Македонија
Во некои министерства има притисоци вработените да не излегуваат на протест за поголема плата, Деаноски ќе ги каже до крајот на неделата
Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување колективен договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски, денес, пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата ѝ порача да не го меша УПОЗ со некој друг синдикат.
„Не случајно на вториот ден од протестите сме тука пред Министерството за култура. Во 2023 година токму овие вработени 21 ден по ред протестираа пред Владата на Република Македонија со истите барања како и денес – потпишување на колективните договори и зголемување на платите на вработените. Нашите барања се исти со години и секој обид од страна на Владата или политичките партии да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот ќе биде залуден.
Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на овие протести бидејќи имаа седум години да го решат овој проблем, но наместо да го решат, направија сѐ што може да го забранат колективното договарање, па дури беа и првата влада што поништи колективен договор. Да ја поправам вчерашната изјава на Владата бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со друг синдикат“, рече Деаноски и потсети дека изминативе три години УПОЗ има организирано три штрајка и најмалку 20 протести.
На вториот ден протести на државната администрација некои од вработените се пожалија дека има министерства во кои се вршат притисоци да не се излегува на протест.
„Во неколку министерства, да, има притисоци да не се излегува на протест. Моментно не можеме да ги кажеме, но ќе одговориме на тоа до крајот на неделата“, рече Деаноски.
Бранко Костовски, претседател на синдикална организација при Министерството за култура и туризам на УПОЗ, рече дека платите на 70 проценти од вработените во Министерството за култура се под просечната плата, а разликата со платите на вработените на истите позиции во државните органи, кои го добија додатокот на основната плата, е 30 проценти. Синдикалната организација при Министерството за култура и туризам пред повеќе од две години има изработено предлог-текст на колективниот договор, кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените во висина од 30 %, исто како и покачувањето за вработените во Министерството за финансии, Министерството за одбрана, Генерлниот секретаријат на Владата, СОЗР, УЈП, Царинската управа, државната администрација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ . Ние го поздравуваме покачувањето на платите на нашите колеги од другите државни органи, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и од премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи“, рече Костовски.
На протести за 30 отсто поголема плата и потпишување на колективните договори излегуваат вработените од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив. В петок најавија дека ќе протестираат пред Министерството за финанси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.

