Македонија
Тошковски и Обвинителството да го повикаат Ахмети на исказ за да каже каде е Груби, бара СДСМ
Откако лидерот на ДУИ застана во одбрана на Груби, повеќе од јасно е дека самиот тој е добро информиран за тоа каде е Груби и има важни информации за случајот. Зошто обвинителството и Тошковски не го повикуваат Ахмети да даде изјава? Како е можно и Ахмети и Меџити да знаат каде е Груби само Тошковски да е целосно незапознаен?, прашуваат од СДСМ.
Ова, како што оценуваат, е класичен пример на селективност, но и огромна неспособност на Тошковски и МВР да го спроведат законот. Артан Груби треба да одговара пред законите на државата но заради неспособноста на Тошковски или пак скриен политички договор тоа не се случува.
„Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се обидува ова фијаско да го префли на СДСМ но таквите обиди се јалови. Ниту СДСМ е виновен што Груби не одговара ниту е одговорен за неговото бегство туку за тоа е виновен само Тошковски и МВР. Во меѓувреме се обидуваат со димни бомби и нови пораки на сеење страв да ги прикријат своите неуспеси на секое поле. Државата тоне а граѓаните се осиромашуваат заради Мицкоски и неговите политики“, додаваат од опозициската партија.
Според СДСМ, инфлацијата расте, цените растат, имаат катастрофална реализација на капиталните инвестиции, а државата е заглавен во секој поглед.
Истакнуваат дека на ВМРО-ДПМНЕ не им останува ништо друго освен да манипулираат, напаѓаат, лажат и сеат страв меѓу граѓаните, на другите полиња секако целосно потфрлија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и 14 земји
Денес во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, со свечен настан беа одбележани 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи на Република Северна Македонија со 14 земји: Соединетите Американски Држави, Република Грција, Комонвелтот на Австралија, Кралството Саудиска Арабија, Романија, Република Молдавија, Република Индија, Република Естонија, Украина, Република Казахстан, Монголија, Република Азербејџан, Република Литванија и Државата Израел.
На настанот свои обраќања имаа заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, како и амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте.
Посакувајќи им добредојде на свечениот настан по повод јубилејот, заменик министерот Димитровски истакна дека денес со гордост се слават три децении на просперитетни дипломатски односи, кои започнаа во 1995 година и претставуваат долгогодишно патување со заедничко меѓусебно почитување, соработка и споделени вредности.
„Во тие рани години на нашата независност, кога младата држава ги правеше првите чекори на меѓународната сцена, секое воспоставување на дипломатски односи претставуваше камен-темелник во градењето на нашата државност. Овие први чекори беа почетоците на нашата непоколеблива определба кон западноевропските вредности и нашите аспирации кон евроатлантското семејство“, нагласи Димитровски.
Тој потсети и на приоритетите на Владата, кои се фокусирани на странските инвестиции, надворешната трговија, развојот на стратешките партнерства и меѓународното позиционирање на земјата.
„Гледајќи наназад, нашите односи прераснаа во силни стратешки партнерства. Со некои од овие земји денес сме НАТО сојузници, споделувајќи заеднички безбедносни цели и придонесувајќи кон колективната одбрана. Цврсто сме посветени на забрзување на евроинтегративниот процес и реализација на нашата стратешка цел – полноправно членство во Европската унија. Оваа определба е нeпоколеблива и претставува инвестиција во иднината на нашите граѓани“, истакна заменик министерот.
Амбасадорката на Романија, Адела Моника Аксинте, од името на сите 14 земји со кои прославуваме денес, во своето обраќање пред присутните истакна дека овие 30 години донеле значајни развои, извонредни настани, еволуции и забележителни достигнувања.
