Свет
Детали за бегството на Башар ал-Асад: Со приватен авион побегнал од Сирија, но не стигнал до Москва

Додека бунтовниците го опседнаа Дамаск, беше јасно дека на владеењето на Башар ал-Асад му дојде крајот, а потоа Москва реши да интервенира и да го извлече својот долгогодишен соработник од Сирија на безбедно. Башар ал-Асад, без да каже никому за своите планови, се качи на приватен авион на аеродромот во главниот град во раните утрински часови на 8 декември, анализира „Дејли мејл“.
Авионот полетал во правец на Медитеранот пред да исчезне од радарот. Сомненијата се дека пилотите го исклучиле транспондерот кој постојано ги следи летовите и испраќа извештаи каде се наоѓа леталото. Авионот исчезнал набргу откога извршил полукруг и се упатил над градот Хомс, очигледно на пат кон руската воздушна база Хмејм, која се наоѓа во градот Латакија на североисток, пишува „Дејли мејл“.
Се верува дека приватниот авион на сирискиот претседател потоа слетал во руската база, каде што Асад бил префрлен во руски воен авион, кој потоа летал под радарот сè до Москва.
Најблиските членови на неговото семејство, неговата сопруга Асма и трите возрасни деца, веќе го чекале во Русија, каде што Владимир Путин им даде азил.
Неколку часа по бегството, бунтовниците го зазедоа Дамаск и изјавија дека „Сирија е ослободена од тиранот“.
Бегството на сирискиот претседател и неговото семејство доведе до ненадеен колапс на владеењето на династијата Асад, која владееше со земјата половина век. Само Башар ал-Асад владееше 24 години. Во исто време заврши и крвавата 13-годишна граѓанска војна.
Бунтовниците упаднаа во палатите и приватните домови на Асад, а ограбувачите ги зедоа нивните набрзина напуштени работи и му ги изложија на светот елементите на раскошниот приватен живот на сирискиот претседател.
Во целата куќа можеа да се најдат семејни фотографии, скапа облека, но и луксузни автомобили и многу повеќе, стои во написите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон по осудата на Ле Пен: Судството е независно, сите граѓани имаат право на жалба

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека судството е независно и дека сите граѓани имаат право на жалба, пренесува БФМ ТВ.
Макрон потсети на три факти поврзани со убедувањето на лидерката на крајнодесничарската партија Национален собир (РН) Марин Ле Пен, изјави владината портпаролка Софи Прима по завршувањето на Советот на министрите.
Макрон посочи дека судството е независно, потоа дека заканите упатени кон судиите што ја изрекле пресудата против Ле Пен се апсолутно неприфатливи и, конечно, дека секој има право на жалба и дека законот е ист за сите.
Судството веќе нагласи дека ново судење во Апелацискиот суд може да се одржи во роковите што оставаат можност за евентуална претседателска кандидатура на лидерот на екстремната десница во 2027 година, објави „Фигаро“.
Судијата Бенедикт де Пертуи претседаваше со тричлена комисија, која по судењето за проневера на средства од Европскиот парламент, во понеделникот донесе контроверзна пресуда против Ле Пен и ја осуди на четири години затвор, од кои две може да ги издржи во домашен притвор, пренесуваат медиумите.
Покрај тоа, Ле Пен е казнета со 100.000 евра и забрана за учество на избори во следните пет години.
По пресудата, сојузниците на Ле Пен во Европа и во Америка ја осудија одлуката на францускиот суд како недемократска, Марин Ле Пен рече дека Де Пертуа донела политичка одлука и дека го прекршила законот, пренесува „Танјуг“.
Свет
Итна порака на Зеленски до САД и до Европа: Не смееме да чекаме до 11 април

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на глобален одговор по последниот напад со беспилотно летало извршен синоќа од страна на Русија велејќи дека против Русија мора да се реагира без одлагање.
Во директна порака до западните сојузници Зеленски истакна дека е потребен нов и опиплив притисок врз Москва за да се стави крај на војната.
„САД и европските земји не смее да чекаат до 11 април кога завршува цел месец откако Русија го отфрли предлогот на САД за прекин на огнот. Оваа систематска и постојана природа на руските напади јасно покажува дека Москва ги презира дипломатските напори на нашите партнери“, напиша Зеленски на социјалната мрежа X.
Според него, Путин не сака да обезбеди дури и делумен прекин на огнот.
„Не смееме да чекаме до 11 април кога ќе помине еден месец откако Русија му рече ‘не’ на американскиот предлог за прекин на огнот. Мора да се преземе акција што е можно побргу“, напиша Зеленски.
Тој додаде дека Киев е подготвен да соработува со партнерите од САД и Европа со цел да се постигне достоен и траен мир.
Свет
Унгарија има намера да воведе можност за одземање на државјанството

Унгарската влада сака да воведе можност за привремено одземање на унгарското државјанство на одредени двојни државјани.
Соодветниот предлог-закон синоќа до парламентот го поднесе владејачката партија на Виктор Орбан, јавува виенски „Ое24“.
Предлог-законот, кој се очекува да биде усвоен, има цел да им го одземе државјанството на лицата што се карактеризирани како закана за државата.
Според нацрт-законот, одземањето на унгарското државјанство може да важи само за двојни државјани, чие второ државјанство не е државјанство на земја од ЕУ, Швајцарија, Лихтенштајн, Норвешка или Исланд, пренесува „Танјуг“.
Одземањето на државјанството треба да биде можно, меѓу другото, доколку некое лице дејствува во интерес на странска сила или странска организација, ги постигнува целите на странска сила или странска организација и на тој начин претставува закана за јавниот ред и безбедност на земјата.
Предложениот закон може да влијае на унгарско-американските двојни државјани, кои се ангажирани во невладини организации, пишува австрискиот весник.
Одземањето на унгарското државјанство би овозможило протерување лице што е класифицирано како закана за земјата.