Свет
Захарова: Запирањето на транзитот на гас од Украина го ослабува економскиот потенцијал на Европа

Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, денеска соопшти дека прекинот на транзитот на руски гас од Украина има негативно влијание врз економскиот потенцијал на Европа и животниот стандард на нејзините граѓани.
Захарова истакна дека прекинот на испораките на еколошки прифатлива руска енергија е штетен за Европа, пренесе „Интерфакс“.
„Овој потег не само што го ослабува економскиот потенцијал на Европа туку сериозно влијае и на стандардот на европските граѓани“, оцени Захарова и додаде дека САД заедно со Киев се главно одговорни за сегашната ситуација бидејќи тие ги поставуваат економските и геополитичките услови, кои водат до зголемување на цените во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Иран ја критикуваше заедничката изјава на Г7

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи ја критикуваше групата Г7 за, како што рече, неуспехот да се справи со незаконската и бесрамна израелска агресија против Иран.
Во изјавата објавена на социјалната мрежа „Икс“, Багаи ја обвини Г7 дека ги игнорирала нападите, за кои Техеран тврди дека резултирале со цивилни жртви и оштетување на јавната инфраструктура.
Лидерите на Г7 вчера во заедничка изјава ја потврдија својата поддршка за правото на Израел на самоодбрана.
„Потврдуваме дека Израел има право да се брани… Иран е главниот извор на нестабилност и терор во регионот“, се вели во соопштението.
Групата повтори дека „Иран никогаш не смее да има нуклеарно оружје“ и повика на решение за иранската криза што придонесува за поширока деескалација, вклучително и прекин на огнот во Газа.
Багаи ги повика постојаните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, особено оние во Г7, да ги исполнат своите законски и морални обврски според Повелбата на ОН.
„Израел започна неиспровоцирана агресивна војна против Иран“, рече Багаи, обвинувајќи го за кршење на членот 2(4) од Повелбата и меѓународните норми кои ги штитат нуклеарните постројки во време на мир.
Тој предупреди дека континуираната неактивност на Советот за безбедност може да го поткопа кредибилитетот на ОН и повика на итен прекин на непријателствата и одговорност за кршење на меѓународното право.
Свет
Маск ги објави резултатите од тестот за дрога

Американскиот мултимилијардер Илон Маск на социјалната мрежа „Икс“ ги објави резултатите од неговиот тест за дрога.
„ЛОЛ“, напиша Маск, споделувајќи фотографија од резултатите од тестот на која се гледа дека тој не бил позитивен на ниту еден од тестираните лекови.
„Њујорк Тајмс“ неодамна објави дека Маск за време на минатогодишната изборна кампања земал значителни количини кетамин, екстази и халуциногени печурки.
Маск, извршниот директор на „Икс“, „Тесла“ и „Спејс Икс“, претходно јавно изјави дека користи мали дози на кетамин за борба против депресивните тенденции и дека тоа му помага да работи поефикасно. „Њујорк тајмс“ ја базираше својата статија на приватни пораки и интервјуа со повеќе од 10 луѓе кои го познаваат Маск или работеле со него.
„Волстрит журнал“ минатата година објави дека Маск повремено користел дрога во минатото. Некои членови на одборот на „Тесла“, неговата компанија за електрични возила, беа загрижени за неговата употреба на дрога, вклучително и „Амбиен“ за лекување на проблеми со спиењето.
Свет
Ирански генерал: Во текот на ноќта уништивме стратешки цели во Израел

Иран објави дека во текот на ноќта уништил стратешки цели во Израел со помош на беспилотни летала, пренесува агенцијата „Франс прес“.
„Разни видови деструктивни беспилотни летала, со можност за прецизно таргетирање, ги уништија стратешките позиции на ционистичкиот режим во Тел Авив и Хаифа“, изјави генерал Киумарс Хеидари, командант на иранските копнени сили.
Израелски воен претставник изјави дека 20-ина проектили биле лансирани во последниот бран ирански напади, од кои повеќето биле пресретнати. Сепак, како што изјави израелски воен претставник за Би-би-си, некои проектили поминале низ противвоздушната одбрана и погодиле отворени области.