Таа нагласи дека „Иднината на Северна Македонија е во Европската унија. Нè обединуваат историјата, културата и вредностите. Затоа, топло ѝ честитаме на земјата за нејзината европска посветеност и за сите реформи усвоени и спроведени досега на нејзиниот европски пат. Силно ја охрабруваме да го следи овој пат, колку и да е тежок, и да продолжи со своите напори насочени кон спроведување на сите потребни реформи.“
Македонија
Минчев: Јавната администрација влегува во дигитална ера на отчетност и мерливи резултати
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на настанот “Промоција на новата ИТ алатка за следење на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030”, организиран од страна на Министерството за јавна администрација, а со поддршка од Регионалното училиште за јавна администрација (РеСПА).
Настанот обедини високи претставници од државните институции, дипломатскиот кор, меѓународни и регионални организации, јавни службеници, како и претставници на граѓанскиот сектор.
Во своето обраќање, министерот Минчев истакна дека реформата на јавната администрација е јасна и цврста политичка заложба на Владата, насочена кон конкретни резултати во интерес на граѓаните и европската иднина на државата. Новата ИТ алатка, како што нагласи тој, претставува системска промена во начинот на планирање, спроведување и следење на јавните политики.
„Ова не е техничка новина, туку системска промена во начинот на кој државата планира, спроведува и мери политики. Со поддршка на РЕСПА – Регионалното училиште за јавна администрација, и преку вградување на европски и регионални добри практики, воспоставивме дигитално решение што ги зајакнува капацитетите на јавните институции и воведува јасни стандарди на работа, отчетност и координација. “, истакна министерот Минчев
Министерот потенцираше дека со оваа алатка се овозможува прецизно следење на реформските активности, јасна распределба на институционалните одговорности и носење одлуки засновани на податоци.
„Со ова решение, ја враќаме контролата таму каде што припаѓа – кај јавноста и ставаме крај на политиките без резултати и ветувањата без отчет“, нагласи Минчев.
На настанот се обрати и директорката на Регионалното училиште за јавна администрација (РЕСПА), Маја Ханџиска Трендафилова, која ја истакна важноста на регионалната соработка и примената на европските добри практики во процесот на реформа на јавната администрација. Свои излагања имаа и Маја Рисова Мутлулар, шеф на кабинетот на министерот за јавна администрација и Мартин Тодевски, експерт од РЕСПА, кои ги презентираа клучните функционалности и практичните придобивки од ИТ алатката.
Настанот вклучи и панел-дискусија посветена на зголемување на транспарентноста преку иновации и дигитализација, со учество на претставници од академската заедница, извршната власт и независните институции.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството треба да истражи каде завршиле речиси 1 милион евра од „Државната лотарија“
Криминалите во Лотарија под раководство на Бајрами и неговиот гуру Груби, а дозволено од страна на СДС се потврди и во извештајот на Државниот завод за ревизија, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Државната ревизија утврдила дека Лотарија, под покровителство на Груби и Бајрами, а одобрено од СДС, директно исплаќала аванси за мали добивки на деловни соработници, односно 320 правни лица во износ од близу 14 милиони денари без да го користи пропишаниот „Мастер дилер’’. Од вкупните 14 милиони денари, за 13 милиони денари или нешто над 210.000 евра, во извештајот се вели дека документацијата е неуредна, невалидна или недостасува. Дополнително, ревизијата оценила дека документацијата е спорна и неверодостојна и во делот на готовински одливи од 36,5 милиони денари или 600.000 евра и приливи од близу 8 милиони денари или 130.000 евра“, рече тој.
А притоа, додаде Петрушевски, вреди да се напомене дека во Државната Лотарија во тој период кога се случувале овие злоупотреби, немало внатрешен ревизор.
„Јавното обвинителство треба да истражи каде завршиле близу 1 милион евра од Државна Лотарија? Дали тие пари завршувале во џебовите на Груби и Бајрами? Дали постои случај на перење на пари од нивна страна? Зошто СДС иако знаела што се случувало во Лотарија, молчела и не преземала ништо? Дали за опстанок на власт, СДС ги замижувал овие криминали? Доколку ВМРО-ДПМНЕ не излезеше во јавноста за случајот со Државна Лотарија и не станеше предмет на јавен интерес, јавниот обвинител Коцевски можеби и овие пријави ќе ги чуваше во фиока“, рече Петрушевски.

