Македонија
Таравари ќе ги пофали перфектните директори на болници, а ќе ги смени оние што ќе бидат оценети како слаби
Министерот за здравство Арбен Таравари подготвува измени за раководниот кадар на јавните здравствени институции. Најавува дека е ги смени директорите што ќе бидат оценете како слаби, а ќе ги пофали перфектните.
„Има перфектни, одлични, многу добри и слаби директори. Секогаш кога ќе направите избор од 150 раководни кадри во јавните здравствени установи, некои ќе бидат многу добри, некои се слаби. Ние како Министерство ги анализираме перформансите на директорите и нормално е дека таму кај што не се раководи баш како што треба, би требало да направиме промени, меѓутоа дозволете ни време за да имаме основи и факти за некои од директорите дека, генерално, не функционирале добро. Оние што функционирале многу добро и перфектно треба да ги пофалиме, да ги кажеме. И се гледа по работите, гледате каде одиме и веќе промовираме одредени работи, од ништо прават нешто. Тоа е за пофалба“, рече министерот Таравари.
За да каже кого ќе пофали, а кого ќе смени, Таравари побара уште време оти не сака да зборува паушално иако и од здравствените работници секојдневно добивал информации дека во одредени болници, здравствени домови, клиники има незадоволство од она што некои директори не се однесуваат баш како што треба. Таравари смета дека директорите треба да бидат диригенти на екипа која треба да функционира подобро за пациентите, кои се центар на вниманието во здравството, да бидат задоволни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Под истрага 18 членови на „Беланоца – Барон“: плаќале од 10.000 до 250.000 евра за убиство
Неколкумесечната предистражна постапка што ја спроведуваше јавен обвинител со Истражниот центар од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и МВР, вчеравечер резултираше со акција во која е разбиена криминална група, а која беше спроведена заедно со полициски службеници од МВР на подрачјето на општините Чаир, Арачиново, Шуто Оризари, Бутел и Студеничани. По барање на јавниот обвинител, а врз основа на Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје до утринава извршени се претреси на 30 локации и притоа се пронајдени поголем износ на пари, злато, огнено оружје и други предмети, а од слобода се лишени четири лица, додека едно лице само се пријавило во полициска станица. Единиците на МВР и армијата на РСМ се уште постапуваат на неколку локации во насока на пронаоѓање на доказен материјал и предмети што ќе помогнат во расветлување на случајот.
Предметниот јавен обвинител денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 18 лица за кои постои основано сомневање дека 14 лица како нарачатели, помагачи или директни извршители сториле кривични дела Убиство, од нив 12 лица се осомничени и за кривично дело Злосторничко здружување, додека петмина и за кривично дело Тешки дела против општата сигурност. Останатите четири лица се товарат за кривично дело Изнуда.
Според описот во диспозитивот на наредбата, првоосомничениот кој во моментов е на издржување на казна затвор, заедно со уште четири лица од кои две се во притвор, едно лице e лишено од слобода, a едно лице e починато, создале група со цел извршување на кривично дело убиство. Припадници на групата станале останатите осомничени, други неидентификувани лица и сега починати лица. Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки кој, каде, кога и на каков начин ќе биде ликвидиран. Притоа, одлуките ги спроведувале лично или преку други припадници на групата плаќајќи од 10.000 до 250.000 евра за убиство. Па така, во име на поддршка на радикалното движење во РСМ или заради безобзирна одмазда кон лица од спротивставена криминална група во периодот од 2020 до 2024 година во шест кривично правни настани лишиле од живот осум лица, три лица биле тешко повредени, а на три лица животот им бил во опасност.
Прибраниот доказен материјал упатува и на кривично правен настан од 2016 година кога првоосомничениот заедно со уште две лица извршиле убиство во с. Сингелиќ.
Оваа група од почетокот на 2023 година до октомври 2024 година дејствувајќи според поделени улоги со намера да прибават значителна имотна корист во повеќе наврати извршила и кривично дело Изнуда. Искористувајќи исти прилики дел од членовите на групата преземале повеќе дејствија и на особено насилен начин и сериозна закана, како и со опожарување на повеќе објекти на територија на Град Скопје изнудувале парични средства на месечно ниво, но барале и исплата на поголеми парични износи еднократно.
Од прибраниот доказен материјал произлезе дека еден од организаторите на групата кој е на издржување на казна затвор во период од јуни 2022 година до април 2023 година со умисла поттикнал на извршување на кривично дело Тешки дела против општата сигурност, бидејќи од страна на полициски службеници бил оневозможен да извршува кривични дела поврзани со лихварство и продажба на дрога во затворот. Па така, во три наврати поттикнал лица кои опожариле три возила на полициски службеници предизвикувајќи штета од поголеми размери.
