Економија
Народната банка ги предупредува граѓаните: Внимавајте на лажни профили и сомнителни понуди
Народната банка ги информира граѓаните да бидат внимателни поради зачестената појава на лажни профили, апликации и лица кои, електронски или преку телефонско јавување, се претставуваат како дел од реномирани компании коишто нудат некаков вид помош, посредување, па дури и парични награди, а притоа бараат лични податоци и уплата на средства.
Народната банка апелира до граѓаните да не откриваат лични податоци, ниту, пак, да преземаат активности на барање од непознати лица. Доколку имате добиено или ако во следниов период добиете неочекувани телефонски повици, е-пошта или СМС од сомнителни адреси или телефонски броеви во коишто ви се нуди нешто што не делува реално и вистинито, или ако од вас се бара откривање на личните податоци, не започнувајте комуникација во којашто ќе ги дадете вашите лични податоци или ќе одговорите на барање за трансакција/уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка.
Доколку граѓаните добијат телефонски повик или порака преку друго комуникациско средство (електронска пошта или преку социјалните мрежи) од лице за кое се сомневаат дека лажно се претставува во име на Народната бaнка, веднаш да го пријават случајот во Народната банка преку официјалната е-адреса: [email protected]
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,72 % во однос на одлуката од 25.11.2024 година.
Од 3.12.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 78,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 45,258 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за 1,00 ден/ли.
Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 0,50 ден/лит
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,521 ден/кг и сега ќе изнесува 45,258 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,985%, кај дизелот за 3,209%, кај екстра лесното масло за 2,935% и кај мазутот зголемувањето е за 0,902%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5679%.
Економија
Струјата нема да поскапи повеќе од еден процент, а дополнителна евтина тарифа засега нема, најави Бислимоски
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, денеска ги соопшти цените за пренос на електрична енергија и за дистрибуција на електрична енергија, како и цената на операторот на пазарот на електрична енергија.
„Оној дел што е најбитен и кој се однесува на домаќинствата и на најголем број на малите потрошувачи, делот од мрежарина, вклучувајќи го и преносот и дистрибуцијата, таму имаме намалување за 7 %“, истакна Бислимоски.
Во однос на другите просечни цени, цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија се зголемува 5,68 %, при што влијанието на крајната цена е 4 %, цената за дистрибуција на електрична енергија се намалува 5,52 %, влијанието на крајната цена изнесува 33 % и цената на операторот на пазарот на електрична енергија се зголемува 19,8 %, каде што влијанието е екстремно мало и изнесува само 0,19 %, рече Бислимоски.
Според него, не се очекува поголемо покачување на просечната цена на струјата кај домаќинствата, односно Бислимоски не очекува таа да биде поголема од еден процент.
Во врска со дневната евтина тарифа, Бислимоски појасни дека анализите покажале оти цената на електричната енергија на најголемата берза во регионот, како и на нашата берза, се најниски во периодот од 12 до 16 часот, а највисоки од 20 до 24 часот.
„Имајќи предвид дека нашите домаќинства веќе имаат стекнати навики во однос на евтината тарифа, се одлучивме до пролет да ја оставиме ситуацијата таква каква што е, па потоа врз основа на состојбата во АД ЕСМ ќе носиме понатамошни одлуки. Инаку, во однос на дневната евтина тарифа, Македонија е единствена држава во регионот што има евтина тарифа во текот на денот“, потсети Бислимоски.
Економија
Потпишани 57 договори во вкупна вредност од над 34 милиони денари по објавениот јавен повик за кофинансирање комбајни за ориз и мобилни сушарници
Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се потпишаа 57 договори по објавениот јавен повик, кој се однесуваше на мерката 121 за доделување финансиска поддршка за набавка на специјални комбајни за жнеење ориз со сечкалки и/или мобилни сушарници за ориз.
Максималната вредност на прифатливи трошоци од корисник изнесуваа 600.000 денари.
Вкупната вредност на договорите е над 34 милиони денари.
Со јавниот повик Министерството преку мерките од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој им излегува во пресрет на оризопроизводителите сè со цел да се модернизира механизацијата во Македонија.
Право на користење на овие средства имаат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделските стопанства во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство во согласност со Законот за земјоделството и руралниот развој.
Со залагање за развој на земјоделството Македонија повторно гордо ќе го носи епитетот земјоделска држава.