Скопје
Ѓорѓиевски: Завршена e првата траса од фекалната канализација во Стаклара-Каменик
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес ја посети населбата Стаклара-Каменик, каде се заврши првата од двете предвидени траси од изградбата на фекалната канализација. Се работи за многу значаен проект кој се реализира преку финансиско партнерство на Општина Кисела Вода со општествено одговорните компании и ќе овозможи конечно септичките јами во Стаклара да заминат во историјата. На пролет започнува и изградбата на водоводната мрежа, за што средствата се обезбедени преку Министерството за животна средина.
-Со огромно задоволство денес сме во населбата Стаклара-Каменик, каде ја завршивме првата од предвидените две траси од фекалната канализација, во должина од 3600 метри. Овој значаен проект, финансиран преку финансиско партнерство на Општина Кисела Вода со општествено одговорните компании од овој дел на општината, претставува историски чекор за оваа населба.
Преку 500 семејства и голем број бизнис субјекти, кои со децении живееја во услови недостојни за 21 век, конечно добиваат основна инфраструктура која ќе им овозможи квалитетен живот и нормално делување. Поставувањето на фекалната канализација значи крај на долгогодишната употреба на септички јами, што беше не само хигиенски и еколошки проблем, туку и голема пречка за развој на овој дел од нашата општина.
Посебно сум горд што успеавме да ги вратиме надежта и вербата на жителите на Стаклара-Каменик, кои педесет години наназад беа заборавени од сите претходни раководства. Овој проект продолжува – наскоро ќе започне изградбата на втората траса од фекалната канализација во должина од 1200 метри. Воедно, очекуваме да заврши и тендерската постапка која ја спроведува Министерството за животна средина, кое пак ги обезбеди финансиските средства за изградба на водоводот. Изградбата на водоводната мрежа очекуваме да започне на крајот од март или почетокот на април.
По завршувањето на овие подземни инфраструктурни зафати, ќе следува асфалтирање на улиците, со што ќе се постигне не само целосна функционалност туку и современ естетски изглед на оваа населба.
Искрено се заблагодарувам на сите кои зедоа учество во овој проект – на жителите, на компаниите, на Министерството за животна средина и на тимот на Општина Кисела Вода. Заедно покажавме дека со упорност и посветеност може да се надминат децениските проблеми и да се создадат услови достојни за живот и работа.
Стаклара-Каменик веќе не е заборавена населба – туку место кое ќе продолжи да се развива, со целосна поддршка од општината- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.



Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

