Македонија
Пановски доживеа сообраќајна несреќа: Јас ќе бев смачкан, а возачот на џипот и да не беше осуден, ќе беше душевно осакатен
Микробиологот и актуелен советник во Советот на Град Скопје, д-р Никола Пановски на Фејсбук објави дека вчера доживеал несреќа додека возел велосипед, во која за малку можел да загине.
Вели дека психички е во шок, а има и физички болки. Тој во описот пишува дека ќе бил смачкан, а возачот кој бил со автомобил џип, ќе бил душевно осакатен. Тој упати апел до возачите додека се на семафор, да гледаат пред нив, а не во мобилниот телефон.
„По тоа што го доживеавме вчера, јас на велосипед и господинот во голем џип, ве преколнувам:
КОГА ЧЕКАТЕ НА СЕМАФОР, А СТЕ САМИ ВО АВТОМОБИЛ, ОСОБЕНО ЏИП, НЕ ГЛЕДАЈТЕ ВО МОБИЛЕН, ГЛЕДАЈТЕ ПРЕД ВАС, ВЕ ПРЕКОЛНУВАМ!!!
Вчера, 24.12.2024, 11 часот наутро, на раскрницата на ул. Никола Тесла со Илинденска (кај Трибека, и гим. Орце Николов), се движам по ул. Н.Тесла кон Илинденска со велосипед, закачувам за нешто со педалата, минувајќи меѓу колите кои чекаа на црвено, и тротоарот, и паѓам на стомак пред џипот кој чека прв на семафорот. Се испружувам раширен со сите четири на асфалтот, јас напред со рацете, а велосипедот поназад заедно со моите нозе. Таман почна да ми тече крв од нос и се спремав да се исправам, кога шок. Џипот тргнува и ме покрива, таман е толку висок што само ми ја допира мојата голема глава, но ме стиска силно на десниот колк и на десната нога. Јас се дерам, а и многу лица кои чекале на пешачки. Џипот запира и по две секунди (кои траат како вечност), се враќа назад. Не ме прегази само затоа, што прво со нњговото лево предно тркало го прегази задното тркало на велосипедот, па рамот, кој ми ја стисна десната подколеница која беше под рамот. Значи осети отпор и прикочи инаку, јас ќе бев смачкан, а возачот на џипот и да не беше осуден, ќе беше душевно осакатен доживотно. Значи, ако не гледате напред,а гледате во мобилен или на страна можеби под вашето возило во меѓувреме да паднал човек, дете итн.
Да ја завршам случката. За чудо, успеав да станам, целиот згмечен и во прав, крв од носот, очилата летнати (баш нови и скапи), ама ок беа, лаптопот и мобилниот преживејаа, велосипедот во посмртни остатоци, ама ќе се поправи, велосипедот ем ме турна во смрт, ама и ме спаси. Возачот на џипот ме зема во возилото, велосипедот во багажник и ме однесе дома. Го оставив смачканиот велосипед во гаража, се качив на друг и отидов на седница на Совет на Град Скопјев каде што бев и тргнат, истресов прашина и влегов во 11.30, доцнев 10 минути. По некое време гледам дека ме затега ногавицата кај подколеницата. Оток како тениско топче. На пауза отидов дома да се пресиблечам, кога потколеницата се наду како топка, и почнаа силни болки. Не можев ни до вц да одам без помош. Денес сум подобар, сам се движам, десната потколеница е само двапати подебела од левата, вчера беше трипати подебела и не ме боли. Лесни болки во рамо, колк, носот. Утре и ќе излезам од дома, значи ок сум физички, а психички сум се уште во шок, па затоа ја напишав оваа порака до возачите”, пишува Пановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мирчевски ексдиректор на СОЗР направил низа злоупотреби во СОЗР за време на владеењето на СДС, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Пеце Мирчевски ексдиректор на СОЗР направил низа злоупотреби во СОЗР за време на владеењето на СДС. Тој е синоним за начинот на владеење на функционерите од СДС, криминал, аздисаност и личен профит. Секојдневно на површина излегуваат докази за криминалното владеење на СДС, Филипче и нивните партиски функционери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија посочуваат дека Државниот завод за ревизија извршил ревизија каде што утврдил дека се направени низа пропусти и злоупотреби за време на СДС и нивниот ексдиректор на СОЗР Пеце Мирчевски.
„Низа системски слабости од нефункционални финансиски контроли во бифеата, преку проблематични вработувања, до несоодветно управување со државниот имот, откриле државните ревизори во работењето на Службата за општи и заеднички работи за време на владеењето на СДС и Пеце Мирчевски.
Ексдиректорот на СОЗР, Пеце Мирчевски, ја пренатрупал службата со партиски кадри без соодветно образование и сертификати“.
