Свет
Зеленски му кажал на Трамп во Париз дека бара безбедносни гаранции за да се стави крај на војната
Украинскиот претседател Володимир Зеленски му рекол на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп на неодамнешната средба во Париз дека бара безбедносни гаранции за да се стави крај на војната со Русија, објави денеска Ројтерс, повикувајќи се на свои извори.
Зеленски се сретна со Трамп во француската престолнина во саботата, на 7 декември, за прв пат откако Трамп беше реизбран за американски претседател.
На состанокот, кој траеше 35 минути, а на кој не присуствуваа советници, Трамп ја повтори желбата за брз прекин на конфликтот и почеток на преговорите.
Зеленски посочи дека Украина не може да се согласи на примирје без соодветни гаранции, бидејќи, како што рече, Русија лесно може да го прекрши секој договор, како што тоа веќе го правеше во минатото, наведува Ројтерс.
Претседателот на Украина рече и дека дипломатското решение ќе спаси животи, но дека Украина не може да се согласи на мир без соодветни гаранции.
Иако немало конкретни предлози за мир, извор кажал дека Трамп е отворен да го слушне „секој детал“, пренесува Танјуг.
Зеленски и францускиот претседател Емануел Макрон, кој исто така беше присутен на средбата, се согласија дека американската поддршка е клучна за секое трајно решение, имајќи предвид дека рускиот претседател Владимир Путин ги смета „само Трамп, а можеби и Кина“ за сериозни противници на меѓународната сцена.
Макрон ја искористи можноста да му претстави на Трамп дека европските земји веќе одвоиле значителна помош за Украина и дека се подготвени овој товар порамномерно да го споделат со САД, додава агенцијата Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во руски напад на Павлоград загинаа 12 лица
Во нападот на руски дронови што утрово беше извршен врз градот Павлоград загинаа 12 лица, а ранети се седуммина, соопшти шефот на воената управа на Дњепропетровската област, Александар Ганжа.
– Непријателско беспилотно летало експлодираше покрај службен автобус на едно од претпријатијата во Павлоградскиот округ. Според прелиминарните информации, 12 лица загинаа, а седуммина се повредени, се наведува во објавата на Ганжа.
Во исто време во руско бомбардирање на градот Славјанск во Доњецката област утрово загина 43-годишна жена, а уште една е ранета.
– Загина 43-годишна жена, жителка на Краматорск. Мое искрено сочувство до нејзиното семејство и пријателите. Една мештанка е повредена, информира началникот на воената управа на Славјанск, Вадим Љах.
Тој потврди дека во нападот се оштетени 14 повеќекатници, три автомобили, филијала на Нова пошта и деловен центар.
Свет
Бројот на жртви во пожарот во Швајцарија се искачи на 41, меѓу жртвите и 18-годишно момче
Почина осумнаесетгодишно момче кое беше повредено во пожарот во барот во Кран-Монтана, соопшти денеска швајцарската новинска агенција Keystone-SDA, повикувајќи се на обвинителството.
Младиот швајцарски државјанин починал во болница во Цирих. Со неговата смрт, бројот на жртви од пожарот во барот „Le Constellation“ во швајцарскиот центар Кран-Монтана се искачи на 41 лице.
Пожарот избувна за време на забава за Нова година, на која присуствувале главно млади луѓе, откако прскалки го запалиле таванот. Пламенот брзо се проширил, а многу луѓе останале заробени во подрумот, не можејќи навреме да побегнат преку тесните скали.
Повеќе од 100 луѓе беа повредени, од кои околу 80 претрпеа тешки изгореници.
Јавното обвинителство води истрага за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди и предизвикување пожар.
Свет
Две лица загинаа во најновите руски напади со дронови врз Украина
Маж и жена загинаа во украинскиот град Днипро откако Русија изврши нов бран напади со дронови во текот на ноќта, соопштија денеска официјални лица.
Во нападот избувнал пожар, а една куќа е целосно уништена, изјави воената гувернерка Олександр Ханжа во објава на Телеграм.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија во текот на ноќта извршила вкупно 90 напади со дронови низ целата земја, од кои околу десетина завршиле со директни погодоци.
Нападите се случуваат во време кога руски и украински претставници денеска треба да се сретнат во Абу Даби на нови разговори за можен крај на војната.
Разговорите следуваат по слична средба одржана минатата недела, прва по подолга пауза, но овојпат без присуство на американски посредници.
Со цел создавање позитивна основа за разговорите, Русија го прифати барањето на американскиот претседател Доналд Трамп привремено да ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура, откако претходните напади врз електраните оставија илјадници луѓе без струја, греење и вода, при температури под нулата.
Според Кремљ, ограничениот прекин на огнот треба да трае до денеска.
Во меѓувреме, во Украина продолжуваат работите за обновување на снабдувањето со електрична енергија по вчерашниот прекин, предизвикан од дефект на далноводите.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека околу 1.000 домаќинства и натаму се без греење, откако тешкото руско бомбардирање ја оштети електроенергетската и топлинската инфраструктура на главниот град.

