Топ
Терористичка група откриена во Македонија, приведени четворица по акција на полицијата и меѓународните партнери
Во координирана полициска акција спроведена утрово во Струга и Гостивар, приведени се четири лица под сомнение дека се дел од терористичка организација. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека акцијата била изведена по наредба на Обвинителството за гонење организиран криминал и висока корупција, како и по налог на судија на претходна постапка.
Според Тошковски, приведените лица подолг период биле следени од надлежните безбедносни органи, во соработка со меѓународни партнери. Тие се осомничени дека, заедно со лица надвор од територијата на Македонија, планирале активности кои би ја загрозиле безбедноста на државата и на други земји.
„Имаме цврсти докази кои го поткрепуваат основаното сомнение дека осомничените работеле на индоктринирање на лица од Балканот, со цел организирање на активности кои би довеле до несакани последици“, изјави Тошковски.
МВР веќе поднело кривична пријава против приведените лица, кои се македонски државјани. Тие ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во текот на денот, додека истрагата продолжува.
„Кривичното дело за кое е поднесена пријава е терористичка организација, а мотивите се поврзани со поддршка на екстремистички и религиозни групи“, истакна Тошковски.
Министерството за внатрешни работи ја нагласува важноста на превентивните мерки и меѓународната соработка во откривање и спречување на вакви активности, за да се заштити националната и регионалната безбедност.
Од Основното јавно обвинителство информираа дека денешната акција во Струга и Гостивар сѐ уште е во тек. Според нив, по издадена наредба од обвинителството, Министерството за внатрешни работи продолжува со теренски активности, извршување претреси и прибирање докази.
„Кривичната пријава за осомничените лица се очекува да биде поднесена во текот на вечерта. Повеќе детали околу акцијата ќе бидат соопштени утре“, наведуваат од Обвинителството.
Оваа акција, која се реализира со координација на повеќе институции, има за цел спречување на активности кои би можеле да ја загрозат националната и регионалната безбедност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За една недела, 4.991 прекршок преку системот „Безбеден град“, најмногу за брзо возење
Во периодот од 02.02.2026 до 08.02.2026 од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.991 прекршок, од кои 641 мерка за сторен прекршок од страна на возачи кои управувале возило со странски регистарски ознаки, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената – 4.674, потоа за минување на црвено светло – 163, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 154 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 288 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 163 се за минување на црвено светло, а 125 се за брзо возење.
Во рамки на предвиденото дозволено отстапување во брзината на движење толерирани се 22.434 возила.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за посигурни и побезбедни патишта.
Топ
Кривична пријава за сопственик на фирма од Охрид по смртта на негов вработен, не му обезбедил соодветна обука
СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.М.(43) од Охрид и против правен субјект со седиште во Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на правата од работен однос“.
Според информациите од МВР, пријавениот С.М. во својство на сопственик и управител во правниот субјект, свесно не се придржувал кон одредбите од Законот за засновање на работен однос и во правното лице, уредно не го пријавил и не извршил работничко осигурување на сега починатиот работник К.Љ. од Охрид, со што му ги одзел и ограничил правата што му припаѓале.
„С.М. дозволил пристап на сега веќе починатиот работник, на работно место кое е изложено на сериозни и специфични опасности, без притоа да добие посебни упатства за работа, односно дозволил да извршува работни задачи како помошник монтер, без притоа да изврши основна обука од областа на безбедност и здравје при работа и без соодветен здравствен преглед во здравствена ординација по медицина на трудот“, се наведува во соопштението.
Македонија
ОЈО ГОКК: Се разменуваат информации со српското обвинителство за да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната
Во рамките на опсежната акција што се спроведува изминатиот период, а во која до сега се запленети над 40 тони марихуана од повеќе правни лица на територијата на државата, обвинителството ја информира јавноста дека континуирано презема активности во соработка со Министерството за внатрешни работи и Комисијата за одобрување на одгледување на канабис за медицински цели, во рамките на Министерството за здравство.
Постапувањето се одвива во континуирана координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и со други јавни обвинителства со месна и стварна надлежност, кои постапуваат по предмети за кривични дела утврдени во Законот за контрола на опојни дроги.
Во насока на целосно утврдување на фактите и околностите, предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е во комуникација со Обвинителството за организиран криминал на Република Србија, со цел размена на информации од значење за постапката што ќе помогнат да се утврди евентуална поврзаност на двата случаи и потеклото на марихуаната. Воедно, јавниот обвинител од ОЈО ГОКК презема и други дејствија согласно своите законски надлежности, вклучително и сослушување лица во својство на сведоци, со цел прибирање докази и факти релевантни за постапката.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со надлежните институции, продолжува со преземање на дејствија за целосно расчистување на случајот, за што јавноста ќе биде навремено информирана.

