Топ
Исчезнатата Лидија од скопско Јурумлери пронајдена мртва

Идентификувано е телото кое пред неколку дена беше пронајдено во реката Вардар. Се работи за Лидија Трајковска, жената од Јурумлери која исчезна во ноември минатата година.
Пред неколку дена беше пронајдена жена во водите на реката Вардар кај Зелениково.
Лидија (43) исчезна на 8 ноември минатата година, кога последен пат била видена на автобуската станица во селото.
Потрагата по неа траеше неколку месеци, а нејзиниот брат и сестра барале и меѓународна помош за да ја пронајдат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Кривична пријава против две лица за криумчарење мобилни телефони „Ајфон“, случајот откриен на Ново Село

Поднесена кривична пријава против две лица за сторено кривично дело „криумчарење“ мобилни телефони „Ајфон“ во вредност од 355 илјади денари.
Како што извести Царинската управа, делото е откриено на влез на граничен премин Ново Село, кога при извршен детален преглед на возилото со кое патувале осомничените, во багажниот простор се откриени вкупно пет нови „iPhone 16“, од кои три „iPhone 16 Pro Max“, како и еден употребуван „iPhone 16 Pro Max“.
Случајот е предаден во Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, од каде се преземени предистражни дејствија. Во постапката е утврдено дека првоосомничениот, по договор со второосомничениот, во негово име ги презел мобилните телефони кои претходно биле порачани преку интернет од лице во Бугарија, за кои биле платени пет илјади евра во криптовалута.
По преземањето, телефоните биле скриени во багажниот простор со цел да се избегне царинската контрола и плаќање давачки кон државата во износ од 64 илјади денари.
Телефоните се запленети, а против сторителите е поднесена кривична пријава до Основно Јавно Обвинителство Струмица, соопшти Царинската управа.
Македонија
Ѓорѓиевски ја вети подземната кај „Лимак“ што ја ветуваа и Арсовска, Шилегов и Трајановски: Ќе ја смени сообраќајната иднина на градот

Проектот за подземната сообраќајница кај„Лимак“ не е само дел од мојата програма туку е вистински пресврт за централното градско подрачје, рече денес кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски. И тој како и неговите претходници Данела Арсовска, Петре Шилегов и Коце Трајановски, им вети на скопјани дека ќе изгради три кружни тека со кои ќе ја поврзе подземната сообраќајница, која пак треба целосно да ја изгради „Лимак“.

Скопје ја добива првата подземна сообраќајница во нашиот главен град, нешто што досега било несвојствено за нашата држава, рече Ѓорѓиевски
„Се работи за клучен проект што ќе го растовари целосно метежот во центарот на Скопје. Новиот кружен тек кај Нова Македонија, и двата кружни тека кај булеварот Кочо Рацин и улица Железничка, кај што се наоѓаме во моментов, ќе донесат побезбеден проток и паметни сообраќајни решенија според европските стандарди. Со пуштањето во употреба на подземната сообраќајница под ’Лимак’, Скопје ја добива првата подземна сообраќајница во нашиот главен град, нешто што досега било несвојствено за нашата држава. Таа ќе има шест ленти, четири за двонасочен сообраќај за автомобили, две за автобуси и дополнителни тротоари за пешаци. Со оваа подземна сообраќајница под ’Лимак’, сообраќајот би течел сосема непречено, а центарот ќе заживее значително растоварување што ќе го направи движењето низ целиот град многу покомфорно и пред се побезбедно“, рече Ѓорѓиевски.

Предвидуваме уште едно капитално решение, а тоа е улицата Даме Груев да премине во булеварско решение, кажа денес Ѓорѓиевски
Тој најави и уште еден проект што многумина пред него го ветуваа но се покажа дека е тежок за реализација па остана само на хартија иако се правеа низа анализи, проекти и планови изминативе три децении.
„Мислам дека ќе успееме да постигнеме и целосно ослободување од метежот во Центарот бидејќи предвидуваме уште едно капитално решение, а тоа е улицата Даме Груев да премине во булеварско решение. Иако постојат предизвици со зградата на ’Макотекс’ имаме јасен план за правно и техничко решение“, вели Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски и Лабудовиќ заедно ќе градат катна гаража во Буњаковец и монтажни паркинзи под Калето и во Капиштец
Паркирањето во Центар Ѓорѓиевски најави дека ќе го растоварува со нова катна гаража зад Буњаковец, на местото на дотрајаните бараки и сегашниот монтажен паркинг, а заедно со Мирослав Лабудовиќ, кандидатот за градоначалник на Општина Центар од ЗНАМ, најавија изградба на монтажни паркинзи под Калето и во Капиштец покрај другите заеднички проекти за надминување на сегашниот хаос во градот и во Центар.
Македонија
М-НАВ: Македонското небо не смее да се „затвори’“

Менаџерскиот тим на М-НАВ во денешното соопштение до јавноста реагира околу најавите за штрајк и „затворањето на небото“ на 20 и 24 октомври.
„М-НАВ како институција е дел од критичната инфраструктура која директно ги штити животите и безбедноста на патниците, екипажот и воздушниот сообраќај што пристига, полетува и прелетува над Република Македонија. Работата на контролата на летање не смее и не може да запре под никакви околности поради ризикот по безбедноста на сите граѓани“, велат од менаџерскиот тим на М-НАВ.
„Менаџерскиот тим го признава правото на синдикалните организации да организираат штрајк како интегрален дел од борбата за подобрување на работничките права на вработените. Сепак, секој штрајк во институција која обезбедува безбедносни услуги мора да биде организиран така што работно ќе бидат ангажирани доволен број на контролори на летање (и секако останатите вработени на други работни места) за да се одржи безбедното управување со воздушниот сообраќај. Ниту една активност на синдикатите или било кои други субјекти не смее да доведе до загрозување на животите или инфраструктурата.
Во исто време, М-НАВ остро се спротивставува на сензационалистичките и неточни најави кои се шират од страна на дел од раководството на струковиот синдикат. Повторуваме дека ширењето на дезинформации и панични наслови е неодговорно и може да создаде неоправдан страв кај јавноста и нестабилност во работењето на службите за авијација.
Менаџментот на М-НАВ останува отворен за конструктивен социјален дијалог со синдикалните претставници и е подготвен да разгледа реални и објективни барања за кадровските и организационите прашања. Сите барања треба да се адресираат преку официјалните процедури со цел да се најде решение кое нема да ја загрози безбедноста на летовите.
Ги повикуваме сите засегнати страни, медиумите и јавноста да се воздржат од ширење на непотврдени информации и да ги посочуваат фактите. М-НАВ ќе ги преземе сите неопходни мерки за непречено и безбедно функционирање на воздушниот сообраќај и нема да дозволи никакви активности кои можат да ги загрозат патниците или функционирањето на воздушниот сообраќај“, се наведува во соопштението на менаџерскиот тим на М-НАВ.