Македонија
„Тешка навреда од владата без легитимитет – човекот на Путин и негатор на Сребреница почесен гостин во Министерството задолжено за Охридскиот мировен договор“, велат од ДУИ

„Вчера, секој Албанец и секој граѓанин со достоинство во оваа земја се почувствува навреден, понижен и предаден. Со чин кој ги надминува сите граници на моралот и политичката логика, во зградата која треба да го симболизира Охридскиот договор и меѓуетничката хармонија, беше пречекан и почестен Милорад Додик – продолжената рака на Владимир Путин, човекот кој работи за поделба на Босна и Херцеговина и човекот кој го величи нечовечниот масакр во Сребреница“, велат од ДУИ.
„Како е можно човек изолиран од демократскиот свет, кој шири поделби и омраза, да биде официјално пречекан од влада која тврди дека ги претставува евроатлантските вредности и меѓуетничкиот мир?
Каква порака испраќа оваа влада до албанските граѓани, до семејствата на жртвите од геноцидите, до оние кои сè уште веруваат во правда и достоинство?
Овој чин е тежок удар за Охридскиот договор и за соживотот.
Присуството на Додик таму е шлаканица за жртвите на Сребреница, за Албанците и за секој граѓанин кој верува во слобода и еднаквост.
Тоа е порака која покажува дека оваа влада покрај легитимитетот, изгубила секоја чувствителност за историјата и за човечкото достоинство.
Ова е денот кога сите ние се почувствувавме навредени.
Денес, сите сме засрамени.
Оваа нелегитимна власт едноставно ги премина сите црвени линии.
Овој срам никогаш не треба да се заборави.
Ова е моментот кога треба да си потсетиме дека достоинството не се купува, а историјата не се простува.
За оние кои мислат дека можат да си играат со нашите чувства и вредности: грешите.
Ова ќе се памети, и нема да престанеме додека не го вратиме достоинството кое денес беше скршено пред нашите очи.
Денес, секој Албанец и секој чесен граѓанин на оваа земја е згрозен од ова предавство на нашите вредности и определби како општество“, соопшти ДУИ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Учениците се оставени без учебници, родителите печатат материјали од Вибер, реагираше СДСМ

Образовниот систем во Македонија ја почна хаотично новата учебна година, откако се покажа дека учениците немаат учебници, иако од ВМРО-ДПМНЕ го ветуваа спротивното.
„Иако во предизборните ветувања беше кажано дека сите ученици ќе добијат нови учебници, вистината е сосема поинаква. Самата министерката Јаневска призна дека учебници нема, иако се потрошени над 11 милиони евра од буџетот на граѓаните“, истакнуваат од СДСМ.
Недостасуваат учебници за математика и историја за 8-мо одделение, а родителите се приморани да печатат материјали од Вибер-групи. Проблемот е уште поголем за стручните училишта, каде што цели генерации немаат учебници по управно, процесно, правно и државно уредување.
„Учебници има само за најмалите ученици, од прво до трето одделение, додека за четврто и петто одделение ситуацијата е катастрофална. Одговорноста за овој хаос е кај министерката Јаневска и премиерот Мицкоски. Тие излажаа и ги изневерија учениците, родителите и наставниците“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека ваквите состојби не смеат да се повторуваат и повикуваат на итна интервенција за обезбедување учебници за сите ученици.
Македонија
Ѓолека, Јаоски и Азизи влегуваат во трка за градоначалници, сподели Али Ахмети

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, вчера ја свика 23-та седница на Централното претседателство на партијата, каде се дискутираше за актуелните политички случувања, мобилизацијата на Националната алијанса за интеграција и претстојниот референдум закажан за 19 октомври.
На седницата едногласно беа усвоени три нови кандидатури за градоначалници: Фламур Ѓолека за Долнени, Али Јаоски за Пласница и Исамедин Азизи за Бутел.
„На 19 октомври народот ќе го врати достоинството и ќе ја потврди својата историска улога. Убеден сум дека ќе извојуваме плебисцитарна победа која ќе биде наша заедничка гордост“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по завршувањето на состанокот.
ДУИ најавува дека е во завршна фаза на селекција на сите кандидатури со кои Националната алијанса за интеграција ќе настапи на локалните избори.
„Сите сме на нозе, сите сме мобилизирани за победа, ова не е само партиска битка, туку битка за достоинството и иднината“, стои во соопштението на партијата.
Скопје
(Фото) Левица: Учениците во „Ѓорѓија Пулевски“ учат во подруми со влага и смрдеа

Учениците од шесто одделение во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“ во општина Аеродром наставата ја следат во подрумски простории со влага, непријатна миризба и без природна светлина, реагираат од партијата Левица.
Од таму посочуваат дека ваквите услови се недостоинствени за било кое училиште, а не за основци кои треба да учат во здрава средина.
„Овие услови се недостоинствени дури ни за затворски ќелии, а камо ли за деца кои треба да растат во здраво и безбедно училишно опкружување. Загрижени родители алармираат дека на некои ученици им се слошило и повраќале поради неподносливата миризба на мувла и влага“, соопштија од Левица – Аеродром.
Според нив, локалната власт ја сноси целата одговорност за понижувањето на најмладите и изложувањето на здравствен ризик.
„Дополнителен скандал е фактот што ДПМНЕ пред четири години ветија целосна реконструкција на училиштата во општината, но во изминатиот мандат не направија ништо. Наместо елементарни услови, децата се приморани да учат во простории со влага и смрдеа“, додаваат од партијата.
Левица бара итно преместување на учениците во други училници и обезбедување нормални услови за образование.