Дијаспора
Законот за малцинствата ќе ги реши проблемите на Македонците во Албанија

Најавениот закон за малцинствата во Албанија, кој се очекува да биде усвоен наскоро треба да ги реши отворените проблеми и на македонското малциство во оваа земја, било потенцирано на средбата помеѓу претставниците на македонското друштво „Илинден“ во Албанија и заменик државниот правобранител на Албанија, Алкет Јакупи.
Претседателот на огранокот на друштвото „Илинден“ за областа Голо Брдо, Или Халилај на средбата со заменик правобранителот Јакупи побарал македонското малцинство во Албанија да се признае на целатата територија а не само во областа Мала Преспа. Тој воедно нагласил дека неоходно е во согласност со меѓународните конвенции за правата на малцинствата да се дозволи и настава на мајчин македонски јазик во Голо Брдо и другите области каде што живеат припадниците на македонското малцинство, како што е Гора и други места.
Од страна на заменик правобранителот Јакупи било нагласено дека тој ги има предвид барањата на друштвото „Илинден“ за отворање на училишта на македонски јазик, како и добивање на другите права, но нагласил дека тоа се очекува да се случи по донесувањето на Законот за малцинства, кој треба да биде донесен наскоро. Јакупи ветил дека ќе ги поддржи правата кои на малцинтствата ќе им следат со закон. Без законско решение за овие права, не е можно да им се помогне на малцинствата, нагласил Јакупи./крај/мф/мн
Извор:
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.
Дијаспора
Муцунски се сретна со претставници на македонската дијаспора во Австралија

Во рамки на работната посета на Австралија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, присуствуваше и се обрати на натпревар на Престон Лајонс, еден од најуспешните македонски фудбалски клубови во Австралија. Клубот претставува спортски симбол на македонската заедница и ја негува традицијата и врските со татковината преку спортот.
„Во црвено-жолта боја, тука од Мелбурн навивавме за тимот кој е гордост на македонската заедница, успешен спортски модел и симбол на спортскиот дух во Австралија,“ напиша Муцунски во објавата на социјалните мрежи. Тој натпреварот го проследи заедно со неколку успешни македонски стопанственици, кои со својата поддршка придонесуваат за зачувување на македонскиот спортски и културен идентитет во дијаспората.
Посетата на Австралија е можност за зајакнување на врските со нашите иселеници, кои имаат значајна улога во градењето мостови на соработка. Во рамки на посетата, министерот Муцунски го посети и македонскиот манастир Св. Климент Охридски – најстариот македонски манастир во дијаспората, како и соборниот храм Раѓањето на Пресвета Богородица во Мелбурн, истакнувајќи дека црквите се важен столб за зачувување на македонскиот идентитет, култура и традиција.
Дополнително, министерот Муцунски оствари средба со претставници на Македонското здружение за благосостојба на заедницата (MCWA), водечка организација во Австралија посветена на обезбедување индивидуализирана грижа за постари лица, со акцент на културната компетентност и инклузивноста. Како заеднички ориентирана организација, MCWA нуди широк спектар на услуги, вклучувајќи програми за добросостојба и рехабилитација, следејќи ги најдобрите практики и регулаторни стандарди.
Дијаспора
Османи однесе втора, мобилна, станица за пасоши во Берн, Швајцарија

Во продолжение на серијата посети на дипломатско-конзуларни претставништва на Република Северна Македонија со значително зголемен обем на конзуларна работа, денеска, министерот за надворешни работи Бујар Османи престојува во Амбасадата во Берн, Швајцарија.
Во оваа Амбасада покрај другите конзуларни услуги за нашите државјани, преку базната станица се врши фотографирање и земање на биометриски податоци за издавање на патни исправи, а од денес паралелно со базната станица се става во функција и дополнителна мобилна станица.
“Дојдов овде за да ги охрабрам дипломатите кои им служат на околу 300 наши државјани дневно, но и да гледам како тече процесот на издавање на нови патни исправи. Донесов уште една мобилна станица за фотографирање, што значи дека и овде во Берн работиме со два пункта паралелно, што значи два тима паралелно фотографираат и врачуваат нови патни исправи” истакна Османи.
Амбасадата во Берн e една од најоповарените амбасади во Европа во кои има базна станица. Како и во нашите дипломатско-конзуларни претставништва во Брисел, Бон и Берлин, и Амбасадата во Берн ја реаорганизираше својата работа во конзуларниот дел со цел да се скрати времето на давање услуги и нашите граѓани во најбрз можен рок да се снабдат со документи за патување.
“Предизвиците продолжуваат секаде поради вонредната ситуација. Олеснувачки фактор претставува одлуката на Швајцарија да им дозволи на нашите државјани патување и со старите патни исправи. Како и да е, сме се реорганизирале со дополнителни дипломати, работа во две смени и работа за време на викенд”, заклучи Министерот.
Од Швајцарија, Османи продолжува за претставништвото во Венеција, со цел запознавање од блиску со ситуацијата и спроведување на реорганизацијата за да им се излезе во пресрет на интересите на нашите државјани во Италија.