Свет
Богатство од триесетгодишната војна пронајдено скриено во статуа во црква во Германија

Реставраторите на познатата готска црква во Германија открија богатство скриено во статуа пред речиси 400 години.
Четирите вреќи со монети од 1600-тите години, најверојатно, биле скриени за време на триесетгодишната војна кога шведските војници често ја ограбувале областа.
Откритието раскажува неверојатна приказна, вели Улф Дрегер, куратор и шеф на оддел во покраината Саксонија-Анхалт. Реставраторите ги пронајдоа парите и богатството пред две години, но откритието беше објавено неодамна.
Богатството било скриено во ногата на една од статуите во црквата „Свети Андреј“ во Ајслебен. Токму во црквата, Мартин Лутер, протестантскиот реформатор, кој напиша 95 тези против корупцијата во Римокатоличката црква, ги одржа своите последни четири богослужби во 1546 година.
Сто години подоцна, околу 1640, некој ја користел црквата како засолниште за богатство. Во шупливиот крак на статуата од песочник биле скриени четири полни вреќи со 816 монети.
„Чудо е што богатството не беше откриено порано“, вели Дрегер, пренесува РТС.
Ќе биде потребно долго време за експертите за монети да ја проценат вредноста на целото богатство, но првата процена сугерира дека тоа е од голема вредност.
„Далеку повеќе отколку што би можел да заработи вешт мајстор за една година“, додава Дрегер.
Највредните монети биле завиткани во хартија и означени така што се знаело дека припаѓаат на црковната ризница.
„Сепак, ова не се пари од донации за време на неделните богослужби, туку она што свештениците го собрале од специјалните служби – свадби, крштевки и погреби“, објасни Дрегер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
За Зеленски велигденското примирје на Путин е нова манипулација

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази скептицизам во врска со едностраниот велигденски прекин на огнот, објавен денеска од рускиот претседател Владимир Путин. Во објава на социјалните мрежи оцени дека станува збор за нова манипулација на Путин, но не открива дали примирјето е прифатливо за Киев.
– Што се однесува до новиот обид на Путин да манипулира со човечките животи – сирените за воздушен напад моментално се огласуваат во многу делови на Украина. Во 17 часот и 15 минути на нашето небо беа откриени руски беспилотни летала. Украинската воздушна одбрана и воздушните сили веќе почнаа да дејствуваат за да не заштитат. Присуството на дронови Шахед во нашиот воздушен простор јасно го открива вистинскиот став на Путин кон Велигден и кон човечките животи, напиша Зеленски на платформата Х.
Зеленски во објавата не дава никави назнаки дали и Украина ќе го прекине огнот за Велигден.
Рускиот претседател Владимир Путин попладнево објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објави Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Свет
Путин објави велигденско примирје

Рускиот претседател Владимир Путин објави велигденско примирје и запирање на сите воени операции, соопшти Кремљ.
– Руската страна, водејќи се од хуманитарни причини, денеска од 18:00 часот [по московско време] до 00:00 часот меѓу недела и понеделник, прогласува велигденско примирје. Наредувам да се прекинат сите воени дејствија за овој период, објавил Путин на денешната средба со началникот на Генералштабот Валери Герасимов.
Путин истакнал дека руските војници, сепак, мора да бидат подготвени за можни прекршувања на примирјето од страна на Киев. Мора да бидат подготвени да одбијат секаква провокација на непријателот, секоја негова агресивна акција, нагласил рускиот претседател.
Москва очекува украинската страна да го следи нивниот пример. Киев сè уште официјално не го коментираше прогласеното примирје.
Свет
Се урна станбен блок во Индија

Четири лица загинаа, а уште 10 се водат за исчезнати откако денеска се урна повеќекатен станбен блок во близина на Њу Делхи, јавија индиските медиуми повикувајќи се на полицијата.
Според извештаите, спасени се 14 лица. Блокот се урнал во Мустафабад во североисточниот дел на државата Делхи. Ограничените услови ја попречуваат спасувачката работа, изјави портпаролот на Националните сили за одговор при катастрофи.
Причината за уривањето се уште не е позната. Локалните медиуми јавуваат дека неодамна биле извршени градежни работи во приземјето на зградата.
Главниот министер на Делхи, Река Гупта нареди истрага за инцидентот.