Свет
Песков: Украина продолжува да ги одбива преговорите со Русија
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Украина продолжува да ги одбива преговорите со Русија, а Москва останува подготвена да ги продолжи преговорите врз основа на договорот од Истанбул од 2022 година.
Песков посочи дека е премногу рано да се зборува за распоредување мировни сили во Украина, што го пренесоа некои медиуми, пренесе „РИА новости“.
„Знаете дека засега украинската страна одбива какви било преговори. Всушност, самиот претседател Володимир Зеленски ги забрани овие преговори со документи“, им рече Песков на новинарите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Падна германката влада
Германскиот канцелар Олаф Шолц, очекувано, го загуби гласањето за доверба, што го отвори патот за предвремени избори на 23 февруари. Од вкупно 717 гласови, доверба на Шолц му изразиле 207 пратеници, 394 гласале против, а 116 биле воздржани. На Шолц му беа потребни 367 гласа за доверба за да го „преживее“ гласањето.
„Дојдовме до крајот на агендата, но и до крајот на коалицијата на семафорите“, рече претседателот на Бундестагот Бербел Бас, користејќи го прекарот за сега распуштената трипартиска коалиција.
Шолц реагираше на резултатите со насмевка, ракувајќи се со вицеканцеларот Роберт Хабек.
Канцеларот сега ќе оди во палатата Белви во Берлин за да побара од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер да го распушти парламентот и да распише избори.
Резултатот од гласањето беше очекуван бидејќи владата на Шолц повеќе нема мнозинство во парламентот.
Социјалдемократот Шолц поднесе барање за гласање доверба три години откако неговата трипартиска владејачка коалиција ја презеде функцијата во 2021 година.
Овој потег уследи по неколкумесечни жестоки внатрешни борби за економската политика и буџетот за 2025 година, особено со помалиот коалициски партнер Слободната демократска партија (ФДП).
Откако на почетокот на ноември канцеларот одлучи да го разреши тогашниот министер за финансии Кристијан Линднер од ФДП, партијата ја напушти коалицијата, оставајќи го Шолц во малцинска влада со Зелените.
Свет
Путин: Западот ја турка Русија на црвената линија, Москва мора да одговори на тоа
Рускиот претседател Владимир Путин денеска на колегиумот на Министерството за одбрана на Русија изјави дека воено-политичката ситуација во светот останува тешка и нестабилна, дека „Западот ја турка Русија на црвената линија“ и дека Москва не може, а да не одговори на тоа.
Путин рече дека крвопролевањето продолжува на Блискиот Исток и дека САД продолжуваат да ја поттикнуваат ескалацијата на конфликтот во Украина со испраќање оружје, пари и платеници.
Путин посочи дека земјите-членки на НАТО ги зголемуваат буџетите за одбрана, пренесе РИА Новости.
Свет
Французинот кој донесе десетици мажи да ја силуваат сопругата: Те молам, прости ми
На последниот ден од судењето, Французинот, кој донесе десетици мажи да ја силуваат неговата сопруга, Доминик Пелико, му се обрати на семејството и се извини и постојано бараше прошка од неговата сега веќе поранешна сопруга, неговите три деца и седумтер внуци.
„Се каам што направив и што сè претрпеа поради мене. Никогаш нема да можам да го вратам долгот кон моето семејство“, рече Пелико додавајќи дека губењето контакт со неговото семејство е полошо од затворот. Тој му рекол на своето семејство: „Ве сакам, остатокот од мојот живот е во ваши раце. Ова е последен пат да барам да ми простите“.
Доминик Пелико призна дека ја дрогирал својата сопруга меѓу 2011 и 2020 година и дека поканил повеќе од 70 непознати да ја силуваат и сексуално да ја малтретираат во нивниот дом во селото Мазан на југот на Франција. Државниот правобранител побара да му биде изречена максимална казна од 20 години.
На обвинителна клупа со него се 50 мажи обвинети за силување или сексуално малтретирање на Жизел додека таа била во несвест. Нејзиниот сопруг ставал лекови против анксиозност и апчиња за спиење во нејзиното вино и во храната.
Судијата потврди дека против Пелико е побарана максимална казна затвор од 20 години, а за другите обвинети, кои до шестпати го посетиле домот на Пелико, се барани казни од 10 до 18 години. Еден обвинет, кому му се судеше за сексуална злоупотреба, се соочува со минимална казна затвор од 4 години.
По завршувањето на рочиштата, судот ќе ја прекине расправата, а пресудата, која со нетрпение се чека, ќе биде објавена најрано во четврток.
Ова судење, кое разоткри децениска систематска злоупотреба, веќе се оценува како едно од најважните судења во историјата на француското правосудство. Пресудата може да послужи како преседан за слични случаи и дополнително да го обликува социјалниот дијалог за сексуалното насилство и правдата.