Топ
Автомобил падна во Вардар, четиригодишно дете пренесено на Клиника

Попладнево во 16 часот во СВР Скопје е пријавено дека на локалниот пат за село Рашче патничко возило излетало од патот и паднало во реката Вардар.
Веднаш на местото на настанот се упатени полициски службеници и Итна медицинска помош, а екипа на САЕ Тигар презема мерки за вадење на автомобилот.
На лице место е и јавен обвинител.
Во 18 часот од ГОБ “Св. Наум Охридски” сме известени дека кај нив од страна на случајни минувачи е донесено четиригодишно дете, кое потоа е пренесено во Клинички центар информираат од МВР за „Макфакс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Идентификувани се 20 лица осомничени за подметнување пожари во Скопје

Премиерот Христијан Мицкоски денес изјави дека околу дваесетина лица се идентификувани како осомничени за серијата подметнати пожари во Скопје.
Според него, Министерството за внатрешни работи веќе собрало дојави и информации за нивните активности, а во координација со Министерството за животна средина ќе следуваат конкретни акции.
„Идентификувани се околу дваесетина лица за коишто постои засновано сомневање дека стојат позади целиот овој процес,“ изјави Мицкоски, додавајќи дека институциите интензивно работат на расчистување на случаите.
Тој посочи и дека веќе постои снимка која јасно покажува како бил подметнат пожарот во еден објект во Скопје, рано утрото во 04:30 часот.
„Видовте како дрско се подметнува пожар и тоа е уште еден доказ дека постојат центри на моќ кои сакаат да внесат страв и паника пред изборите,“ рече премиерот.
Според него, заседавањето на врвот на структурите на МВР е во тек, а институциите се решени да ги спречат обидите за создавање нестабилност. „Тие ќе конструираат, ќе лешинарат, ќе подметнуваат. Ние чесно ќе работиме, ќе се бориме и на крај повторно ќе победиме,“ порача Мицкоски.
Македонија
Пред убиството Росица го пријавувала Стефановски за насилство и непочитување на забраната за приближување, го запалил и автомобилот на татко ѝ

Против Илија Стефановски, осомничен за убиството на Росица Коцева (31) и нејзиниот татко Киро Коцев (68) во Велес, претходно биле поведени повеќе постапки за закани и насилство, соопшти Основното јавно обвинителство.
На 10 април 2025 година, обвинителството поднело Обвинителен предлог за два настана: загрозување на сигурноста (чл. 144 КЗ) од 20 февруари 2025 година, насилство (чл. 386 КЗ) од ноќта меѓу 3 и 4 март 2025 година, кога на партнер на оштетената му била нанесена полесна телесна повреда.
Во рамките на таа постапка било направено психијатриско вештачење. Вештото лице утврдило дека Стефановски не боледува од душевна болест, бил пресметлив во моментот на делата и кај него не е регистрирана патолошка опсесивност кон оштетената.
На 10 септември 2025 година, Основниот суд Велес го огласил за виновен и му изрекол условна казна, со укинување на повеќето мерки на претпазливост. На сила останала само мерката забрана за приближување и контакт со оштетената и нејзиниот партнер, сè до правосилноста на пресудата. Одлуката штотуку пристигнала во обвинителството, кое сè уште немало можност да се произнесе со евентуална жалба.
Во меѓувреме, на 21 мај 2025 година, оштетената поднела нова пријава против осомничениот за неизвршување судска одлука. Таа навела дека, и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство во граѓанска постапка, тој продолжил да ѝ испраќа пораки и фотографии и на 18 мај се приближил до нејзиниот дом, при што го одзел и запалил автомобилот на нејзиниот татко. По оваа пријава, обвинителството ја сослушало оштетената и издало наредби за прибирање докази од телефонска комуникација, како и четири наредби до МВР за обезбедување снимки од видео надзор на различни локации во Велес.
Покрај тоа, на 25 март 2025 година, оштетената го пријавила Стефановски и во ОЈО Скопје за настан од 27 декември 2024 година. Според пријавата, за време на патување во Бугарија и по враќањето во Скопје, тој се обидел да ја задржи во стан и ѝ нанел лесна телесна повреда (чл. 130 КЗ). Истовремено, и осомничениот поднел пријава против оштетената, тврдејќи дека лажно го пријавува за да му изнуди пари.
Иако настанот бил пријавен три месеци по случувањето, ОЈО Скопје прибавило медицинска документација и други докази. Пријавата на Стефановски за лажно пријавување била отфрлена, а постапката по пријавата на Коцева продолжила. На 9 септември 2025 година, таа дала исказ во обвинителството и потврдила дека останува на предлогот за негово гонење.
Вчера беше објавено со повеќе повреди од остар предмет починаа 31 годишна велешанка и нејзиниот 74 годишен татко, а стрителот 39 годишен скопјанец поранешен партнер на девојката се самоубил со тврд остар предмет.
Македонија
Намалена активната транспарентност на Владата и на министерствата, најмалку информации има за финансиите, објави Центарот за граѓански комуникации

Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според активното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 102 институции, односно Владата и сите министерства и општини.
„Индексот ги покажува следниве клучни аспекти: просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2025 година изнесува 80 % (од максимално можни 100 %), исто колку што изнесуваше и минатата година.
Активната транспарентност на министерствата и на Владата е намалена во однос на лани и изнесува 84 % (лани 86 %).
Општините го задржаа истото ниво на активна транспарентност како и лани, односно 79 %“, е нагласено во извештајот.
Според наведеното, дури 44 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност (лани се влошиле 19 % од институциите).
„Министерството за одбрана петта година по ред ги задржа максималните 100 % активна транспарентност, а резултатот од 100 % годинава го освои и новоформираното Министерство за дигитална трансформација.
Кај општините, за разлика од лани кога дури пет општини го делеа првото место со 100 % активна транспарентност, годинава на ова место се задржаа само две – Кавадарци и Кичево.
Меѓу регионите, трета година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион (со иста активна транспарентност како и лани од 88 %).
На последно место, со намалена активна транспарентност во однос на лани, се наоѓа Полошкиот Регион (со 71 % активна транспарентност, лани 73 %).
Најмалку информации, според центарот, и министерствата и општините објавуваат за финансиите (министерствата 58 %, а општините 59 % од можни 100 %).
Огромно уназадување, како што велат од таму, има кај одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање.
„Општините одговорија во просек за 21 ден (лани за 15 дена), а министерствата одговорија за 23 дена (лани за 14 дена). Инаку, крајниот законски рок е 20 дена.
Само 54 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 71 % од институциите)“.