Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Стојан Николов, потпретседател на Обединетата македонска дијаспора
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими Стојан Николов, потпретседател на Обединетата македонска дијаспора (ОМД).
На средбата се разговараше за важноста на односите меѓу дијаспората и матичната држава, со посебен акцент на зајакнувањето на културните, економските и образовните врски.
Претседателката Силјановска-Давкова изрази поддршка, почит и благодарност за активностите на ОМД во промовирањето и зачувувањето на македонскиот идентитет и култура ширум светот.
Претседателката Сиљановска-Давкова ја истакна посветеноста кон дијаспората и можностите за отворање нови хоризонти за соработка и развој, што ќе се придонесе за зајакнување на македонското присуство и влијание на глобално ниво.
Во тој контекст, претседателката Сиљановска-Давкова ги претстави своите заложби за формирање Национален совет за соработка со дијаспората, што ќе работи на координирање, конкретизирање и продлабочување на врските со дијаспората во потрага по најдобри решенија за нејзино вклучување во научниот, образовниот, културниот, економскиот и друг развој на државата. Претседателката Сиљановска-Давкова изрази желба и подготвеност за вклучување на млади од дијаспората во работата на Советот за млади.
Таа ја истакна важноста на дијаспората за македонското национално ткиво, како негов неразделен дел, амбасадор во САД и неговите политички институции, лобист за македонската кауза и промотор на националната традиција.
На средбата беше изразена поддршка на реализацијата на проекти што ќе ги зајакнат врските на државата со нејзината дијаспора, со акцент на заедничката визија за иднината во која Македонците, без разлика каде живеат, ќе бидат обединети околу заложбите за промовирање на заедничката култура, јазик и идентитет и развојот на матичната држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: „Кртот“ кој помага на осомничени да бегаат не е во обвинителството
Републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски, нема информација каде е поранешниот вицепремиер, Артан Груби, но во тек е истрага. Во интервју за „Радио Слободна Европа“, Коцевски тврди дека „кртот“ кој ја проби истрагата за Државна лотарија не е од Обвинителството.
За екс директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е осомничен во друг случај, не барале притвор оти казната е до 5 години затвор.
Прапшан до каде е истрагата по пријавата за поранешниот премиер, Димитар Ковачевски и за поранешен генерален секретар, за коишто МВР поднесе Кривична во случајот со „Државна лотарија“, Коцевски рече дека се уште се истражува, а ако има елементи на кривично дело ќе се постапи и за двајцата пријавени.
Целото интервју на линкот.
Македонија
Почина Јагнула Куновска
На 81-годишна возраст почина Јагнула Куновска – истакнат правник и политичар во земјава.
Родена е во грчкиот град Костур во 1943 година. Таа е внука на костурскиот војвода Никола Добролитски. Таа била евакуирана во градот Тетово во НР Македонија во 1948 година како една од многуте политички бегалци од Граѓанската војна во Грција. Завршила право на Скопскиот универзитет. Потоа работела како адвокат во Скопје. Член била и на Друштвото на писателите на Македонија.
Во 1990 година станала основач на македонската политичка партија Движење за семакедонска акција (МААК). Таа била поддржувач на кандидатурата на Тито Петковски за Претседател на Република Македонија во 1999 година. Во 2006 година се кандидирала на изборите во скопскиот и кумановскиот регион како дел од Новата социјалдемократска партија.
Во 2006 година имало полемика меѓу Куновска и Владо Бучковски која вклучувало тврдења за бугаризација.
Во 2007 година ја напуштила Новата социјалдемократска партија и станала член на водечката партија на Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ.
Во текот на 2008 година учествувала во пишувањето на списанието „Македонски духови конаци“.
Македонија
Со лажни документи увезувале крадени автомобили и преправале броеви на шасија – скопското обвинителство постапува
По спроведена претходна постапка и врз основа на обезбедените докази, Основното јавно обвинителство Скопје ќе поведе постапка против десет лица за криумчарење, фалсификување исправи и службени исправи, како и прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама.
Од Обвинителството соопштија дека лицата во текот на 2021 и 2022 година, со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола.
„Возилата тука ги регистрирале и еден дел по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници“, велат од Обвинителството.
Меѓу осомничените се и две службени лица – вработени во управни служби за регистрација на возилата.
Еден од осомничените е државјанин на Грција и за него, со оглед на претходно воспоставената соработка меѓу Основното јавно обвинителство Скопје и грчките органи, кривичниот прогон ќе биде отстапен на Република Грција.