво ова што се случува, во нашиот град доаѓаат туристи, а во близина има голем трговски центар. Депониите се потенцијален извор на инфекции. Не само за оваа депонија, туку за сите депонии мора да водиме грижа и да ја подигнеме свеста на повисоко ниво. Сите добро знаеме каде се фрла отпадот и сите треба да водиме поголема грижа за поздрава животна средина. Како општина секогаш ги засукуваме ракавите и бараме решение на проблемите за граѓаните да имаат подобри услови за живот“, рече Герасимовски.
Во месец септември, општината ја расчисти депонијата со смет и токсичен отпад зад ТЦ Буњаковец, во кој со месеци биле вселени бездомни лица и зависници. Акцијата беше спроведена по пријава на станарите од околните згради.
Од Општина Центар ги повикуваат граѓаните да пријавуваат дива депонија на телефонскиот број 02 3203 693, или, пак на веб-страницата: https://www.centar.gov.mk/?page_id=6768.
Скопје
Екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје изготви 22 записника во текот на минатата седмица
Во текот на минатата седмица екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје изготви вкупно 22 едукативно-информативни записника за граѓани и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини во скопските општини Центар, Карпош, Гази Баба, Чаир и Бутел.
ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје повторно на терен ги активира и интервентните екопатроли, кои реализираат деноноќни дежурства на т.н. црни точки, односно локациите на кои е забележано континуирано непрописно одлагање отпад.
Во рамките на интервенциите на екопатролата во изминатите седум дена од страна на сторителите беа отстранети вкупно 57 кубни метри непрописно одложен, претежно градежен и кабаст отпад, извести ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.