Свет
По помилувањето, се огласи синот на Бајден: Нема да го земам ова здраво за готово
Американскиот претседател Џо Бајден синоќа соопшти дека го помилувал својот син Хантер, кој чекал пресуда за случаи на недозволено поседување огнено оружје, лажни изјави при проверка на оружјето, за што претходно бил прогласен за виновен, како и за затајување данок, што тој самиот призна.
Иако Бајден претходно уверуваше дека нема да даде претседателско помилување за својот 54-годишен син, сега одлучи да го стори тоа.
Објавена е изјавата на син му Хантер Бајден:
„Ги признав и презедов одговорност за моите грешки во најтемните денови на мојата зависност – грешки што беа искористени за јавно да се понижат и срамат мене и моето семејство поради политиката“, се вели во соопштението.
„И покрај сето ова, јас сум трезен повеќе од пет години поради мојата длабока вера и непоколеблива љубов и поддршката од моето семејство и пријателите“, рече Хантер Бајден.
„Во маката на зависност потрошив многу можности и предности. Во закрепнувањето може да ми се даде можност да се поправам каде што е можно и да ги обновам нашите животи ако никогаш не ја земам здраво за готово милоста што ми е дадена.
„Никогаш нема да го земам здраво за готово помилувањето што ми беше дадено и ќе го посветам животот што повторно го изградив за да им помагам на оние што сè уште се болни и страдаат“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Загадениот воздух во Холандија го чини здравствениот систем приближно 18 милијарди евра годишно
Во Холандија загадениот воздух предизвикува трошоци за лекување на здравствените проблеми во износ од приближно 18 милијарди евра годишно, а најголемо загадување предизвикува земјоделството, покажуваат резултатите од истражувањето за емисијата на 15 штетни материи. Истражувањето е спроведено врз основа на методот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), објави NL Times.
Земјоделскиот сектор, особено сточарството, најмногу го загадува воздухот во Холандија. Сточарството во Холандија го загадува воздухот главно поради големата емисија на амонијак до тој степен што лекувањето на последиците од ова загадување чини три милијарди евра годишно.
Сообраќајот и транспортниот сектор предизвикуваат штета на здравствениот систем на Холандија од речиси 5,3 милијарди евра со емисија на загадувачки материи, а индустријата, енергетиката и рафинериите заедно предизвикуваат штета од 3,1 милијарди евра, пренесува „Танјуг“.
Институтот за јавно здравје РИВМ наведува дека загадениот воздух го зголемува ризикот од астма, срцеви проблеми, висок крвен притисок и предвремено породување. РИВМ истакнува дека речиси 11.000 Холанѓани умираат во просек осум месеци порано секоја година поради последиците од дишењето загаден воздух.
Свет
Маск за помилувањетo на Хантер Бајден: Законот очигледно не е ист за сите и постојат и такви што се над него
Американскиот милијардер и сопственик на социјалната мрежа Х, но и идниот шеф на Одделот за владина ефикасност во новата администрација на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, Илон Маск, реагира на веста дека актуелниот претседател Џо Бајден сепак одлучил да го помилува својот син Хантер во случаите што против него беа поднесени пред американското правосудство.
Имено, додека сè уште беше во трка за втор мандат, претседателот Бајден на социјалната мрежа на Маск, во времето кога се водеа постапки против син му, тврдеше дека никој не е над законот јасно алудирајќи дека законот исто важи и за син му, како и за претседателот Трамп.
Сепак, нешто повеќе од еден месец пред официјално да му ја предаде функцијата на новоизбраниот претседател Трамп, Бајден одлучи да го помилува својот син во постапката за затајување данок и нелегално поседување оружје, анализираат медиумите.
Маск објави „скриншот“ од твитот на Бајден од мај оваа година, со коментар дека „белешките на заедницата кинат“ повикувајќи се на белешка од членовите на мрежата Х, кои го поврзаа твитот на претседателот Бајден со веста на AP News за помилувањето на Хантер Бајден, со опис:
„Простувајќи му на својот син Хантер не само за едно злосторство туку и за сите реални и потенцијални злосторства што можеби или не ги направил во изминатите 11 години, Џо Бајден јасно стави до знаење дека некои луѓе се, всушност, над законот“.
Твитот на Маск досега собра повеќе од 5,7 милиони прегледи на интернет.
Свет
Осум лица побегнаа од притворниот центар во Ница
Осум лица побегнале од притворниот центар во францускиот град Ница, а деветтиот бегалец е уапсен, соопштија денеска полициски и судски извори.
Притворниот центар во Ница може да прими 40 луѓе, а се наоѓа во поранешна касарна, која е претворена во полициска станица.
Како што соопштија од полицијата, во центарот се сместени голем број мигранти, кои по излегувањето од затвор треба да бидат вратени на граница.
За безбедносните мерки во центарот и околу центарот задолжени се 70 припадници на граничната полиција, кои се менуваат, јавува „Танјуг“.