Топ
(Фото) Уапсени двајца полицајци во Битола, кај нив се најдени тајни документи, оружје и 20.000 евра
Полицајци од СВР Битола, Б.Б. (чиј дом беше претресен) и Љ.К. (кој направил проверки за министерот Панче Тошковски), се уапсени под сомнение за сериозни злоупотреби на службени овластувања. При претресот кај Б.Б. се пронајдени пиштол, револвер, големо количество муниција, службени документи со класифицирани информации, како и повеќе од 20.000 евра.
На 24 јануари 2025 година, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди (ОВККИПС), во соработка со СВР Битола и Одделот за криминалистичка полиција, изврши претрес на домот на полицискиот службеник Б.Б. во Битола. Претресот е спроведен поради сомнение за кривично дело „оддавање службена тајна“, според член 360 од Кривичниот законик.
„При претресот, полицијата пронајде пиштол, револвер, две рамки за пиштол, 321 парче разновидна муниција, над 20.000 евра, како и службена документација. Документите содржеле класифицирани информации, меѓу кои оперативни извештаи за гранично работење и анализи на рути за мигранти“, велат од полицијата.
Според Министерството за внатрешни работи (МВР), против Б.Б. е поднесена кривична пријава, а судот му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

Во службените простории на Регионалниот центар за гранични работи Југ, во кругот на СВР Битола, полицијата одзеде десктоп компјутер за понатамошна постапка. При увидот, било утврдено дека полицискиот службеник Љ.К. со својата службена шифра вршел контроли во системот за проверка на патници и возила.
Љ.К. признал дека ги направил проверките за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Веднаш бил лишен од слобода и задржан во полициската станица Битола. Следниот ден, на 25 јануари, по наредба на Основниот суд во Битола, е извршен претрес и во неговиот дом, при што се пронајдени два USB-уреди и еден мобилен телефон.

„Случајот е во тек, а по насоки на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), продолжуваме со преземање дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на овој кривично-правен настан“, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски најави лидерска средба на која би се зборувало за укинување на техничката влада
Премиерот Христијан Мицкоски во текот на утрешниот ден ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, на која би станало збор и за укинување на техничката влада.
Мицкоски изјави дека не би влегувал во процес на укинување на техничката влада без политички консензус, оценувајќи дека ваквите промени треба да се носат со согласност на сите релевантни политички чинители.
Тој потсети дека пред изборите раководството на СДСМ јавно се залагало за бришење на техничката влада и посочи дека допрва треба да се види дали таа позиција сè уште важи.
„Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно“, рече Мицкоски во интервју за „Алфа“.
Според него, доколку постои заедничка оценка дека техничката влада го кочи функционирањето на системот, има проблеми со уставноста и не остава доволно простор за маневрирање, тогаш таквите измени треба да се направат, но исклучиво со политичка согласност.
„Планирам од утре да упатам покана до сите лидери на политички партии или водства на коалиции што имаат пратеничка група во рамките на парламентот, да организираме една лидерска средба“, изјави Мицкоски.
На средбата би станало збор и за изборот на Народен правобранител и реформските закони поврзани со напредокот на државата кон Европската Унија.
„Да покажеме зрелост и да разговараме отворено на теми за кои немаме дијаметрално различни ставови. Сите велиме дека сме за Европската Унија, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија и од Канцеларијата на Европската комисија, ајде да седнеме и да разговараме“, порача Мицкоски.
Македонија
Евакуација во Кичево и поплавени подруми во Охрид по обилните дождови
Во Кичево се евидентирани поплави на повеќе стамбени објекти на улицата „Прилепска“, поради што е започната евакуација на жители. На терен интервенираат екипи на Општина Кичево, Дирекцијата за заштита и спасување, Црвениот крст, ЈКП „Комуналец“ и други надлежни служби.
Во Охрид, пак, пријавени се поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. За состојбата се известени локалната самоуправа и Кризниот штаб на Општина Охрид, кои постапуваат по пристигнатите пријави.
Според информациите на Центар за управување со кризи, до 17:00 часот состојбата на поголемиот дел од територијата на Република Северна Македонија е стабилна, без нарушување на редовната состојба.
