Македонија
Скопје повторно соборува рекорди, се најде на прво место во Европа по загаденост
Скопје се најде на седмото место на листата со најзагадени градови во светот, а на прво во Европа, со индекс на загаденост од 164, покажаа податоците од платформата IQAir.
По општини, најзагадено утрово е во Центар, со индекс на загадување од 196, потоа следуваат Лисиче, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Ректорат, Кисела Вода.
Мерењата покажуваат дека ПМ 2,5-честичките утрово се застапени во воздухот со 85 микрограми на кубен метар, што е повеќе од 17 пати над дозволената горна граница, која е утврдена од страна на Светската здравствена организација (СЗО). Високо е нивото и на ПМ 10 -честичките, а мерењата утрово покажуваат присуство на 131,4 микрограм на кубен метар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова присуствуваше на традиционалниот празничен ручек што го приредува архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан по повод неговиот именден
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, со задоволство ја прифати поканата на Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан да биде дел од прославата и празничната трпеза по повод неговиот именден – празникот на светиот првомаченик, архиѓакон Стефан.
Покрај искрените честитки, таа му посака добро здравје и изрази желба за понатамошно успешно извршување на важната мисија на духовен чувар и водач на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
За време на прославата, на која беа присутни носителите на највисоките државни функции, беше потенцирана важноста на духовната сплотеност и заедништво во градењето, застапувањето и одбраната на националните интереси.
Македонија
Јаневска: И со новиот закон, бесплатни учебници на 5 јазици
Новиот Закон за учебници во основно и средно образование ја уредува подготовката, изборот, одобрувањето, издавањето и повлекувањето од употреба на учебниците за основните и средните училишта, со него ќе добиеме подобар квалитет на учебниците а тие и понатаму остануваат бесплатни. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање рече дека со новиот модел, учебниците се даваат на издавачките куќи, но, на почетокот, ќе функционираат и двата модели за изготвување учебници, бидејќи постапките кои се почнати, мора да се завршат по стариот закон.
„На средба со издавачките куќи, веќе ги информиравме дека пресметката на вредноста на учебниците ќе оди по формула и тие се согласни, што значи дека максималната цена на учебникот ќе биде ограничена. На цената, се разбира, влијае тиражот, преводите и други елементи. Ние сме единствена земја која прави бесплатни учебници на 5 јазици, но ќе продолжиме да го правиме тоа и понатаму, само нашите деца да стекнат повеќе знаења, компетенции и вештини“, изјави министерката Јаневска.
Експертите со кои се консултираше министерството, Педагошката служба и комисијата која работеше на законот, сите се убедени дека со новиот модел ќе се избегнат грешките и ќе добиеме поквалитетни учебници, што заедно со новите програми кои ги креира Бирото за развој на образованието, ќе придонесе за подобрување на воспитно-образовниот процес, објасни Јаневска.
Македонија
Министерството за надворешни работи со осуда: Злонамерните изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија силно ја осудува објавата на лидерот на бугарска политичка партија Преродба, Костадин Костадинов, и актуелен пратеник во Народното собрание на Бугарија, на социјалната мрежа Facebook, со која изразува јасни територијални претензии кон нашата држава.
„Таквите злонамерни изјави на официјални личности од бугарската политичка сцена се директен напад на суверенитетот, интегритетот и независноста на нашата држава, и истовремено се во директна спротивност со правилата и принципите на меѓународното право, немешањето на државите во нивните внатрешни работи и политиката на градење на добри меѓусоседски односи.
Ваквата недолична изјава на Костадинов, очекуваме од официјална Софија да биде отфрлена како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивно на нашите залагања за обезбедување на траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко“, се вели во реакцијата на Министерството за надворешни работи.