Македонија
Распишана потерница и предложен притвор за осомничен во предметот „Адитив“

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска го прими Решението на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, со кое предлогот за определување мерки за претпазливост против осомничен во предметот „Адитив“ се отфрла, наведувајќи дека осомничениот не е достапен на органите на прогонот.
„Согласно своите законски надлежности, јавните обвинители кои постапуваат во предметот до судијата на претходна постапка веднаш доставија Жалба по однос на донесеното Решение за отфрлање, како и Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот која мерка ќе биде активна по неговото пронаоѓање. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 8 дена.
Применувајќи ги одредбите од Законот за кривична постапка, предметните јавни обвинители до МВР доставија Наредба за распишување на национална потерница и Изјава за распишување на меѓународна потерница по осомниченото лице“, соопштија надлежните.
Истрагата за предметот „Адитив“ започна на 10 овој месец и со него се опфатени 23 физички лица и четири правни лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од 1 јули летен времен режим за движење на товарни возила при екстремно високи температури

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти АМСМ.
„Термините се следни:
– петок од 17:00 – 22:00 часот,
– сабота од 09:00 до 18:00 часот и
– недела од 09:00 до 22:00 часот“.
На магистралниот пат А2 делница: Скопје – Охрид – Скопје (со важност до 01 септември) се забранува движење на тешки товарни возила чија вкупна маса преминува 7,5 тони за време на викендите, во следните интервали:
– петок од 15:00 – 22:00 часот,
– сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот и
– недела од 07:00 до 22:00 часот.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Македонија
Временска најава: утре пороен дожд и грмежи

Утре ќе се задржи многу топло време. Во попладневните и вечерните часови наместа ќе има појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер, грмежи и појава на град, информира УХРМ.
Во Скопје, утре во попладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, краткотрајно во форма на невреме.
УХРМ препорачува во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Во деновите од викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, кој ќе предизвика опаѓање на дневните температури за 5-7 степени во споредба со денешните.
Од понеделник дневните температури повторно ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
МНР: Конзулатот во Солун е во комуникација со семејството на починатото момче за транспорт на телото

Конзулатот е во редовна комуникација со семејството на починатото лице, со цел завршување на сите неопходни административни процедури за транспорт на телото во Република Северна Македонија, соопшти Министерството за надворешни работи и трговија, по веста за смртта на 19-годишното момче на плажа во Ханиоти.
„Ве информираме дека до македонскиот Конзулат во Солун е доставена информација дека на плажа во близина на Халкидики животот го загубил 19-годишен македонски државјанин. Конзулатот е во редовна комуникација со семејството на починатото лице, со цел завршување на сите неопходни административни процедури за транспорт на телото во Република Северна Македонија“, соопшти МВР.