Во Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Ранковце и Кратово не е евидентирано излевање на реки ниту последици од врнежите, а надлежните општински служби ја следат состојбата. И во Скопје, Струмица, Велес, Кавадарци, Неготино, Свети Николе и Штип не се пријавени поплави или одрони, а состојбата е под контрола.
Во Струга, по пријава преку бројот за итни повици 112, евидентиран е поголем одрон на патниот правец меѓу селата Татеши и Мислодежда. За состојбата е известено ЈП „Македонија пат“, при што се преземаат активности за санација.
Во Тетово и Гостивар регистрирани се одрони на патните правци Гостивар–Стража и Тетово–Бањиче, поради што сообраќајот се одвива со повремени отежнувања. По пријави преку 112, евидентирани се и излевања на реката Вардар во селото Балин Дол, Лукавичка Река во селото Мало Турчане и Сушичка Река во селото Горно Бањице, при што е поплавено земјоделско земјиште и дел од дворови. За состојбата се известени надлежните институции, а во ХЕЦ Маврово е преземено намалување на производството на електрична енергија.
Во Општина Боговиње, поради излевање на вода надвор од постоечките канали, поплавено е обработливо земјиште, а директорот на ЈКП „Шари“ е на терен и ги координира активностите со институциите.
Во Битола и Ресен, одронот кај селото Сирхан е саниран, додека во селото Дрмени се поплавени два двора, за што се известени Општина Ресен и надлежните служби.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека врнежите продолжуваат и дека состојбата на теренот и водостоите на реките се следат континуирано.
Фото: pexels
Македонија
Мицкоски за бугарската формулација „достапен јазик“ наместо македонски: Не е во прашање само Уставот, туку редефинирање на македонскиот идентитет
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, ја коментираше формулацијата „достапен јазик“, наместо македонски јазик, што ја употреби Министерството за надворешни работи на Бугарија.
„Не ме чуди, ги потврдуваат тезите дека Бугари во Устав не е единствено барање, туку комплетно редефинирање на македонскиот идентитет. Но, ова се денови кога треба да простуваме, да се сплотуваме како нација. Како народ ќе сфатиме дека без оглед дали сме власт или опозиција, за некои прашања мора да бидеме заедно“, изјави Мицкоски по посетата на Соборниот храм по повод христијанскиот празник, Божик.
Тој изрази жалење што, како што рече, претходната влада влегла во една авантура и го заглавила евроинтегративниот процес, прифаќајќи капитулација, односно ултиматум од Бугарија.
„Апелирам до опозицијата – подадена е раката – да ги напуштат нивните тези и да застанат во одбрана на националните интереси. Ова е таков ден, немам што повеќе да додадам“, рече премиерот.
Говорејќи за доставувањето на Акцискиот план за правата на заедниците, претходно деновиве Мицкоски наведе дека македонската страна била советувана од Брисел документот да ѝ биде доставен на Софија еден ден порано, како гест на добра волја.
„Така направивме – го дадовме ден однапред. И сега им сметало што е на македонски јазик. Во меѓународна употреба, согласно Уставот, официјален јазик е македонскиот јазик. Јас не можам, како претседател на Владата, ниту пак министерот, да го кршиме Уставот. Ако мислат дека ќе го испратиме на друг јазик – ние немаме друг јазик“, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека Бугарија повторно ја пропуштила шансата да покаже добрососедство, а на прашањето дали имало и други забелешки од Софија, одговори дека немало.
Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека „Република Бугарија со загриженост ги забележува последователните тези на властите во Скопје, кои остро се разминуваат со есенцијата на Европскиот консензус од 2022 година“. Во соопштението не се спомнува македонскиот јазик, туку се користи формулацијата „јазик достапен за граѓаните“.
Во Преговарачката рамка, во став 35, се наведува дека Северна Македонија преку инклузивен процес треба да усвои Акциски план за заштита на правата на малцинствата и заедниците, кој ќе биде предмет на постојано следење во текот на пристапниот процес. Во став 37 се посочува дека напредокот во поглавјата за владеење на правото ќе биде тесно поврзан со спроведувањето на Акцискиот план, што значи дека без негова имплементација не може да се затвори ниту едно преговарачко поглавје.

