Свет
Украина доби милијарда долари од Велика Британија и Јапонија како дел од програмата на Светската банка
Украина доби една милијарда долари од Велика Британија и Јапонија, а траншата се одвиваше под гаранции на владите на овие земји во рамките на програмата DPL на Светската банка, соопшти денеска премиерот на Украина, Денис Шмихал.
„Собраните средства ќе бидат искористени за зајакнување на нашата економија и финансирање на приоритетните расходи во социјалната и хуманитарната сфера“, рече Шмихал во објавата на „Телеграм“.
Тој им се заблагодари на Светската банка и на владите на Јапонија и Велика Британија за силната поддршка на Украина и нивниот придонес во зајакнувањето на стабилноста на Украина, пренесува „Укринформ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебе почина од студ во Газа
Бебе старо две недели почина во средата како последица на екстремен студ во Појасот Газа, пренесуваат светските медиуми.
Раселеното семејство Фасих е привремено сместено во импровизиран шатор во областа Ал-Маваси во Кан Јунис, каде што почина нивната ќерка.
Телото на девојчето подоцна било пренесено во болница во Кан Јунис.
На 5 октомври, Израел започна голема копнена операција во северниот дел на Газа за наводно да спречи прегрупирање на палестинската група Хамас. Сепак, Палестинците го обвинуваат Израел дека сака да ја окупира областа и насилно да ги исели нејзините жители.
Оттогаш на територијата не е дозволено да влезе доволна хуманитарна помош, вклучувајќи храна, лекови и гориво, оставајќи го преостанатото население на работ на глад.
Минатиот месец, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во Газа.
Регион
Брнабиќ: Хрватска посакува смена на Вучиќ, тие повеќе се грижат за Србија
Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, реагира на изјавата на хрватската претседателска кандидатка од „Можеме“ дека „во стратешки интерес на Хрватска е Александар Вучиќ да не е на власт“.
Брнабиќ рече дека оваа изјава е пример за директно мешање во внатрешните работи на една земја и дека доколку нешто е во стратешки интерес на една земја, сите нејзини институции се посветени на тоа, особено разузнавачките и безбедносните служби, пренесува „Индекс“.
„Изјавата на еден од претседателските кандидати, односно кандидатот за претседател на Република Хрватска, во последната недела од претседателската кампања, дека стратешки интерес на Република Хрватска е Александар Вучиќ да не биде на чело на Србија, пред сè, претставува целосно отворено и најбрутално мешање во внатрешните работи на Република Србија. Замислете некој во Србија да го каже тоа. Тие повеќе се грижат за Србија отколку за Хрватска“, рече Брнабиќ.
„Значи, тоа е дефиницијата на поимот мешање во внатрешните работи на друга држава. И, второ, конечно е крунскиот доказ, не инсинуација, туку доказ дека хрватските институции, не само нивните институции, туку и разузнавачките и безбедносните служби, даваат финансиска и логистичка поддршка на насилната и недемократска промена на власта во Србија и се работи на смена на Вучиќ“, рече Брнабиќ.
„За сите граѓани е неоспорно дека Александар Вучиќ има мнозинска поддршка. Значи, ако сакате да го урнете, а сакате затоа што тоа е ваш стратешки интерес, тогаш работете на тоа финансиски, логистички и паметно“, рече претседателката на Собранието.
„Сега слушнавме и сега целиот мозаик полека се склопува и ние всушност можеме да видиме што се случува“, заклучи Брнабиќ.
Регион
Поради снежните врнежи, прогласена вонредна состојба во дел од Бања Лука: ќе биде ангажирана дополнителна мобилизација
Градскиот штаб за вонредни состојби во Бања Лука на денешната седница прогласи вонредна состојба и состојба на елементарна непогода предизвикана од обилните снежни врнежи за подрачјата на повеќе месни заедници во областа Бања Лука, соопшти градската управа.
Градската управа наведува дека органите, службите и компаниите на подрачјето на Бања Лука ќе бидат ангажирани и целосно ставени во функција со цел што поефикасно да се отстранат последиците од елементарната непогода предизвикана од снежните врнежи, односно да се расчистат патните комуникации на територијата на градот.
„Ќе се ангажира дополнителна мобилизација, а ќе се ревидира и постојниот акциски план. Вонредната состојба ќе трае сè додека има потреба од спроведување мерки за заштита и спасување, како и санирање на последиците од обилните снежни врнежи. Штабот вчера донесе одлука за формирање волонтерски тимови, кои ќе им бидат достапни на граѓаните во месните заедници, кои поради временските непогоди немаат струја и вода, а воедно ќе ги посетат и подрачјата на кои снегот е повисок од 40 сантиметри“, истакнуваат од градската управа на Бања Лука.
Активирани се и итни телефонски броеви, кои ќе им бидат достапни на граѓаните 24 часа.