Македонија
(Видео) Кузеска: Граѓаните се спремаат за бојкот на маркетите затоа што Владата не ги заштити

Владата и ВМРО-ДПМНЕ и директно Мицкоски се целосно виновни што трендот од регионот за бојкотирање на маркетите се пренесува и кај нас. Во моментот се најавуваат бојкоти на маркетите од страна на граѓаните по социјалните мрежи, вели Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Неспособноста и немањето желба на Мицкоски да се справи со ненормалниот раст на цените, лажните ПР кампањи за кошничките и негрижата за граѓаните, доведуваат до тоа граѓаните сами да се справуваат со проблемот. СДСМ со месеци апелираше и нудеше конкретни решенија за проблемот со цените. Наместо ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати веќе проверените мерки со кои СДСМ се бореше со ценовните шокови, тие решија да го остават проблемот и да го менаџираат со лажни кошнички. Резултатот го гледаме денес, осиромашени граѓани кои треба да бираат кој од основните производи да го купат“, посочува Кузеска и додава:
„Повикуваме на тоа Владата итно да донесе мерки за заштита на граѓаните кои ги нуди СДСМ. Време е Мицкоски да сфати дека треба да работи во итерес на граѓаните, економската состојба е крајно алармантна“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова во Ница оствари средба со Макрон

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, од денеска престојува во работна посета на Ница, Франција, каде ќе учествува на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот.
„Задоволство беше, во присуство на францускиот претседател Емануел Макрон да бидам дел од церемонијата за отворање на Декадата за криосферските науки кои ги проучуваат глечерите и сите површини каде водата е во тврда состојба, како и да присуствувам на презентацијата на препораките од специјалните настани на третата Конференција на ОН за океанот.
Целта е да се нагласи важноста на меѓународната научна соработка, како и да се поттикнат напорите за одржлив развој како одговор на алармантното влијание на климатските промени врз глечерите, ледените плочи и вечниот мраз, односно негативните ефекти кои со тоа се предизвикуваат.
Драго ми е што можев кратко да поразговарам со претседателот Макрон, кој е домаќин на конференцијата“, објави на Фејсбук претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателката ќе се обрати во рамките на третата Конференција на Обединетите Нации за океанот (UNOC3), за поддршка на спроведувањето на целта 14 за: Зачувување и одржливо користење на океаните, морињата и морските ресурси за одржлив развој.
На посебна церемонија, Сиљановска-Давкова ќе го потпише Договорот во рамки на Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (BBNJ), усвоен во Њујорк на 19 јуни 2023 година.
Македонија
(Фото) Успешна спасувачка акција во близина на Ливадичко Езеро

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамет Али, заедно со раководителката на Подрачното одделение на ЦУК – Тетово, Арлинда Муареми, од лице место ја следеше спасувачката акција за извлекување на повредено лице кое паднало во бездна во близина на Ливадичко Езеро, општина Теарце.
„Информацијата за инцидентот првично беше добиена преку Секторот за итни повици – 112 и Секторот за операции и координација при ЦУК. По извршената проценка беше утврдено дека извлекувањето без специјализирана техничка и логистичка поддршка не е изводливо, по што ЦУК веднаш стапи во контакт со Министерството за одбрана и со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, г. Сашко Лафчински.
Од страна на Армијата беше испратена хеликоптерска единица, која го извлече повреденото лице и обезбеди понатамошен медицински транспорт и нега.
Бидејќи лицето се наоѓаше во провалина на територијата на Република Косово – под Ливадичко Езеро, директорот Али веднаш воспостави директна комуникација со Амбасадата на Косово, како и со директорот на Агенцијата за управување со вонредни ситуации на Косово, г. Генц Метaj. Косовските служби исто така испратија специјализиран спасувачки тим за дополнителна поддршка.
Овој случај уште еднаш ја потврдува клучната важност на ефикасната меѓуинституционална и регионална соработка при справување со итни и комплексни ситуации“, информираат од ЦУК.
Македонија
Муцунски во работна посета на Казaхстан

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе престојува во работна посета на Астана. Посетата се реализира на покана на заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Република Казахстан, Мурат Нуртлеу.
Во рамки на посетата, министерот Муцунски ќе оствари средби со министерот за надворешни работи Нуртлеу, со министерот за трговија и интеграција на Казахстан, Арман Шакалиев, како и со гувернерот на Меѓународниот финансиски центар на Астана, Ренат Бектуров.
На средбата со министерот Нуртлеу ќе се разговара за унапредување на билатералната соработка во политичката и економската сфера. Притоа, ќе биде потпишана и Програма за соработка меѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни работи на Казахстан за периодот 2025–2027.
Во економскиот сегмент, фокусот ќе биде ставен на можностите за продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, условите за инвестирање во Република Северна Македонија и потенцијалите за соработка во областа на туризмот.