Регион
Вучевиќ: Србија мора да оди напред, државата не смее да пропаѓа поради несреќата во Нови Сад

Србија мора да оди напред и не смееме да дозволиме кршење на законите и колапс на државата поради катастрофата што ја доживеавме, изјави денеска премиерот Милош Вучевиќ оценувајќи дека ова е прашање на сериозност и одговорност на оваа генерација кон идните.
„Не смее да се дозволи кршење на законот и рушење на државата. Апсолутно нема никакво оправдување да ја урнеме државата поради огромната трагедија што ја доживеавме во Нови Сад на 1 ноември минатата година. Мој впечаток, и верувам, тоа е впечатокот и на мнозинството српски граѓани, е дека сѐ што се случува сега нема врска со трагедијата во Нови Сад, туку постојано се додава нешто ново и се претставува како основа за блокадата на животот и блокадата на Србија и обиди за колапс на Србија“, рече тој на прес-конференција.
Вучевиќ истакна дека одговорните за прекршување на законот ќе одговараат во согласност со законот.
„Без тоа, завршуваме во ситуација секој да може да прави што сака, без одговорност. Тоа значи дека исчезнува правниот систем, на некој начин исчезнува државата, а желбите и соништата на сите оние што не ѝ посакуваат на нашата земја добро се исполнети и, за жал, ги има многу“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Повторно отворена Амбасадата на Србија во Киев

Амбасадата на Србија повторно е отворена во Киев, главниот град на Украина, по привременото затворање во 2022 година поради безбедносната состојба, јави агенцијата „Анадолија“.
По тој повод бил организиран прием на кој присуствувале дипломати, претставници на државни институции и други гости.
Амбасадорот на Србија во Украина, Андон Сапунџи, изјавил дека отворањето на амбасадата симболизира „враќање на Србија во Киев“ и обновување на активната соработка меѓу двете земји.
„Нашиот работен простор сè уште не е целосно завршен, но сакав да ја споделам оваа радост со вас уште сега. Србија се врати.“ – истакнал Сапунџи, додавајќи дека од почетокот на војната повеќе од 100.000 Украинци заминале во Србија, каде што отвориле компании, а нивните деца одат на училиште.
Според украинската агенција Интерфакс, Србија обезбедува хуманитарна помош на Украина, учествува во проекти за изградба на подземни градинки во близина на фронтот, испорачува опрема за енергетската инфраструктура и организира образовни програми за деца од Сумска и Харковска област.
Двете земји воспоставиле дипломатски односи на 15 април 1994 година, а амбасадата во Киев почнала со работа во 1995.
Во март 2022 година, неколку дена по почетокот на руската инвазија, нејзината работа беше привремено прекината поради безбедносната состојба.
Регион
Хрватска урива стотина дивоградби покрај брегот

Во наредните три недели на плажата Зрќе во Новалија ќе бидат урнати 124 бесправно изградени објекти, соопшти Државниот инспекторат на Хрватска, пренесе „Јутарњи“. Од нив, 119 се наоѓаат во камп, а пет се угостителски објекти изградени без дозвола надвор од градежната зона.
Инспекторатот соопшти дека отстранувањето ќе се врши на трошок на сопствениците и е проценето на околу 720 илјади евра. Акции за уривање на нелегални градби ќе има и во други делови oд Хрватска.
Од 2019 година досега во таа земја се отстранети повеќе од 2300 нелегални градби, спроведени се повеќе од 42 илјади инспекциски надзори, поднесени се 334 кривични пријави, а изречените парични казни достигнуваат 16,5 милиони евра, соопшти Инспекторатот.
Регион
Бугарија може да му дозволи на Путин да прелета над земјата за да се сретне со Трамп во Будимпешта

Авионот што го превезува рускиот претседател Владимир Путин би можел да добие права за прелет над Бугарија, за да може рускиот лидер да присуствува на состанок со американскиот претседател Доналд Трамп во Будимпешта, според министерот за надворешни работи Георгиев, објави државното радио.
„Доколку има напори за постигнување мир, ако тоа е услов за одржување на состанок, тогаш најлогично е да се овозможи состанок од ваков тип на изводлив начин“, рече Георгиев, според извештајот.
Георгиев зборуваше на маргините од состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. Една можна воздушна рута од Москва до Будимпешта ги опфаќа Црното Море, Бугарија и Србија, но бугарскиот воздушен простор е затворен за руски авиони од инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Други рути се протегаат на север, низ Белорусија и Полска или преку Балтичкото Море, Германија и Чешка. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Марко Рубио, кои се задолжени за подготовка на самитот Путин-Трамп, разговараа во понеделник, објави руското Министерство за надворешни работи.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде потерница по Путин, а Унгарија е во процес на повлекување од таа меѓународна институција.
Москва го отфрла обвинението на МКС и ја прогласува потерницата по Путин за доказ за непријателството на Западот кон Русија.