Спорт
(Видео) Баерн падна во Мајнц, Леверкузен победи во Аугсбург, прекинат натпреварот во Берлин

Фудбалерите на Баерн Минхен во 14.коло го доживеаја првиот пораз во Бундес лигата оваа сезона. Лидерот на табелата падна во Мајнц, му пресудиа Кореецот, Ли Јае-сунг. Киксот на Баерн го искористи актуелниот шампион Баер Леверкузен и со триумфот во Аугсбург ја намали предноста на Баерн на четири бода.
Мајнц кој минатата сезона во финишот на сезоната избори опстанок, оваа игра одлично. Против Баерн ја забележа шестата победа и скокна на шестото место на табелата.
Два пати Сунг ги шокира Баварците, во 41. и 60.минута. Поразот на баерн само го ублажи Сане во 87.минута.
Актуелниот шампион Баер Леверкузен, во Агсбург, за едно полувреме ја обезбеди победата. Првиот гол го постигна Терие во 14., а вториот Вирц во 40.минута.
Борусија Менхенгладбах убедливо го победи Кил со 4:1, а натпреварот Унион Берлин-Бохум е прекинат во 80.минута при резултат 1:1, кога голманот на гостите Партик Друс беше погоден во глава со предмет фрлен од трибините.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Синер отпушти двајца од тимот бидејќи „премногу зборувале“

Италијанскиот тенисер Јаник Синер направи неочекуван потег пред почетокот на Вимблдон, со одлуката да отпушти двајца клучни членови на својот тим.
Пред третиот Гренд слем турнир во сезоната, Синер се раздели со Марко Паники и Улисес Бадија, кои претходно работеа со Новак Ѓоковиќ.
Според информациите што ги објави италијанскиот „Кориере дела Сера“, пресудиле „долгите јазици“ и непочитувањето на правилата за однесување на медиумите.
Паники наводно често давал изјави без претходна согласност, што, според Италијанците, почнало да го привлекува вниманието на медиумите повеќе од самиот Синер, а слична замерка добил и Бадија.
Наводно се кулминирало по инцидентот што се случил за време на тренингот во Хале, каде што Бадија по еден облог му викнал на Синер: „Твој ред е да јадеш го..а“.
Иако сè било шега, ваквото однесување било неприфатливо за Италијанецот.
Паники и Бадија беа ангажирани минатата есен, откако нивните претходници беа вмешани во допинг скандалот, поради кој Синер се нагоди и мораше да паузира три месеци.
Синер официјално не се огласи во врска со целата ситуација. Синер ќе ја започне својата кампања на Вимблдон во вторник против сонародникот Лука Нарди.
Спорт
Клоп: Клупскиот Мундијал е најлошата идеја досега, следната сезона ќе има повреди како никогаш досега

Јирген Клоп, поранешен тренер на Борусија Дортмунд и Ливерпул и сегашен шеф на светскиот фудбалски оддел на Ред Бул, во интервју за „Ди Велт“ жестоко го критикуваше Светското клупско првенство, кое моментално се игра во САД.
„Светското клупско првенство е најлошата идеја што некогаш е имплементирана во фудбалот. Луѓе кои никогаш немале никаква врска со секојдневната работа се задолжени да носат одлуки. Ги разбирам оние што велат: „Но учеството носи луди суми пари“. Сепак, ова не важи за секој клуб. Минатата година се играа Копа Америка и Европското првенство, оваа година е Светското клупско првенство, а следната година Светското првенство.
Ова значи дека играчите учесници немаат вистинско закрепнување, ниту физички ниту ментално. Секако, сите заработуваат многу пари. Но, да го оставиме тоа настрана за момент. Играч во НБА, кој исто така заработува многу пари, има четири месеци одмор секоја година. Вирџил ван Дајк никогаш во целата своја кариера немал таков одмор. Турнири како Светското клупско првенство не можат да се играат на сметка на играчите. Не му го посакувам тоа на никого, но сериозно сум исплашен“, рече Клоп и продолжи.
„Можеби сè уште не секој го препознал вистинскиот проблем – дека следната сезона играчите ќе имаат повреди какви што никогаш порано немале. Ако не оваа сезона, тогаш тоа ќе се случи на Светското првенство или по него. Постојано им велиме да играат секој натпревар како да им е последен. Тоа им го кажуваме 70 или 75 пати годишно.
Но, не може да продолжи вака. Мораме да им дадеме одмор, бидејќи ако не го добијат, нема да можат да испорачаат врвни перформанси на долг рок, а ако повеќе не можат да го прават тоа, целиот производ губи вредност за оние што го продаваат. Еднаш имав две и пол недели подготовки во кои сите играчи ми беа достапни. Две и пол недели – а потоа игравме практично на секои три дена во текот на целата година. Тоа е брутално.“
Спорт
Каратистите на „Макпетрол“ на Светската младинска лига во Хрватска: Данило Божовиќ освои петто место

Светската Карате 1 Младинска лига од 26 до 29 јуни се одржува во хрватскиот град Пореч, а меѓу учесниците се и членови на клубот „Макпетрол“. На овој глобален турнир настапуваат 3,225 каратисти со 3,326 натпреварувачки влезови од 78 држави. Претставникот на скопската екипа, Данило Божовиќ (+84 кг.), не успеа да победи во борбата за бронзен медал, односно го освои петтото место.
Во елиминацискиот дел Божовиќ имаше една победа и еден пораз, подоцна успеа да влезе во репасажните борби и со уште две последователни победи влезе во директен натпревар за бронзен медал. Имаше предност, но загуби од турскиот репрезентативец. До мечот за бронзен медал тој ги оствари следниве резултати во борбите против: Алексенко Артем (Украина) 5-1, Секот Никола (Германија) 0-3, Рисцилиони Јонатан (Италија) 1-0, Рами Наитхам (Франција) 3-2 и Ај Ајберк (Турција) 2-5.
Втората каратистка која настапи во највозрасната младинска категорија на У21, забележа една победа и еден пораз. Во категоријата под 61 килограм, Јована Мицовска со Сара Шријал (Австрија) оствари резултат 0-0, додека беше поразена со 5-1 од Ника Бешлија (Хрватска) 1-5. Каратистите на „Макпетрол“ ги предводеше тренерот Петар Заборски
„Бевме многу блиску до освојување бронзен медал. Данило во репасажниот дел имаше три тешки и неизвесни борби, со само три минути борбите одеа една по друга. Иако имаше бодовна предност во одлучувачката борба за бронзениот медал не издржа до крај со претставникот на Турција, Ај Ајберг и загуби со резултат 2-5. Оваа светска лига е големо искуство за овој млад и талентиран спортист кој оствари навистина висок пласман“, рече тренерот Заборски.