Топ
(Фото) Уапсен 30-годишен скопјанец: при претрес пронајдена дрога, пиштол, пари

Вчера во 19.30 часот во Скопје, на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода 30-годишниот А.Т. од Скопје затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана.
Подоцна, по дополнително преземени мерки, полициските службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје со судска наредба извршиле претрес во домот на пријавениот на подрачјето на општина Аеродром, при што биле пронајдени и одземени марихуана, семки од канабис, дигитална вага, бела грутчеста материја, таблети, пиштол „Зораки М 906“ со рамка, пари и други предмети.
Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава по член 215 и член 396 од Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Топ
Жител на Кочани пронајден мртов во Љубљана, од МНР велат дека случајот го истражува полицијата

До македонската амбасада во Љубљана е доставено известување дека во текот на ноќта на 2 октомври, животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година во Кочани, соопшти Министерството за надворешни работи.
Од таму велат дека согласно информациите од словенечката полиција, блиските на починатиот се веќе известени, а случајот го разгледува Секторот за криминалистичка полиција.
„Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во контакт со семејството на починатиот и со надлежните словенечки институции, со цел обезбедување на потребната конзуларна поддршка и следење на понатамошниот тек на постапката“, велат од МНР.
Словенечки медиуми објавија дека 38-годишен маж од Северна Македонија починал во центарот на Љубљана и дека причината за смртта сè уште не е разјаснета.
Словенечкиот портал 24.ur.com објави дека неговото тело е пронајдено во четвртокот во раните утрински часови, а според неофицијални информации, тој бил претепан до смрт, што полицијата не го потврдила.
„Полициските службеници извршија увид на местото на настанот, наредена е обдукција, а причината за смртта сè уште не е утврдена. Во тек е интензивна кривична истрага. Надлежното државно обвинителство ќе биде информирано за сите наоди“, изјави портпаролката на полицијата.
Полицијата, исто така, не ги потврди наводите дека починатиот маж е пронајден на Метелкова.
Македонија
Помошник на министерот за внатрешни работи незаконски зел надоместоци за прекувремена работа и бонус плата

Полицијата поднесе кривична пријава против помошник на министерот за внатрешни работи, раководител на Одделот за дисциплински и судски постапки, затоа што незаконски зимал надоместок за прекувремени работни часови како и една бонус плата со што го оштетил буџетот на МВР за над 100.000 денари.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против Љ.Р. поради постоење на основи на сомнение дека пријавениот сторил кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување.
Пријавениот, како помошник на министерот за внатрешни работи, раководител на Одделот за дисциплински и судски постапки, ја искористил својата службена положба или овластување, односно ги пречекорил границите на своето службено овластување.
Тој за месеците јуни, јули, август, септември, ноември и декември 2023 година, врз основа на списоци за евиденција на прекувремени работни часови и листа на работници од Одделот за дисциплински и судски постапки кои ги исполнуваат услови за исплата на бонус плата за 2023 година која лично ја одобрил, во отсуство на писмени наредби за реализирани часови работа со кои бил задолжен да извршува работи и задачи повеќе од полното работно време, се стекнал со парични средства на име работа подолга од полното работно време во износ од 80.134 денари и бонус плата за 2023 година во износ од 36.614 денари или вкупна противправна имотна корист во износ од 116.748 денари на штета на буџетот на МВР.
Свет
Меркел: Дали Путин ќе ја нападнеше Украина ако не се случеше пандемијата на коронавирус?

Поранешната германска канцеларка, Ангела Меркел, даде интервју за унгарскиот медиум „Партизан“. Меѓу другото, таа зборуваше за конфликтот во Украина.
„Во јуни 2021 година, почувствував дека Путин повеќе не го сфаќа сериозно Минскиот договор и затоа сакав нов формат, тогаш заедно со претседателот Макрон, каде што ќе разговараме директно со Путин како Европска Унија“, рече Меркел.
Сепак, таа тврди дека наишла на отпор. „Некои луѓе не го поддржаа. Тоа беа првенствено балтичките држави, но и Полска беше против него. Овие четири земји се плашеа дека нема да имаме заедничка политика кон Русија“, рече таа.
„Во секој случај, новиот формат не се материјализираше. Јас ја напуштив функцијата, а потоа започна агресијата на Путин“, додаде таа.
Во интервјуто, Ангела Меркел постојано нагласуваше колку е важно, според неа, да се одржува дијалогот, дури и меѓу спротивставените табори.
Таа, исто така, постојано нагласуваше дека избувнувањето на пандемијата на коронавирусот предизвика прекин на многу комуникациски канали и затегнати меѓународни односи. Видеоконференциите, рече таа, не се замена за разговорите лице в лице.
„Дали Путин ќе ја нападнеше Украина ако не се случеше пандемијата на коронавирус? Никој не може да каже. Коронавирусот ја промени светската политика затоа што повеќе не можевме да се среќаваме“, тврди таа.
Меркел истакна дека самиот Путин не учествувал на самитот на Г20 во 2021 година „од страв од пандемијата на коронавирус“.
„Ако не можете да се среќавате и да ги решавате разликите во мислењата, тогаш повеќе не можете да најдете нови компромиси. Видеоконференциите не се доволни во таква ситуација“, смета Меркел, која беше канцелар од ноември 2005 до декември 2021 година.
Фото: ЕПА