Регион
Хрватите купиле роба од 34 милиони евра помалку ден пред бојкотот
Во текот на вчерашниот ден, според податоците на Даночната управа на Хрватска, во продавниците се издадени нешто над три милиони сметки, што е за речиси два милиони фактури помалку од минатиот петок, на 17 јануари, кога беа издадени 4,94 милиони сметки, објави 24сата.хр.
Вчера е купена стока вредна само 52 милиони евра, што е за речиси 34 милиони помалку од на пример во четвртокот кога потрошувачите се подготвуваа за денот на бојкотот и потрошија 85,7 милиони евра. Во однос на средата вчера потрошиле 23 милиони евра помалку.
Во угостителството вчера се потрошени 10,4 милиони евра, а за други дејности кои издаваат фискални сметки уште 15,4 милиони евра.
За трговскиот бојкот на владина седница се огласи и премиерот Андреј Пленковиќ.
„Ова е важна и артикулирана порака до граѓаните да ги следат и споредат цените и да сметаат дека некои од овие цени се неприфатливи во споредба со слични или идентични производи таму. Пораката од граѓаните е важна и ќе биде земена предвид при дефинирањето на мерките за административно ограничување на цените на одредени производи, кои Владата ќе ги донесе следната недела“, рече Пленковиќ.
Да потсетиме, во петокот имаше бојкот на продавниците во Хрватска како реакција на континуираниот раст на цените. Иницијативата започна од Фејсбук групата „Здраво, инспекторе“, водена од Европскиот центар за извонредност на потрошувачите (ECIP), а оттогаш доби поддршка од здруженијата за заштита на потрошувачите, синдикатите, политичките партии, па дури и од министерот за економија.
Инаку, многу луѓе го искористија вчерашниот бојкот на хрватските продавници за да пазарат преку граница. Бојкотот беше организиран како одговор на растот на цените. Повикот за бојкот наиде на огромен одзив кај граѓаните: продавниците низ Хрватска стоеја празни од раните утрински часови.
Читател кој редовно оди на шопинг во Брежице, Словенија, за Индекс.хр вели дека паркингот на продавницата што се наоѓа таму вчера бил полн со автомобили со хрватски регистарски таблички. Слична е ситуацијата и денес. РТЛ пишува дека на паркингот на трговскиот центар во Брежице, Словенија, на само 40 километри од хрватската метропола, пронашле две полни паркиралишта со загрепски регистарски таблички.
„Јас често одам и ваква гужва навистина не е нормална. Мислам дека тоа е дефинитивно одговор на бојкотот и високите цени во хрватските продавници, бидејќи овде може да се најдат работи по многу поповолни цени. Касиерката вели дека денеска има зголемен сообраќај, но дека се подготвиле затоа што очекувале да има зголемен број на купувачи од Хрватска“, вели читателот.
„Еве, јас сум во Брежице во моментов и сите продавници имаат преполни полици. Се разбира, пазарат само Хрватите. Доминираат загрепските регистерски таблички, а за еден час во продавницата не слушнав Словенец”, изјави човек кој отишол на шопинг во соседна Словенија раскажува за Дневник.хр.
Тој додаде дека во продавницата „Хофер“ луѓето чекаат пет минути некој да врати количка бидејќи сите се во оптек.
„Очигледно вчерашниот бојкот уште повеќе ги налути луѓето, па отидоа преку граница и натоварија коли до врвот“, продолжи читателот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Германски весник: Опасни петнаесет минути за Вучиќ, Србија веќе не е иста
Новинарот Мајкл Мартенс, добар познавач на Балканот, во напис за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЗ) оценува дека Александар Вучиќ се соочува со „најголемиот предизвик“ од доаѓањето на власт во 2012 година, кога неговата СНС почна да ја презема земјата.
Актуелните протести, и покрај разликите во деталите, потсетуваат на „народното востание“ кое го собори Слободан Милошевиќ во 2000 година, пишува Мартенс, пренесува Дојче веле.
Текстот не потсетува дека протестите почнаа по смртоносното уривање на настрешницата во Нови Сад и дека првичното тврдење на властите дека настрешницата не е реновирана се покажа како „лага“. Оттогаш, пишува Мартенс, 15 минутен молк се одржува низ цела Србија.
„Овие политички значајни петнаесет минути сè повеќе се појавуваат како закана за владата, особено што се поврзани со масовните демонстрации кои започнаа на универзитетите, но сега се зголемија над академските средини“.
Франкфуртскиот весник потсетува дека главното барање на демонстрантите е објавување на целосна документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, со која, убедени се, ќе докаже дека СНС е во центарот на корупцијата. „Српскиот премиер Милош Вучевиќ, помошник на претседателот Вучиќ, во неделата најави дека барањето ќе биде исполнето. Но, владата го вети тоа и претходно и не го исполни“, пишува Мартенс.
