Македонија
ДУИ: Кога ВМРО-ДПМНЕ и олигархијата врескаат за криминал, се обидуваат да прикријат етничка неправда

Секогаш кога ВМРО- ДПМНЕ во координација со олигархијата вриштат: „ДУИ е криминална”, тоа е јасен сигнал – нова прекршување на правата на Албанците се спрема, велат од ДУИ.
„Ова е нивната стара шема: секогаш кога се загрозуваат правата на Албанците, секогаш кога се обидуваат да сокријат етничка неправда, тие ја користат истата тактика – неосновани обвинувања за криминал, за да го одвлечат вниманието од нивните вистински постапки.
Како што е добро познато на јавноста, договорот помеѓу нив и олигархијата е: за да се потчинат Албанците, потребно е политички да се ослаби ДУИ и да се регрутираат “Чесни Албанци”“.
Ова како што оценуваат во партијата на Ахмети, не е битка против корупцијата, туку обид за зачувување на политичката доминација и за одржување на Албанците во потчинета позиција.
Но граѓаните, како што велат, не можат да бидат измамени.
„Тие знаат дека секогаш кога ВМРО- ДПМНЕ и нивната олигархија вриштат “криминал”, всушност се обидуваат да прикријат етничка неправда.
ДУИ нема да дозволи Албанците да бидат жртви на оваа стара стратегија“.
Најавуваат дека ќе ги бранат нивните права и нема да дозволат никој да ја користи пропагандата за да оправда дискриминација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Потпишани договори за 40 научно – истражувачки проекти на универзитетите, научните институти и МАНУ

Министерството за образование и наука потпиша договори за финансирање на 40 научно-истражувачки проекти со државни факултети, научни институти и МАНУ.
Од нив, 15 проекти се од природно-математичките науки, инженерството и технологијата, медицинските и здравствените науки како и од земјоделските и ветеринарните науки.
Исто толку проекти се од општествените и хуманистичките науки.
За прв пат оваа година, се финансираат 10 проекти од областите кои со Стратегијата за паметна специјализација се утврдени дека имаат висок иновациски, истражувачки и економски потенцијал: паметното земјоделство и храна со повисока додадена вредност, ИКТ технологиите, електромашинската индустрија и одржливите материјали и паметни згради.
Проектите беа одбрани на јавен конкурс, вкупниот износ за финансирање по проект изнесува до 8 милиони денари, а истражувачките тимови треба да ги завршат до крајот на октомври 2026 година.
Министерската за образование и наука Весна Јаневска рече дека ова е трет конкурс по кој се одобруваат средства за финансирање на научно-истражувачки проекти, што јасно ја покажува насоката кон која сакаме да ја придвижиме државата.
„За оваа Влада науката е стратешки ресурс за развој. Затоа ги интензивираме вложувањата во научно-истражувачки проекти, врз основа на прецизни критериуми за селекција: поттикнуваме оригинални и иновативни идеи, поддржуваме млади истражувачи и меѓународно конкурентни и релевантни проекти. Наша цел е да создадеме услови за квалитетна наука која носи реални резултати и има потенцијал да го забрза општествено-економскиот развој на државата“, нагласи Јаневска.
Претходно, Министерството за образование и наука одобри и средства за пет научно-истражувачки проекти од посебен научен и јавен интерес кои се резултат на соработката помеѓу академскиот и бизнис секторот во рамки на паметната специјализација на државата, во вкупен износ од 30,4 милиони денари.
Минатата недела беа склучени договори со осум јавни научни установи за финансирање на научно-истражувачки проекти, во вкупен износ од 23,7 милиони денари.
Оваа година Министерството за образование и наука издвои буџет од 680 милиони денари за финансирање на наука, што е речиси двојно зголемување во споредба со Буџетот од 2024 година.
Македонија
Германски државјанин протеран од државата: на натпреварот Шкендија-Карабаг во Скопје веел знаме „Голема Албанија“

По извршена идентификација и поднесена кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје по итна постапка процесуираше државјанин на Германија за кривично дело – Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа.
Против него беше поднесено обвинение, бидејќи на 5 август, непосредно пред фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Шкендија“ и ФК „Карабаг“ што се одигра на градскиот стадион во Скопје, со истакнување и веење знаме на „Голема Албанија“ и со натпис „Автохтона“, предизвикал чувство на омраза, раздор и нетрпеливост врз основа на етничка припадност. Тоа го забележале полициски службеници, кои го лишиле од слобода.
Врз основа на обезбедените докази во координација меѓу полицијата и надлежното обвинителство, Основниот кривичен суд Скопје веднаш изрече пресуда со која обвинетиот го огласи за виновен и го осуди на условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку осудениот не стори ново кривично дело во следните 5 години.
Во исто време, бидејќи станува збор за странски државјанин, Судот донесе одлука да го протера и да му забрани влез во државава во следните пет години.
Од Обвинителството најавија дека тие и МВР продолжуваат да преземаат координирани активности за откривање и идентификување на сторители на кривични дела на ширење на омраза и нетрпеливост поврзани со спортски натпревари. Веднаш по идентификацијата на сторителите, тие ќе бидат процесуирани во согласност со надлежностите на јавното обвинителство.
Македонија
Одложени активности на отворено: Министерството за здравство со препораки поради најавите за високи температури

Министерството за здравство информира дека во согласност со најновата прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во периодот од 8 до 13 август 2025 година се очекува значително зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат до 39°C.
Поради тоа, потсетуваат на почитување на општите препораки за заштита на населението од високи температури:
„Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11 до 17 часот;
Внесувајте доволно течности избегнувајќи алкохол и засладени пијалаци;
Носете лесна, светла облека и користете заштита за главата и за очите;
Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот;
Посветете внимание на децата, старите лица, лицата со хронични заболувања и на бремените жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури;
Во случај на симптоми, како вртоглавица, главоболка, гадење или забрзан пулс, веднаш побарајте медицинска помош;
Одложете активности на отворено во најтоплиот дел од денот;
Обезбедете микроклиматски услови (разладени простории со температура до 25°C) на работното место и во домот“.
Министерството, како што велат, внимателно ја следи состојбата на дневна основа и ќе постапува во согласност со процените и потребите.