Економија
Над 900 производи со пониски цени до 15 јануари

Со стартот на акцијата „Новогодишна кошница“, граѓаните ќе имаат можност да купат повеќе од 900 производи по намалени цени од најмалку 10 проценти. Акцијата, која е иницирана од Владата, ќе трае до 15 јануари и опфаќа разновидни производи, меѓу кои се леб, месо, млеко, овошје, зеленчук, кондиторски производи и пијалаци. Овие производи ќе бидат јасно обележани со налепницата „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, што е официјалното лого на оваа кампања.
Првично, акцијата беше најавена со 600 производи, но бројката значително се зголеми на 900 производи благодарение на интересот на компаниите. Според заменик-министерот за економија Марјан Ристески, вкупно 83 компании веќе се приклучија кон оваа иницијатива.
„Интересот за акцијата е голем, а граѓаните ќе имаат можност да купуваат производи со значително пониски цени за празниците. Апелирам компаниите доследно да ја почитуваат иницијативата која самите ја предложија,“ напиша Ристески на своите социјални мрежи, додавајќи дека доколку има неправилности, граѓаните можат да се обратат до Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
ДПИ веќе започна со мониторинг на цените за да се осигура дека трговците ќе се придржуваат кон намалувањето од 10 проценти. Според извештаите, инспекторите ги следат цените на производите од акциската листа и нивните најниски вредности во последните 30 дена, со цел да се спречат евентуални злоупотреби.
Владата уверува дека акцијата ќе има позитивен ефект врз семејниот буџет. Премиерот Христијан Мицкоски изрази оптимизам, нагласувајќи дека акцијата е резултат на заеднички договор меѓу Владата, стопанските комори, производителите и трговците.
„Очекуваме оваа мерка да придонесе за побогата празнична трпеза на граѓаните. Акцијата е доброволна, а нашата улога е да обезбедиме нејзина транспарентност и почитување од страна на трговците“, истакна Мицкоски.
Сепак, синдикатите остануваат критични. Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) предупредија дека ќе следат дали намалените цени ќе останат стабилни за време на акцијата и по нејзиното завршување. Според нив, синдикалната минимална кошничка ќе биде главен индикатор за ефективноста на оваа мерка.
Во ноември годинава, трошоците за живот пораснаа за 4,3 проценти во споредба со истиот период лани, а цените на мало се зголемија за 4 проценти, според Државниот завод за статистика. Со оглед на зголемените цени, Владата планира слични акции и за другите големи празници, како што се Велигден и Рамазан.
Покрај акциите, Законот за нефер трговски практики кој стапи во сила во септември, дополнително ги ограничува профитните маржи на околу 2.500 производи, со цел трајно намалување на цените. Трговците, според законот, нема да смеат да наплаќаат дополнителни трошоци за маркетинг или репрезентација, што треба да донесе дополнителни олеснувања за потрошувачите.
Синдикатите и Владата повикуваат трговците да покажат општествена одговорност и да не ја злоупотребуваат акцијата. Доколку се утврдат неправилности, ќе се разгледаат и ригорозни казнени мерки. Граѓаните се охрабруваат да пријавуваат било какви злоупотреби преку бесплатниот телефон 191 или на веб-страницата на ДПИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Владата нема да ги толерира триковите на трговците ако ги зголемат цените без основа

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека будно се следи состојбата со цените и најави дека Владата ќе реагира доколку се утврдат непринципиелни однесувања кај трговците, посочувајќи дека мерки ќе бидат донесени доколку е потребно.
„Состојбата со цените апсолутно ја следам одблиску, реков дека нема да толерирам трикови, внимателно следиме што се случува во маркетите и се разбира, доколку има одредени непринципиелни однесувања што јас ги нарекувам трикови, ќе делуваме. Инаку, имаме во план да носиме мерки со кои јавноста ќе биде запознаена благовремено“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на манифестацијата „Од нива до трпеза“ во општина Аеродром.
Тој најави дека Владата ќе го разгледа Извештајот на Државниот пазарен инспекторат кој се однесува на состојбата со цените по завршувањето на владините мерки, по што ќе излезе со официјален став во јавноста.
Во однос на цените на овошјето, премиерот истакна дека покачувањето кај црешите и јаболките е резултат на неповолните временски услови, и најави дека намалениот род ќе влијае на понудата.
„Нивната цена не е 500 денари, туку од 200 до 300 денари по килограм, но и тоа е многу. Тоа е така поради студот, тоа што беше елементарна непогода за црешите, истото го афектираше и ресенското јаболко. Иако оваа година очекувавме и таму голем род, за жал тоа нема да се случи, ќе биде преполовено, ако не и трипати намалено поради неколкуте недели кога имаше ниски температури. Ретка е понудата на трпезата, очекувам истото да се случи и со јаболката кога ќе дојде редот“, изјави Мицкоски.
Од друга страна, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, изјави дека нема драстично зголемување на цените на основните прехранбени производи, и уверува дека пазарните инспектори ја следат состојбата низ целиот синџир – од производство до продажба.
„Нема драстично зголемување на цените во делот каде што ние сме надлежни, во делот на прехранбени основни производи. Секој месец Државен пазарен инспекторат ќе биде на терен, ќе гледа, и ако случајно се случува да имаме зголемување енормно без економска оправданост од трговците, нормално дека ќе донесеме пак одлуки. И тоа сум го кажал и во други изјави – ќе донесеме поригорозни мерки од тие што сме ги презеле досега“, рече Дурмиши на новинарско прашање во Тетово, каде присуствуваше на настан за промоција на Оперативниот план за вработување за 2025 година.
Министерството за економија и труд на 20 февруари предложи мерка што Владата ја изгласа, со која беа ограничени маржите за 100 групи производи, а замрзнати цени за осум артикли. Мерката траеше до 30 април, по што започна мониторинг на цените во цел месец мај.
Економија
Од идеја до бизнис со помош на државата, Владата обезбеди 40 милиони евра