Според соопштеното од ВМРО-ДПМНЕ, во 2024 година биле исплатени 3.274 илјади денари за 21 привремено ангажирано лице, од кои дел извршувале редовни работни задачи, вклучително и раководни функции.
Ревизорите, потсетуваат од оваа партија, укажуваат дека овие позиции законски бараат високи стручни квалификации и сертификати, а предупредуваат и дека големиот број привремени ангажмани, честата кадровска флуктуација и недоволното вложување во обука претставуваат ризик за континуитетот и квалитетот на услугите.
„Мирчевски е синоним за недомаќинско работење, аздисаност и празнење на државните сметки.
Миречевски има низа пропусти и скандали позади себе. ЈО исто така имаше отворено предмет за поранешниот директор на СОЗР кадар на СДС, Пеце Мирчевски, кој добил автомобил од фирма добитник на тендери.
СДС е партија каде нејзините функционери додека биле на власт, наместо за државата и интересите на граѓаните, работеле исклучиво за личен профит и профит на блиски лица до врхушката на СДС“.
Македонија
(Видео) Филипче: Протестите за возачките дозволи не се начин, власта треба да понуди решенија за сите граѓани
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање, посочи дека протестите на дел од граѓаните поврзани со возачките дозволи и системот „Сејф сити“ не се начин за решавање на проблемите, но дека Владата има обврска да понуди институционални и законски решенија за сите категории граѓани.
„Сметам дека протестите не се начинот да се бара решението. Ние кажавме на почетокот за законот што сметаме дека е добро, а што сметаме дека е лошо, и тоа е начинот за да се најдат решенијата“, изјави Филипче.
Тој истакна дека власта не треба да ги игнорира општествените проблеми, туку напротив, да се отворат како теми за сериозна дебата и одговорна политика, при што владата мора да реагира секогаш кога постои немир кај граѓаните.
„Улогата на владата е да излезе во пресрет на сите. Значи прекршување на закон не смее да се толерира, меѓутоа мора да се разговара со луѓето, да види кои се проблемите и да им се понуди решенија за да може да функционираат понатаму.
Воедно, во одговор на новинарското прашање, Филипче ги демантираше информациите дека СДСМ стои зад протестите на дел од граѓаните Роми.
„Не. апсолутно демантирам“, рече Филипче.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на денешната прес конференција за медиумите, кажа дека Скопје излегува од финансискиот и институционален колапс и влегува во период на стабилизација, развој и најголема инвестициска офанзива во својата историја.
Тој истакна дека при преземањето на функцијата затекнал урнат систем, град на раб на банкрот, јавни претпријатија со блокирани сметки, вработени без плати, нефункционални институции и долгови од речиси 300 милиони евра. На сметката на градот имало само осум милиони денари реално расположливи средства, додека истиот ден чекале извршни решенија од 48 милиони денари.
Во само два месеци, како што информираше, намалени се повеќе од 40 милиони евра обврски на Градот и јавните претпријатија, нормализирана е исплатата на платите во Дрисла, Комунална хигиена, Паркови и зеленило, Лајка, Флораком и Луна, каде што претходно, како што кажа, се доцнело по две плати.
Градоначалникот кажа дека Буџетот за 2026 година изнесува 5,2 милијарди денари – зголемен за 12 проценти. Пренесен е вишок од 482,9 милиони денари, со што за првпат по долги години Град Скопје има повеќе пари отколку обврски.
„Тоа ни овозможи да тргнеме во најголемата инвестициска офанзива досега. Капиталните инвестиции се зголемени за 33,4 проценти, а веќе се реализирани 389,7 милиони денари, при што јануари 2026 година е најуспешен јануари по приходи и реализација“, кажа Ѓорѓиевски.
Градоначалникот им се заблагодари на граѓаните кои го платиле данокот на имот и информираше дека се блокирани 17.694 сметки за долг од 1,3 милиони евра за 2021 година, како и дека во наредните 15 дена се очекува подмирување на обврските од 2022 до 2025 година од вкупно 96.562 физички лица и 2.335 правни субјекти во износ од 19,5 милиони евра.
„Ред мора да има. Секој денар во буџетот значи повеќе проекти и подобар живот за сите“, порача тој.
На крајот, Ѓорѓиевски нагласи дека ова е само почеток на финансиската консолидација и целосната трансформација на градот.
„Наследивме долгови, но градиме иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта. Ќе го направиме Скопје модерен, чист, функционален и достоинствен град. Нема враќање назад. Нема изговори. Само резултати. Заедно ќе успееме. Време е скопјани да живеат подобро, време е градот да застане цврсто на нозе и да оди напред“, кажа тој.

