Македонија
(Видео) Кузеска: Христовски нема сертификат од НАТО, уште една лага на власта
„Скандалот со киднапирањето на Агенцијата за национална безбедност и партиското назначување директор нема крај. Последната манипулација којашто власта ја сервира е дека Христовски наводно поседувал сертификат од НАТО. Ова е намерна манипулација за да се одбегнат одговорите на суштинските прашања а тоа е дали Христовски воопшто ги исполнува условите да биде на оваа висока позиција“, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„СДСМ ќе ја разобличи оваа манипулација и ќе инститира на правна разрешница на овој случај. Прво, проверките за издавање на безбедносни сертификати ги вршат исклучиво домашните безбедносни институции, а тоа се АНБ и МВР“, вели таа и додава:
„Постапката е јасно дефинирана: институцијата каде што работи лицето доставува барање до Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, по што се спроведуваат потребните проверки. А тие проверки за цивилни лица ги спроведуваат АНБ и МВР а не НАТО. Значи во случајот со Бојан Христовски, токму АНБ каде што тој е именуван за диркетор поднела барање и токму АНБ спровела безбедноста проверка на својот директор“.
Според неа, ова ја открива целата манипулација на власта.
„Прашањето е зошто по секоја цена, по сите можни скандали, власта го турка Христовски и ревносно го штити. Христовски беше именуван за директор на АНБ без соодветен безбедносен сертификат од ниво „државна тајна“. Согласно член 10 став 1 од Законот за АНБ безбедносниот сертификат е услов за да биде именуван за директор. Се уште е отворено прашањето и за сертификатот за англиски јазик од Пловдив Бугарија, од непосточека агенција. Отворено е и прашањето за валидноста на дипломата на Христовски. Одлуката на ДКСК е целосно компромитирана и затоа Јавното обвинителство не смее уште да молчи. ДПМНЕ создава паравласт, ги крши законите за да ги партизира безбедносните институции. СДСМ ќе продолжи да инсистира на целосна транспарентност и правна разрешница за овој случај“, истакнува Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повторно во прекин сообраќајот на „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 17:00 часот повторно е во прекин, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
Во 15 часот повторно беше нормализиран, а сега повторно е затворен.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.
Македонија
Левица: Очекуваме власта утре да покаже доблест и да се појави на Анкетна комисија за Кочани
Во пресрет на утрешната седница на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, повторно апелираме до пратениците од владејачкото мнозинство и поканетите претставници од власта, да не измислуваат изговори и да се појават на седницата, велат од Левица.
„Повторуваме дека оваа седница е свикана по претставка на родителите на трагично загинатите деца од Кочани, а датумот е успгласен токму со нив, бидејќи единствено утре не е закажано судско рочиште за „Пулс”. Оттука, утре е единствен ден кога родителите би можеле конечно да се обратат од Собранието кон претставниците на институциите од кои зависат одговорноста и промената на системот“, велат од партијата.
Од Левица наведуваат дека три пати се обиделе да закажат седница за трагедијата во Кочани.
„Три пати беше блокирана со директна улога на спикерот Гаши и ДПМНЕ. Власта која не најде сила ниту за комеморативна седница во Собранието, сега нема никаков легитимен изговор да ја кочи расправата. Досегашните изјави на власта дека токму утре било предвидено да се започне расправата за Предлог-буџетот, наоѓајќи алиби за повторно избегнување на седницата, е несоодветен и невистинит. Буџетската расправа трае пет дена, што е повеќе од доволно за да се исцрпи целата дискусија, а рокот за донесување на Буџетот е најдоцна до 31 декември“, велат од Левица.
Од таму упатија апел утре да не се повтори уште еден институционален срам.
„Седницата мора да се одржи, без одлагања, празни изговори и политички калкулации. Родителите доаѓаат да го кажат она што државата со месеци одбива да го слушне. Од власта и државниот врв се очекува, најмалку, да се појават и да погледнат во очи луѓе кои бараат правда, одговорност и промена. Секое ново бегање и саботирање би било уште една навреда за семејствата, но и народот, како и уште еден чекор кон одржување на системот кој дозволува да се повторуваат трагедии“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на ГП „Богородица“
Сообраќајот на граничниот премин „Богородица“ кон Грција (ГП „Евзони“) од 15:00 часот е нормализиран во двата правци, информира АМСМ.
Сообраќајот беше во прекин од 11:00 часот поради штрајк на земјоделците.
На ГП „Дојран“ има задржувања за влез во државата.

