Македонија
Пријавени злоупотреби при исплата на К-15 или регрес за годишен одмор
Во текот на вчерашниот ден пристигнале пријави за злоупотреба на исплатата на К-15 или регресот за годишен одмор во реалниот сектор, а само од пет големи компании во земјава, кои вработуваат над 2.000 работници. Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ изјави дека се јавуваат првите пријави за принудно потпишување на бланко листови од страна на работодавачите, кои пријавуваат дека работат со загуба.
„Овие работодавачи се обидуваат да го заобиколат законот и да исплатат К-15 во многу понизок износ – 2.000, 1.000, 500, па дури и 100 денари“, изјави Ампева. Според неа, овие дејства се злоупотреби кои го поткопуваат законскиот пропис, кој предвидува дека К-15 треба да биде 40% од просечната плата, но не наведува конкретен износ кој не смее да биде под тоа ниво.
Ампева истакна дека ова е единствениот начин да се запрат злоупотребите на сметка на работниците, кои се жртви на ваквите практики.
„Не можам да ги обвинам организациите на работодавачи бидејќи тие го бранат својот капитал“, додаде таа.
Таа смета дека казните за работодавачите се премногу ниски и дека единственото што државата може да направи е да поттикне Управата за јавни приходи (УЈП) да изврши контрола во компаниите кои пријавиле загуба, за да се утврди дали има злоупотреби со исплатата на регресот.
„Казните во време на претходната власт на работодавачите им дадоа ветер во грб за да ги кршат законите. Треба да се стави акцент на проверката на тие кои пријавуваат загуба, но истовремено некои од нив се купуваат нови автомобили, вили или станови, додека исплаќаат помала сума на регрес за годишен одмор“, истакна Ампева.
Во реалниот сектор, работниците треба да добијат К-15 во износ од 16.800 денари, додека вработените во администрација треба да добијат 11.000 денари. Исплатата на К-15 е предвидена да биде завршена до крајот на годината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на Ѓавато и во Крушево
Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри утрово има на планинскиот премин Ѓавато и Крушево, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Министерот Стоилковиќ објави видео од канцеларија со импровизирани кревети во кои работеле службеници од ДУИ
Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, објави снимка на социјалните мрежи на која, според него, е прикажана канцеларија во неговото Министерството, а во која биле службеници од ДУИ кои биле отпуштени на 24 декември.
„Ова е канцеларијата во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што го гледате, во која „работеа“ вчера отпуштените службеници кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирањето на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку!“, напиша Стоилковиќ.
ДУИ претходно обвини за дискриминација поради тоа што од Министерството биле отпуштени седуммина Албанци.
Македонија
Променливо облачно време со сончеви периоди, температура до 10 степени
Утрото ќе биде облачно, во крајните југозападни делови ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Во текот на денот ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во текот на денот со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Следува период на стабилно и студено време со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).

