Македонија
Набавил бензин и запалил три возила и еден објект: идентификувано лицето за четирите пожари во Куманово

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 35-годишник поради продолжено извршување на – Тешки дела против општата сигурност предвидено според член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.
Постои основано сомнение дека осомничениот на 2 декември, во раните утрински часови, со умисла извршил повеќе поврзани дејствија што преставуваат повеќекратно остварување на исто дело и со пожар предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот, при што настапила поголема имотна штета.
Откако претходно во пластични шишиња набавил бензин од бензинска пумпа во Куманово, тој намерно предизвикал пожари на неколку локации во Куманово, каде запалил три патнички моторни возила и еден објект – фотокопирница која се наоѓа во состав на станбена зграда.
Мотивите за извршување на делото се испитуваат, но исклучено е дека повод била меѓуетничка нетрпеливост. Доказите до овој момент не укажуваат на инволвираност и на други лица, соопшти ОЈО.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово вечерва доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, поради опасност од бегство и можност да го повтори делото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Откриена бесправна сеча на дрва во Струшко, дрвокрадците избегале

Вчера во 14:30 часот, при контроли извршени кај месноста „Студенец“ во атарот на струшкото село Радолишта, полициски службеници пронајдоа два трактори без регистарски ознаки, натоварени со буково огревно дрво.
Две лица кои вршеле бесправна сеча со моторна пила, откако ги забележале полициските службеници, избегале од местото оставајќи ги тракторите, моторните пили и другата опрема.
При извршен увид, констатирано е дека се работи за бесправна сеча на дрво за огрев од околу 60 метри просторни кои, по консултација со јавен обвинител, се предадени на претставници на Шумското стопанство од Струга.
По целосно расветлување на настанот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Македонија
Сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора: Здравство ги презема нејзините надлежности

Поради сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора, Министерството за здравство ги презема нејзините надлежности, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
„Вчера донесов одлука заснована на факти, на закон и на обврската да ја заштитам довербата во здравствениот систем. Надзорите и документите покажаа сериозни пропусти: едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување лиценци; договори склучувани ретроактивно, спротивно на законот; одлуки и документи без потпис и со невалидна документација; игнорирање на привремената мерка и конечната одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на закон“, рече Алиу.
Тој додаде дека, исто така, има сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби на Комората, за кои финансиската полиција истражува и има прибавено обемна документација.
„На Комората ѝ беше дадена можност да ги отстрани недостатоците. Но, не го стори тоа. Затоа, имајќи ја предвид одредбата од член 261, став 1, алинеја 4 од Законот за здравствената заштита, а врз основа на препораките на стручната комисија, донесов одлука, за времено одземање на јавното овластување на Стоматолошката комора. Од денес, Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање, сè додека не воспоставиме систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално“, рече Алиу.
Тој кажа дека овој чекор не е казна туку дека е почеток на реформа што ќе врати доверба, ќе обезбеди интегритет и ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаења и вештини усогласени со најновите светски стандарди.
Македонија
(Видео) СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра

СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра, најави потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„Владата е слепа за ситуацијата во која се наоѓаат илјадници работници, кои едвај го минуваат месецот. Затоа, СДСМ јавно ја изразува својата целосна поддршка на Синдикатите за зголемување на минималната плата на 500 евра. Ова не е само барање на работниците, ова е неопходно, ова е мерка која ќе им го олесни тешкиот живот на многу македонски семејства“, рече тој.
Илиевски потсети дека СДСМ веќе еднаш ги поднело законските измени за поголема минимална плата, за покачување на сите плати, но ВМРО-ДПМНЕ ги одбило.
„Ние нема да се откажеме. СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минималната плата од 500 евра. За достоинствен живот и за фер плати. Ќе видиме кој ќе гласа „ЗА“ народот, а кој повторно ќе го сврти грбот на народот. СДСМ е и ќе остане гласот на работниците, на сите граѓани. СДСМ ги слушаше и почитуваше работниците, и сега е така“, рече Илиевски.