Македонија
„Вреди“: Се залагаме за зголемување на квалитетот на образованието
„Вреди“ се залага за зголемување на квалитетот на образованието, бидејќи сметаме дека најважната алка во државниот систем е образованието, всушност, за нас тоа е главниот фактор за создавање нова и продуктивна перспектива. За 2025 година Владата одлучи да го зголеми буџетот за образование како никогаш досега. Значи, станува збор за буџет кој ќе достигне вредност од 38 милиард денари, велат од партијата.
Со гордост, како што истакнуваат „Вреди“ го зголеми буџетот и за Универзитетот во Тетово каде за 2025 година се предвидени 18 милиони евра, додека буџетот на истиот универзитет за 2024 година изнесуваше 12 милиони евра.
Додаваат дека нивниот пристап не е ниту селективен, ниту половичен, и со големо внимание „се грижиме за нашите јавни универзитети бидејќи ја знаеме и историјата на нивното основање“.
„За Универзитетот „Мајка Тереза“ за 2025 година се издвоени и 4,8 милиони евра без да го спомнеме изградбата на кампусот. Министерството за образование и наука во 2025 година се подготви за зголемување на квалитетот на наставата, преку подобрување на образовната инфраструктура, реформирање на системот за финансирање преку грантови и обезбедување квалитет и ефективност во високото образование во согласност со добрите европски практики. Коалицијата „Вреди“ со голема одговорност се залага и за средното образование каде што предвидовме зголемување на буџетот во 2025 година на 29 милиони евра. Со зголемување на платите на наставниците и во основното и во средното образование“.
Во текот на оваа година најавуваат и подобрување на квалитетот на животот на студентите, преку подобрување на условите во студентските домови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

