Свет
Патрушев: Украина ќе престане да постои како држава во 2025 година

Помошникот на претседателот на Русија, Николај Патрушев, денеска изјави дека не ја исклучува можноста Украина да престане да постои како држава веќе во 2025 година.
„Особено е загрижувачки што насилната примена на неонацистичката идеологија и жестоката русофобија ги уништува некогаш просперитетните градови во Украина, вклучувајќи ги Харков, Одеса, Миколаев, Днепропетровск.
Можно е в година Украина целосно да престане да постои“, вели Патрушев во интервју за „Комсомолска правда“. Коментирајќи ги геополитичката ситуација и очекувањата за промени во пресрет на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Патрушев рече дека времето ќе покаже дали Трамп ќе успее целосно да ги спроведе своите намери.
„Како што покажа неговиот прв мандат, озлогласената длабока држава во САД е многу силна. Можеби нема да му дозволат да се сврти. А искуството од изборната кампања и обидот за атентат врз него бара подготвеност за најнезамисливи сценарија“, рече Патрушев и додаде дека позициите на Трамп не ги делат сите американски елити.
Како што наведе тој, овие позиции значително се разликуваат од плановите на Демократската партија, индивидуалните сопственици на индустриски гиганти и транснационални корпорации, поради што, оцени тој, „исклучително е важно да се обезбеди безбедноста на Трамп, како и неговата околина, пред да ја преземе функцијата шеф на државата, како и за време на претседателството“.
Патрушев истакна дека за администрацијата на актуелниот американски претседател Џозеф Бајден, Украина била апсолутен приоритет, но дека таа не е меѓу приоритетите на Трамп бидејќи тој е повеќе загрижен за Кина. „Трамп ги истакна своите интереси за Гренланд, Панамскиот Канал, Мексико и Канада. Прецртувањето на картата на светот според сопствените интереси и мешањето во работите на земјите на разни континенти е американска традиција. Нема сомнеж дека во сите овие области новата администрација многу агресивно ќе ги турка сопствените интереси“, изјави помошникот на рускиот претседател. Што се однесува до односите на САД со Кина, Патрушев рече дека верува оти несогласувањата на Вашингтон со Пекинг ќе се влошат, „и Американците ќе ги надујат, дури и вештачки“.
„За нас, Кина беше и останува најважниот партнер со кој нè поврзува особено привилегирана стратешка соработка. Овие односи не се предмет на конјунктура, тие опстојуваат, без разлика кој ја зазема Овалната соба“, нагласи тој.
Според него, главен приоритет на Русија се заштитата и благосостојбата на руските граѓани и сонародниците во целиот свет. Тој истакна дека дискриминацијата на руското население мора да се запре во голем број земји, вклучувајќи ги и балтичките земји и Молдавија.
„Властите на овие земји продолжуваат да се водат во длабока криза преку непромислени постапки и во исто време тврдоглаво ја вртат русофобната клевета. Особено е индикативна енергетската криза за која 100 % се виновни молдавските власти, кои совесно ги извршуваат наредбите на Брисел за намалување на гасната зависност од Русија“, нагласи Патрушев и порача дека Кишињев не треба да се залажува ниту себе ниту својот народ дека молдавските власти „не треба да бараат непријатели во земјата или во Приднестровје, туку да ги признаат своите грешки и да почнат да ја поправаат ситуацијата“.
„Не ја исклучувам можноста дека агресивната антируска политика на Кишињев ќе доведе до тоа Молдавија или да стане дел од друга држава или целосно да престане да постои. Во оваа ситуација можете да го видите примерот на Украина, каде што неонацизмот и русофобијата ја доведоа земјата во колапс, многу пред специјалната воена операција“, предупреди помошникот на Владимир Путин.
Патрушев истакна дека украинскиот народ останува близок, братски, врзан со вековните врски со Русија, без разлика што киевските пропагандисти, опседнати со Украина, го тврдат спротивното. „Не сме рамнодушни кон она што се случува во Украина“, истакна тој. Тој исто така изјави дека преговорите за Украина треба да се водат меѓу Русија и САД, без учество на други западни земји.
„Нема што да се разговара со Лондон или Брисел. Раководството на ЕУ, на пример, одамна престана да има право да зборува во име на многу свои членки, како што се Унгарија, Словачка, Австрија, Романија и некои други европски земји, кои се заинтересирани за стабилност во Европа и за балансиран став кон Русија“, заклучи Патрушев, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Добитничката на Нобеловата награда за мир го повикува Трамп да ја запре војната на Мадуро против нејзината земја

Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, повика на поголема поддршка од Соединетите Американски Држави за да се запре она што го опиша како војна на претседателот Николас Мадуро против нејзината земја, пишува Си-ен-ен.
Во интервју за Си-ен-ен, Мачадо ги повтори ставовите на администрацијата на Доналд Трамп нарекувајќи го Мадуро лидер на „криминална наркотерористичка структура“, а од американскиот претседател Доналд Трамп побара поголема помош за негово соборување од власт.
Таа исто така изјави дека американскиот лидер апсолутно заслужува своја Нобелова награда за мир поради „неверојатните настани што моментно се случуваат во светот“ алудирајќи на напорите на Трамп да посредува во мировниот процес на Блискиот Исток.
Изјавите на Мачадо, чија победа предизвика негодување кај некои поддржувачи на движењето МАГА, кои се надеваа дека Трамп ќе ја добие наградата, доаѓаат во време на растечки тензии меѓу САД и Венецуела, пишува Си-ен-ен. Тие следуваа по неколку американски воени напади врз бродови во близина на брегот на Венецуела, кои администрацијата на Трамп наводно ги означи како бродови за шверц на наркотици, а последниот таков напад беше во вторникот кога загинаа шест лица на бродот.
Додека администрацијата на Трамп инсистира дека целите на нивните напади се дилери на дрога, пишува Си-ен-ен, Каракас ги обвинува САД дека се обидуваат да го соборат Мадуро – човек кого САД го обвинуваат за трговија со дрога (обвинение што тој жестоко го негира) и за чија глава има награда од 50 милиони долари.
Мачадо, која е во егзил од спорните избори минатата година, ги поздрави американските акции, што ги смета за намалување на поддршката за режимот на Мадуро.
Таа исто така го обвини Мадуро, пишува Си-ен-ен, дека ја претвора Венецуела во „вистинска закана за националната безбедност на САД“.
„Во случајот на Мадуро и неговата криминална наркотерористичка структура, таа се одржува преку трговија со дрога, злато, оружје, па дури и луѓе, и ние мора да ги намалиме овие текови“, изјави Мачадо за Си-ен-ен.
Таа за Си-ен-ен изјави дека промената на режимот ќе биде можна само со „спроведување на законот и со прекинување на тековите што потекнуваат од овие криминални активности“ додавајќи дека токму тоа би ја завршило војната на Мадуро против нејзината земја.
Фото: принтскрин
Свет
Зеленски и Путин се борат за вниманието на Трамп, ова е најнеизвесната битка во целата војна, пишува „Скај њуз“

Зеленски и Путин се борат жестоко за наклонетоста на Трамп, кој како фигура стана една од клучните битки во оваа војна, анализира дописникот на „Скај њуз“, Џон Спаркс.
Сеопфатен договор би барал големи територијални отстапки, а Зеленски нема намера да ја предаде земјата што моментално ја држи руската војска. Од друга страна, Путин нема намера да се повлече.
Каде го остава тоа Володимир Зеленски, кој е во Вашингтон обидувајќи се да ја истражи можноста за добивање ракети „Томахавк“?
Всушност, ситуацијата не се промени многу за украинскиот претседател од февруари, кога Трамп и неговиот сојузник Џ.Д. Венс јавно му држеа предавања. Тој сè уште треба да ги убеди да ја прифатат украинската приказна, приказната за демократијата, европската интеграција и, на крајот, опстанокот на украинскиот идентитет.
Крстосувачките ракети „Томахавк“ сами нема да ја променат војната. Дури и ако Трамп ја одобри испораката, Украина нема да добие многу од нив, а прашањето е како би ги користела, Американците ги лансираат од бродови и подморници.
Значењето на „Томахавкот“, според тоа, симболично, покажува на која страна всушност стои Трамп. Американскиот претседател стана продолжение на оваа војна, едно од нејзините клучни „бојни полиња“. Трамп може, со својата одлука, да воведе разорни санкции врз Русија или да обезбеди воена помош што би ги надминала сите претходни пакети – и што би значело многу повеќе од неколку десетици ракети.
Затоа, Путин и Зеленски ќе продолжат да се борат за наклонетоста на Трамп, што е најнепредвидливото бојно поле на оваа неславна војна, заклучува Спаркс.
Свет
СЗО: Заразните болести во Газа се надвор од контрола

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека заразните болести во Појасот Газа денес се надвор од контрола, при што само 13 од 36-те болници на територијата делумно функционираат.
„Без разлика дали станува збор за менингитис, дијареја, респираторни заболувања, зборуваме за огромна количина работа“, рече Ханан Балки, регионален директор на здравствената организација на ОН.
Во посебна изјава СЗО соопшти дека ги зголемила резервите со медицинска опрема за здравствените установи откога прекинот на огнот во Газа стапи во сила.
„Оваа недела повеќе од 220 палети со основни лекови и медицински потрошен материјал беа испратени од нашиот јужен магацин до партнерите што ги поддржуваат болниците во Газа“, се вели во соопштението на платформата „Икс“.
СЗО им се заблагодари на Европските операции за цивилна заштита и хуманитарна помош (ECHO) за нивната континуирана поддршка, објавува „Гардијан“.
Светската програма за храна (WFP) на ОН денес објави дека од почетокот на прекинот на огнот во Газа доставувала просечно 560 тони храна дневно, но дека тоа е сè уште под потребните количини. „Сè уште сме под она што ни е потребно. Прекинот на огнот отвори мал прозорец на можности и Светската програма за храна (WFP) многу бргу се движи кон зголемување на помошта во храна“, изјави портпаролката на WFP, Абир Етефа, за новинарите во Женева.
Војната уби најмалку 67.967 луѓе во Газа, претежно жени и деца, според палестинското Министерство за здравство.
Фото: принтскрин