Скопје
Опожарени два пластични контејнера во скопската општина Центар

Пред неколку часа, непознати сторители опожариле два сада наменети за одлагање комунален отпад во скопската населба Дебар Маало.
Контејнерите се лоцирани на улицата Орце Николов, во непосредна близина на Генералштабот и истите се со зафатнина од 3,2 кубни метри. Двата опожарени контејнера се неупотребливи и во најкус можен рок ќе бидат заменети од страна на екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Опожарувањето на контејнерите значително ја нарушува динамиката на одлагањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад и го оневозможува навременото реализирање на активностите предвидени согласно Оперативната програма за работа на ЈП Комунална хигиена-Скопје. Од почетокот на 2024 година се опожарени 22 садови наменети за одлагање на комуналниот отпад на територијата на градот Скопје. Сите случаи на опожарување на контејнерите се пријавени кај надлежните органи“, посочуваат од Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба на градоначалникот Ѓорѓиевски со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухиу Алиу

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес оствари конструктивна средба со претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухиу Алиу. На средбата се разговараше за можностите за унапредување на бизнис-климата и создавање услови за нови инвестиции.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста на институционалната поддршка за стопанството, како и заедничките заложби за создавање поволна средина за развој на претпријатијата. Беше истакнато дека добрата соработка помеѓу општината и бизнис-заедницата е клучен предуслов за економски раст, отворање нови работни места и задржување на младите во земјата.
„Како локална самоуправа, имаме јасна цел – да обезбедиме стабилна институционална поддршка за стопанството. Соработката со Стопанската комора на Северозападна Македонија може да овозможи побргу да ги препознаеме потребите на бизнисите, да ја намалиме административната бариера и да креираме политики што ќе резултираат со нови инвестиции и економски развој. Верувам дека заедно можеме да направиме значителен исчекор во создавање современа и конкурентна деловна средина“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски по средбата.
Претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Нухиу Алиу, упати честитки до градоначалникот за досегашната успешна работа и му посака успех во неговите понатамошни кариерни чекори.
Македонија
(Фото) Нови подови за спорт во Аеродром

Во пресрет на почетокот на новата учебна година во спортската сала „Марко Божиновски“ и на спортското игралиште во основното училиште „Лазо Ангеловски“ целосно се заменуваат подовите со нова нелизгачка спортска подлогa, известуваат од општина Аеродром.
Целта на оваа активност е да се подобри спортската инфраструктура и да се создадат побезбедни услови за спортување на учениците во Ново Лисиче, велат од Општината.
„Со инвестициите во спортската инфраструктура обезбедуваме подобри и побезбедни услови за нашите ученици и млади спортисти. Верувам дека новите сали ќе бидат место каде што ќе се раѓаат нови успеси и спортски пријателства. Нашите деца заслужуваат најдобри услови за спорт“, изјави в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, кој денеска беше на увид во активностите.
Македонија
(Фото) Во Кисела Вода поставено ново спомен-обележје на Цветан Димов

Денес, во општина Кисела Вода свечено беше поставена новата биста на народниот херој Цветан Димов, на локација спроти општинскиот објект. Претходното спомен-обележје, кое постоеше во рамките на истоимената урбана заедница, со години беше во лоша состојба поради негрижа и оштетувања.
По барање на жителите, Општината изработи нова биста, со што на овој голем херој му се оддава заслужено признание, а историската меморија добива повидливо и достојно место, извести општина Кисела Вода.
-Нашите херои не се само имиња во учебниците, тие се сведоци на историјата, втемелени во нашата слобода и иднина. Со новата биста на Цветан Димов, поставена на ова видно место, и соодветно оддаваме почит кон неговата жртва, но и создававме услови многу повеќе луѓе, особено младите, да ја запознаат неговата приказна. Историјата е најсилна кога е пред очите на граѓаните, а нашата задача е да ја зачуваме и пренесеме на генерациите што доаѓаат-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.