Надлежниот јавен обвинител ценејќи дека се исполнети условите за четворицата лишени од слобода до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе поднесе предлог за определување на мерката притвор, додека тројца од осомничените се на издржување на затворска казна, а две лица се во притвор за кривични дела од други кривично правни настани. Лицето кое само се пријави во полициска станица е со претходно определени мерки за кривично правен настан за кој се сомничи. За двајца осомничени се распишани меѓународни потерници од претходно, а шестмина се недостапни на органите на прогонот, од кои еден е недостапен од претходно.
Македонија
Николова: Со измени на Законот за основно образование владата ги дискриминира педагозите и децата со попреченост
Измените на Законот за основно образование јасно потврдуваат дека режимот се враќа побрзо од очекувањата. Во измените на законот за основно образование е оспорена компетентноста на педагозите за реализација на наставниот процес во одделенската настава и продолжениот престој на учениците во основното училиште, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната седница на Собранието.
– Досега, во јавноста и во стручната фела не е кажана ниту една причина зошто педагогот како профил не е соодветен за негова вклученост во наставниот процес и продолжениот престој во основното училиште. За овој проблем сите пратеници добија реакција од професорите од Институтот за педагогија при УКИМ. Со ова се делегимитира и статусот на голем број педагози кои веќе се вработени и реализираат настава и продолжен престој во основните училишта. Исто така, со предложените измени се проблематизираат и одлуките на голем број студенти што се определиле да студираат педагогија и ваквиот потег со измените на законот значат дискриминација за нив, рече Николова.
Таа потенцираше дека уште повеќе загрижува фактот што Министерството го користи законот да направи измени на штета на инклузијата на децата со попреченост во образованието. Во однос на инклузијата на децата со попреченост во образованието, спротивно на Конвенцијата за правата на детето, во предлог законските измени родителот е определен како страна која треба да го има последниот збор во однос на најдобриот интерес на детето.
– Секако родителот не смее да е исклучен од процесот на определување најдобар интерес на детето но, согласно Конвенцијата, потребно е да учествуваат и стручни лица од областа на образованието, социјалната и здравствената заштита. Ваквиот начин на организирање на инклузијата значи враќање назад речиси една деценија. Сето она што е вложено во напредокот на овој процес, само со една интервенција во Законот за основно образование ќе предизвика штета која долгорочно ќе ја чувствуваат децата со попреченост. Ова може да значи повторно враќање во специјализирани училишта и оставање на децата со посебни потреби на маргините на општеството, рече Николова.
Наместо подигање на свест за овие сензитивни прашања, Владата одлучува да постапи со непопуларни мерки кои го уназадуваат целиот процес. Одбивањето за јавна расправа во однос на сите законски решенија кои сега се ставени на дневен ред, покажува дека Владата и пратениците од владејачкото мнозинство не чувствуваат потреба да ја слушнат јавноста, стручната фела, засегнатите страни.
– Нивното заложување за транспарентност остана само како предизборно ветување кое нема да се реализира и станува дел од низата лаги кои станаа секојдневие во практикувањето на власта на оваа Влада, рече пратеничката на СДСМ, Даниела Николова.
Македонија
Мицкоски: Имам сознанија за вмешаност и на други поранешни високи државни функционери за криминал во Државна Лотарија
Од оние информации кои располагам, знам дека постојат основани сомневања за криминал во Државна Лотарија од поедини поранешни високи владини функционери од минатите состави на Владата и има истрага, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција.
„Имам некакви начелни информации, но би се воздржал од коментар додека не дојде начелно соопштение од МВР. Претходно кажавме дека ќе има силна борба против организираниот криминал. Можам да кажам дека тој процес започна со елиминирање на условна терористичка келија, за кои има сомневање дека имале намера да прават акции да ја загрозат безбедносната ситуација, но имаа поврзаност со келии во регионот. Имаше информации во текот на ноќта за акција на МВР во одредени средини каде што постојат основани сомненија дека се наоѓаат сторители на многу кривични дела кои се случиле во минатото“, посочи Мицкоски.
Тој им се извини на граѓаните кои биле сведоци на непријатностите, но вели дека постоеле основани сомненија и затоа таа полициска акција морало да се случи.
„Верувајте многу од случаите од минатото ќе бидат откриени и обелоденети“, додаде Мицкоски.