Црна хроника
Ја тепал со тупаници, па ја задавил вонбрачната партнерка: обвинение против 33-годишник за убиство при семејно насилство во Штип
Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт против 33-годишник против кого се спроведуваше истрага за кривично дело убиство во согласност со член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Во текот на истрагата се обезбедија докази според кои обвинетиот на 1 ноември, при вршење семејно насилство, со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка.
Откако се договориле и се сретнале пред нејзиниот дом, заедно отишле во напуштен објект на ЈП „Исар“ за да разговараат за проблемите во нивната повеќегодишна врска. Разговорот преминал во расправија по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и почнал да ја удира со тупаници. Кога таа паднала на подот, тој почнал силно да ја стега во пределот на вратот додека не дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот како резултат на што жената починала.
Кога се уверил дека не дава знаци на живот, тој го напуштил местото и сам се пријавил во полициска станица.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Штип достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Српски државјанин осомничен за тешката сообраќајна несреќа со смртни последици кај Валандово
Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против државјанин на Република Србија осомничен за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти обвинителството.
На 19 ноември рано утрото, осомничениот управувал товарно возило „мерцедес“, сопственост на транспортна фирма од Србија, натоварено со околу 24,5 тони пресувана хартија.
Возејќи по регионалниот пат од Валандово кон Дојран, не се придржувал кон одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност животот и телото на луѓето. Иако бил должен да го држи возилото во движење што поблиску до десниот раб на коловозот и да го прилагоди движењето на условите на патот за да не ги загрози другите учесници во сообраќајот, тој не го сторил тоа и изгубил контрола, возилото излегло на банкината надвор од коловозот и се превртело на десната страна. Но во полуприколката на камионот имало и 10 кинески државјани, од кои при превртувањето 35-годишна жена и еден маж го загубиле животот, две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а уште две со полесни повреди.
„Бидејќи постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност од бегство, имајќи во предвид дека осомничениот е странски државјанин, заедно со видот и тежината на стореното кривично дело и последиците од него, бидејќи се работи за кривично дело со смртни последици и повеќе повредени лица, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор. Во меѓувреме се преземаат дејствија и за испитување на евентуални елементи на кривично дело криумчарење мигранти“, се истакнува во информацијата од обвинителството.
Црна хроника
Управителка на фирма во Кичево, наместо покрив, доградила дополнителен кат и потпокрив
Полицијата во Кичево поднесе кривична пријава против 57-годишната Р.О. од селото Длапкин Дол и против фирма со седиште во истото село, поради сомнение за бесправно градење, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата заведена во полицискиот билтен, Р.О., како управител и инвеститор, при изградба на станбена зграда во населбата „Касарна Блок 1“ во Кичево постапила спротивно на одобрението за градење издадено од општината. Наместо покрив над петтиот кат, таа неовластено изградила уште еден кат и поткровје, што не било предвидено во проектот.
Црна хроника
Четворица скопјани пријавени за разбојништво – со сила и закана одзеле 188.600 денари и телефон
Полицијата поднесе кривична пријава против четири лица од Скопје – Б.Р. (25), Р.М. (49), Ш.М. (49) и В.Т. (27) – поради сомнение дека извршиле разбојништво, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата, инцидентот се случил на 30 октомври 2025 година во Скопје, кога осомничените со употреба на физичка сила и закана со огнено оружје му одзеле на едно лице 188.600 денари и мобилен телефон.

