Македонија
Димитријевиќ: Отворена врата за секој член, СДСМ ќе биде постојано активна на терен
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ денеска беше на средби со членовите на партијата од Росоман и Кавадарци.
-Овде сме да ве слушнеме вас, да го слушнеме секој член. Ве охрабрувам да бидете гласни. Вашите идеи, предлози, критики, вашиот глас е нашата сила. Мора да го вратиме значењето на гласот на секој наш член. Сакам секој член на партијата да знае дека мојата врата е секогаш отворена за нив. Мислења, идеи и критики се најважни за мене. Во наредните месеци активно ќе бидам на терен, да се сретнам со многу членови, општински организации, да ги слушнам нивните грижи и идеи и да работиме заедно, рече Димитриевиќ.
Она што нè обединува е нашата верба во еднаквоста, правдата и солидарноста. Тие вредности се темел на нашата социјалдемократска идеја, и ќе продолжиме да ги негуваме за доброто на сите граѓани, додаде тој.
-СДСМ и вредностите на партијата се она што не обединува и само заедно можеме да ја возобновиме партијата и да го вратиме довербата кај граѓаните, посочи генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ.
Ново избраното раководство на СДСМ од денеска ги започна теренските посети и средбите со членовите во општинските огранизации согласно оперативниот план. Потпретседателката на СДСМ Ана Чупеска вечерва е со членовите од Аеродром, а Потпретседателот Методија Илиевски со членовите од Прилеп. Ова е дел од новиот начин на работа, на активност и на функционирање на партијата, соопштија од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Воведуваме „Центарска картичка“ со попусти за културни, спортски настани, локали и продавници
Кандидатот за градоначалник на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска најави дека се воведува „Центарска картичка“ со попусти за културни и спортски настани, локали и продавници.
„Секој центарец добива еднаш годишно бесплатна карта за театарска претстава, а за секоја следна купена карта добива 20% попуст. Со картичката, овоможуваме и 20% попуст за натпреварите на нашиот најтрофеен клуб „Работнички“, како и попусти за влез на базен. На нашите центарци, на децата и возрасните им овозможуваме подобри услови и поволности“, рече Герасимовски.
Македонија
Почина Агим Јонуз
Политичкиот анлитичар, Агим Јонуз, почина во Скопје на 63 години по боледување.
Јонуз беше активен во политичкиот живот во Македонија не само како аналитичар и колумнист, туку и како поранешен советник и портпарол на поранешниот претседател на Собранието, Лупчо Јордановски и на поранешниот премиер Бучковски.
Во 2021 година Јонуз беше носител на листа на советници за Град Скопје предложен од „Твоја Партија“.
Јавноста го познаваше како чест гостин во политичките дебатни емисии на телевизиите.
Погребот на Агим Јонуз ќе се одржи утре, 26 октомври 2025 година, на гробиштата во Бутел.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ веќе има 35 градоначалници, рече Мицкоски по повлекувањето на опонентите од Могила и Македонски Брод, очекува 59
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот митинг во Неготино изрази увереност дека кандидатката од ВМРО-ДПМНЕ која има предност пред нејзиниот опонент од СДСМ, ќе биде следниот градоначалник на општината.
Мицкоски нагласи дека граѓаните јасно ја изразиле својата волја и доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, која во првиот круг освоила 33 градоначалници, наспроти тројца од СДСМ, а во вториот круг влегла во 26 општини.
„Веќе во две општини противниците на нашите кандидати се откажаа – Македонски Брод и Могила – така што во овој момент коалицијата има 35 градоначалници и уште во 24 општини е во втор круг. Тоа се 59 потенцијални градоначалници“, рече Мицкоски, додавајќи дека тоа ќе биде историски најголем триумф на македонската политичка сцена.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори, имајќи мнозинство и во 58 општински совети, а го истакна и водството на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, со предност од над три спрема еден во однос на противкандидатот.
Мицкоски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање на 2 ноември и да го заокружат бројот 9, за, како што рече, да се потврди „најголемата победа во историјата на Македонија“.