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска престојуваше во Тетово каде што оствари работна посета и средба со граѓани, локални претприемачи и претставници на институции. Целта на посетата беше директна презентација на активните мерки за вработување кои се предвидени со Оперативниот план за 2025 година.
Овој план, кој се спроведува преку Агенцијата за вработување, е една од клучните алатки на Владата за зголемување на вработеноста и поттикнување на претприемништвото. За неговата реализација, во 2025 година се издвоени над 40 милиони евра, што претставува највисок досега буџет наменет за оваа цел.
„Преку Оперативниот план за вработување, државата првпат системски пристапува кон решавање на невработеноста – не само преку финансиска помош, туку и со структурна поддршка, менторство и обука. Граѓаните добиваат реална можност да започнат сопствен бизнис, да креираат работни места и да придонесат во локалната економија“, истакна министерот Дурмиши.
Во рамки на Планот за 2025 година, активни се три главни мерки за самовработување:
Мерка 1.1 – Финансиска поддршка до 7.000 евра за лица постари од 29 години кои сакаат да отворат сопствен бизнис. За работодавачите кои ќе вработат лице со попреченост, се предвидува дополнителна поддршка од 4.000 евра.
Мерка 1.2 – Поддршка до 10.000 евра за млади лица до 29 години кои имаат одржлива и иновативна бизнис-идеја.
Мерка 1А – Поддршка до 20.000 евра за формирање на заеднички бизнис од страна на најмалку две невработени лица.
Сите мерки се спроведуваат преку интегриран пристап, кој опфаќа: идентификација на потреби, професионално советување, обука, развој на бизнис-план, административна поддршка и менторство во првите 12 месеци од работењето.
„Наша цел е да изградиме економија базирана на знаење, иницијатива и локален развој. Овие мерки не се само финансиски поттик – тие се платформа за личен и професионален напредок. На младите не им велиме само да останат тука – туку им даваме услови за да успеат“, нагласи министерот Дурмиши.
Во рамки на теренската комуникација, министерот ќе продолжи со посети во повеќе општини – Гостивар, Кичево, Липково, Сарај и други – со цел директно информирање и вклучување на граѓаните во овие програми.
Аплицирањето за мерките веќе е започнато, а до крајот на вчерашниот ден се регистрирани над 2.500 апликации.
Економија
Мицкоски: Земјоделците се херои на денешницата, Владата останува посветена на нивната поддршка

На манифестацијата „Од нива до трпеза“, која денеска се одржува во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски упати јасна порака за поддршка на македонските земјоделци, нагласувајќи дека Владата силно се залага за развојот на земјоделскиот сектор и поддршка на оние кои го одржуваат аграрот жив.
„Македонија има потенцијал – и тоа не е празна фраза, туку фактичка состојба. Имаме сонце, имаме вода, имаме плодна почва, но најважно од сè – имаме луѓе. Луѓе кои не се плашат да станат рано наутро, да ги извалкаат рацете во кал, да работат до доцна навечер. Тие се тивките херои на нашето време. Тие се темелот на нашата економија, чуварите на традицијата и креаторите на иднината“, изјави премиерот.
Мицкоски подвлече дека земјоделството е еден од стратешките приоритети на Владата, наведувајќи дека во последните 11 месеци биле исплатени повеќе од 8 милијарди денари за субвенции и други форми на финансиска помош за земјоделците.
„Ова не се празни ветувања – ова се мерливи резултати. Тие говорат за нов пристап, нова енергија и визија со која сакаме да го издигнеме земјоделството, да ги поттикнеме младите генерации да се вклучат во овој сектор, и пред сè – да ја зајакнеме довербата кај секој земјоделец“, рече премиерот, апелирајќи до граѓаните да избираат македонски производи и со тоа директно да го поддржат домашното производство.
На манифестацијата учествуваат 25 општини од целата земја, претставувајќи уникатни традиционални производи како што се домашни вина, печива, мед и рачни изработки.
Настанот е во организација на здружението „Наша традиција, наша иднина“, со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Главната цел е да се истакне богатството на македонската традиционална храна и да се промовира руралниот туризам како ресурс со сериозен економски и културен потенцијал.