Топ
Две млади лица загинаа во тешка сообраќајна несреќа кај Дебарца

Тешка сообраќајна несреќа се случила утрово во атарот на селото Ботун, во општина Дебарца, пришто животот го загубија момче и девојка на возраст од 22 и 21 година.
Според информациите од МВР, двајцата со „ауди“ излетале од патот.
„По преземени мерки, констатирано е дека, Ф.К.(22) возач на возилото и сопатничката Е.С.(21), двајцата од Кичево, починале на местото на настанот а смрт констатирал лекар од Итната медицинска помош од Охрид“, соопшти полицијата.
Извршен е увид, а телата предадени на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Разбојништво во фризерски салон во Битола: му го зел прометот на фирзерот и му се заканил дека ќе го испрска со солзавец

Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против 22-годишен битолчанец осомничен за кривично дело – разбојничка кражба од член 238 став 1 од Кривичниот законик.
На 23 јуни околу пладне, осомничениот влегол во фризерски салон и побарал пари од фризерот. Тој одбил доброволно да му даде, по што осомничениот го искористил моментот кога оштетениот се оддалечил од фиоката во која го чувал прометот од фризерските услуги, ја отворил фиоката и ги одзел речиси сите пари кои биле внатре, односно 3.000 денари.
Веднаш се обидел да избега од салонот, но оштетениот го фатил и го држел за да го спречи да замине додека не биде повикана полиција. Затекнат при кражбата, осомничениот му се заканил на оштетениот дека ќе го испрска со солзавец, поради што тој го пуштил да си замине со украдените парични средства.
„Лицето е се уште во бегство и полицијата трага по него. Во меѓувреме, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор која ќе започне да се применува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Притворската мерка е побарана бидејќи се работи за лице кое и претходно е осудувано за исти и слични дела и очигледно е дека се крие и се обидува да ги избегне органите на прогонот“, соопшти Обвинителството.
Важни докази за настанот, како што велат од Обвинителството, се исказите на оштетениот и на сведоците кои во моментот биле присутни во фризерскиот салон, па без најстрогата мерка за обезбедување постои реална опасност осомничениот да се обиде да влијае врз нив и со тоа да ја попречува истражната постапка. Јавниот обвинител го зел предвид исказот на оштетениот кој се чувствува загрозен и бара да биде заштитен од осомничениот во текот на постапката.
Македонија
Герасимовски повикува на концерт, ВМРО-ДПМНЕ му ги брои нереализираните проекти: Центар не доби парк и административна зграда кај ПУИК

Откако утрово градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски ги повика скопјани на концерт со Александар Тарабунов вечерва, ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до медиумите го нарече шампион по нереализирани ветувања и ги наброја нереализираните проекти. Градоначалникот, пак, одговори на предизвикот со објаснување дека работи посветено, а не кампањски само пред избори.
„Очигледно е дека општина Центар не доби парк и административна зграда кај ПУИК, не доби парк со игралиште кај Клинички, ниту пак кај куќата на Есма на Кале. Тоа е билансот на визионерството на Герасимовски. На граѓаните не им е потребно експериментирање со импровизирано управување.Центарци се сведоци на спори или непостоечки инфраструктурни проекти. Многу улици и тротоари останаа неуредени, небезбедни и неадаптирани за лица со посебни потреби. Со таков кандидат за градоначалник капиталните проекти се или заглавени или нереализирани.
Нереализирани проекти кој тој напразно ги ветуваше се и градинка во Маџир Маало, градинка во Клинички центар, воспитно-образовен центар во Парк 1 со градинка и училиште, но резултатот е немање градежни активности, ни почеток, ни рокови, само илузии.
Урбаниот хаос остана, а тој ветуваше ред, но донесе уште поголем метеж, наместо решенија центарци добија хаос. Не се обезбеди ниту монтажен паркинг во Дебар Маало и во Пролет, ниту гаража кај Клинички центар, а уште помалку катна гаража спроти ПУИК, само се обезбеди нарушен сообраќај, фрустрации и изневерени граѓани.
Наместо вистинско вклучување на граѓаните во процесите, често владее молк и селективна комуникација, се промовираат ситни потези како големи успеси, додека реалните проблеми тотално се игнорираат.
Евидентно е дека тој е без јасна визија за развој, а бара повторно доверба од граѓаните, која не ја ни стекнал.
Центар под Герасимовски е пример за проекти на хартија и реалност во распад. Четири години магла во Центар и застој под негово водство“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалникот Герасимовски веднаш реагираше. И тој преку соопштение до медиумите кажа што сработил.
„Веќе почнуваме со реализација на барањата што произлегуваат од центарци. Ниту еден градоначалник не смее да оди кај граѓаните, да вети нешто и потоа да исчезне и да се појави повторно само пред избори. Работиме да надминеме одредени предизвици со кои се соочуваат жителите и уште летово да ја завршиме таа работа. Вистинската работа се гледа секој ден, на улица, во маало, а не на билборд. Во еден мандат ја изградивме од темел најубава градинка во целата држава кадешто се згрижуваат деца од населбите Пролет и Маџир маало. Во моментов се реконструира спортската сала „Работнички“ којашто беше со децении оставена да се распаѓа. Работиме посветено, домаќински и транспарентно“, вели градоначалникот Герасимовски и потсетува дека караванот „Се гледаме во маало“ продолжува и во следните денови со секојдневни посети во различни населби од Општина Центар, со цел заедничко планирање на локалниот развој, директна комуникација и градење на транспарентна и отчетна локална власт.
Македонија
„Ве чекам во 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид“, Герасимовски повика на концерт

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги повика сите скопјани, вечерва да бидат дел од културната манифестација „Центарска симфонија“ што ќе се одржи на плочникот кај Градски ѕид (Клуб на новинари, зади Соборниот храм) со почеток во 20:00 часот.
Александар Тарабунов и камерниот оркестар вечерва ќе ги интерпретираат најпознатите мелодии од македонската и светската кинематографија, специјално аранжирани во ново, симфониско руво. Меѓу нив се и култните музики од „Исправи се Делфина“, „До Балчак“, како и новата песна на музичката ѕвезда Тарабунов „Заедно“, која за првпат ќе биде изведена со камерен оркестар.
„Оваа вечер ја посветуваме на музиката која нè обединува, Центар повторно станува сцена на културното доживување. Повелете сите, со пријателите, со семејствата, заедно да уживаме во спојот на класичното и модерното, на звуците што раскажуваат приказни. Музиката е најубавиот начин да се сплотиме, Ве поканувам на добра музика и убава летна саботна вечер. Ве чекам во 20 часот, на плочникот кај Градски ѕид“, вели Герасимовски.
Влезот е слободен за сите граѓани. Настанот е во организација на Општина Центар, во партнерство со МГ Мјузик продукција.