Скопје
Ѓорѓиевски: Силна локална самоуправа е клучот за трасирање европски стандарди

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денес беше дел од годишната конференција за локална самоуправа и децентрализација, Истакна дека СИСТЕМАТИЗИРАНИТЕ СТАВОВИ на ЗЕЛС, ревидирани секоја година, претставуваат основа за лобирање пред централната власт. Тој изрази задоволство што Владата ја разбира суштината на овие предизвици и активно работи на реформи во локалната самоуправа, вклучително и подобрување на финансирањето и воведување нови дигитални услуги за граѓаните.
„Односот што оваа Влада го има кон општините и ЗЕЛС ни влева надеж дека конечно ќе фатиме чекор со имплементирање на посакуваните европски стандарди,“ рече Ѓорѓиевски, осврнувајќи се на потпишувањето на новиот Меморандум за соработка со Владата.
Меѓу приоритетите што ги издвои Ѓорѓиевски беа: подобрување на финансиската стабилност на општините, вклучувајќи го барањето општините да добиваат најмалку 10% од ДДВ и 50% од персоналниот данок; реформи во методологиите за распределба на блок-дотациите, посебно за основното образование, противпожарната заштита и социјалната заштита; зголемување на дигиталните услуги за граѓаните, каде ЗЕЛС има значајни визионерски заложби, реализирани преку платформи како „www.gradezna-dozvola.mk“ и „е-градежно земјиште“.
Ѓорѓиевски посочи дека успехот на процесот на дигитализација веќе се покажува како многу успешен во општини како Кисела Вода, која прва во Македонија воведе дваесетина електронски услуги.
„Дигитализацијата значи поголема транспарентност, заштеда на време и средства за граѓаните, како и намалување на можноста за корупција,“ нагласи тој.
Своето обраќање тој го заокружи со повик за поголема соработка меѓу општините, ЗЕЛС и Владата, со цел подобрување на условите за живот на граѓаните низ целата држава
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски: Бесплатно летување за најуспешните спортисти

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски извести дека и оваа година продолжуваат со успешната пракса на наградување на младите спортски таленти со бесплатно летување, како дел од стратегијата за поддршка на спортот и здравиот начин на живот.
„Победниците во Лигата на училишен спорт, која опфаќа натпревари во кошарка, фудбал, одбојка и ракомет во машка и женска конкуренција, ќе имаат можност да летуваат во Извидничкиот Центар во Охрид.
Се работи за прваците за учебна 2024/2025 во:
ракомет – жени ООУ ,,Кузман Шапкарев”;
ракомет – мажи ООУ ,,Кирил Пејчиновиќ”;
кошарка ООУ ,,Кузман Ј. Питу”;
одбојка ООУ ,,Партенија Зографски”
фудбал ООУ ,,Кирил Пејчиновиќ”
Спортот ги подобрува физичкото и менталното здравје на децата, но создава и другарства, дисциплина и тимски дух. Со обезбедување бесплатно летување не само што ги наградуваме нивниот труд и посветеност, туку и дополнително ја поттикнуваме спортската култура во училиштата.
Ова е дел од нашата стратегија за поддршка на младите и како општина ќе продолжиме со мерки што ќе овозможат уште поголема афирмација на спортот и негов развој во нашите училишта“, напиша на својот фејсбук профил градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Санкционирани 𝟣𝟧𝟦 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар минатата недела

ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 09.06. до 15.06.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 154 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
Герасимовски: Улицата Дебарца набргу со нов лик за побезбедно движење

Реконструкцијата на улицата Дебарца во Општина Центар влегува во завршна фаза. Поставен нов асфалтен слој на коловозот, а во тек е финалното уредување и прилагодување на тротоарите.
„Сообраќајот на Дебарца ќе се врати во нормала многу скоро. Улицата добива нов лик, а со тоа овозможуваме побезбедно и покомотно движење за сите што живеат и се движат тука,“ изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Се работи за потег долг 220 метри, каде што е обновена коловозна површина од 1.700 квадратни метри, а тротоарот се реконструира на површина од 1.000 квадратни метри.
Овој зафат е дел од поширокиот проект за унапредување на уличната инфраструктура во Центар, кој се реализира со поддршка од Владата во износ од 40 милиони денари, распределени за улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“.
Општина Центар продолжува со реализација на проекти што го унапредуваат секојдневието и го прават просторот пофункционален и поурбан за сите граѓани, соопшти Општината.