Опишувајќи го „контрамитингот“ во Јагодина, новинарот забележува дека критичарите на власта тврдат дека таму имало само принудени лица, вработени во јавни претпријатија и социјални случаи. „Сепак, Вучиќ сè уште е поддржан од дел од општеството“, пишува Мартенс. „Тоа се луѓе кои се донекаде задоволни од економскиот развој и на кои не им пречи, па дури и не уживаат во се посилниот националистички тон на владата – такви луѓе има во Србија, особено кај постарата генерација.
Нејасно е, продолжува ФАЗ, дали и како политичката енергија на протестот ќе прерасне во постојана партиски релевантна опозиција. „Студентите засега свесно се држат настрана од сите опозициски партии. Се организираат на секој факултет по принципот на основна демократија со завидна дисциплина“, пишува Мартенс.
„Но, ако протестите не доведат до пад на владата како на 5 октомври 2000 година, останува отворено како незадоволството ќе се консолидира и ќе стане парламентарно ефективно.
Се додава и мислењето на многу демонстранти дека во Србија е укинат просторот за партиски ангажман бидејќи СНС ги контролира Регулаторното тело за електронски медиуми, изборните комисии, судството. „Меѓутоа, ако парламентарната опција како инструмент за политички промени е отфрлена, тогаш останува само народниот револт – и „Вучиќ не покажа само преку контра митинг дека нема да ја предаде власта без борба“, вели Мартенс.
Тоа потсетува на заканата на Вучиќ за Кобра, специјална полициска единица. Ова ги покажува, пишува Мартенс, разликите во однос на Милошевиќ.
„На крајот безбедносните сили му свртеа грб на тогашниот српски владетел. Во денешна Србија тоа засега не е така. Исто така, во споредба со Србија на Милошевиќ, која беше економски исцрпена и изолирана со санкции, денес таа балканска земјата стои донекаде солидно, а невработеноста е мала“.
Затоа, пишува Мартенс, следните недели во Србија ќе бидат возбудливи. „Земјата повеќе не е иста како пред несреќата во Нови Сад. Но, се уште не е одлучено дали протестите трајно ќе го разнишаат системот на владеење на Вучиќ, анализира медиумот.
Регион
И во Црна Гора се повикува на бојкот на продавниците: Во Хрватска имаше успех
„Алтернатива Црна Гора“ ги повика граѓаните в петок да ги бојкотираат супермаркетите и продавниците во земјата, пишува „Кафе дел Минтенегро“.
„В петок повикуваме на бојкот на супермаркетите и продавниците во Црна Гора, сите без исклучок, бидејќи тоа нема никаква врска со политика. Високите цени еднакво ги погодуваат сите граѓани“, велат во соопштението.
„Алтернатива“ истакнува дека истата акција била спроведена и во Хрватска и дека дала резултати. Истата акција за петок беше најавена и во Босна и Херцеговина, јавува ЦдМ.
„’Алтернатива Црна Гора’ сака истото тоа да го организира и во Црна Гора“, се додава во соопштението.
Сметаат дека цените се екстремно високи и дека водечките трговски синџири, меѓусебно договарајќи ги цените, имале пресудно влијание врз граѓаните да не го почувствуваат во целост зголемувањето на платите и пензиите.
„Можеме ли за тоа еден ден да ја тргнеме политиката на страна, да не се делиме, да бидеме сите како едно, за да им покажеме дека ние одлучуваме?, прашаа од „Алтернатива“, пренесува порталот.
Регион
(Фото) Директен судир на два автобуса кај Белград, двајца загинати, десетици повредени
Во сообраќајна несреќа, што утрово околу 6.20 часот се случила на обреновачкиот пат, во близина на Белград, се судрија два автобуса, при што загинаа две лица, а неколкумина се повредени, пренесува „Телеграф“.
„Ниеден возач не загина, јас бев меѓу првите што помогнав. Патник во автобусот на ‘Ласта’ загина, а жена беше исфрлена при ударот од автобусот на ‘Шевиќ турс’“, изјави сведок на несреќата.
View this post on Instagram
Во болница во Белград се примени 56 повредени лица. Двајца пациенти се во тешка состојба, а дијагностиката е во тек. Сите капацитети на Ургентниот центар се ставени во функција за итна помош на повредените, пренесуваат српските медиуми.
Според неофицијални информации, возачот на автобусот на „Шевиќ турс“ во еден момент почнал да ја престигнува колоната, но не успеал да се врати во лентата навреме и директно удрил во автобусот на „Ласта“, кој доаѓал од спротивниот правец, објави српски „Телеграф“.
Како што рече еден сведок, автобусот со голема брзина поминал покрај луѓето на станицата по што следувал страшен судар.
„Пукна како бомба! Автобус буквално помина покрај станицата, луѓето стоеја на станицата и бргу помина покрај нив! Ова изгледаше како директен судар“, рече сведокот.