Скопје
Орце Ѓорѓиевски: За 100 проценти се зголемува помошта за новороденчиња во Кисела Вода
Општина Кисела Вода продолжува со посветена поддршка за најмладите жители и нивните семејства. Денес Советот на Општината едногласно одлучи еднократната парична помош за семејствата со новороденчиња двојно да се зголеми. Со оваа одлука, износот кој досега беше 6.000 денари се зголемува на 12.000 денари, со што се овозможува значајна помош за родителите во еден од најважните моменти во нивниот живот.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека оваа мерка е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за унапредување на социјалната слика и создавање поволни услови за развој на младите семејства.
-Поддршката за новороденчињата е многу повеќе од финансиска помош. Таа претставува симбол на нашата заложба за иднината, за создавање општина која расте и се подмладува. Ова е само еден сегмент од нашите заложби. Градиме нови градинки за да обезбедиме предучилишно образование за сите деца, субвенционираме целодневен престој за децата од семејства во социјален ризик, а за овие деца обезбедуваме и бесплатни оброци, курсеви по странски јазици и информатика во училиштата. Дополнително, во рамките на програмите за поддршка на младите, сите првачиња во општина Кисела Вода добиваат бесплатни ранци и училишен прибор преку проектот „Ранче за секое прваче“, додека за децата од социјално загрозените семејства се организираат бесплатни летувања, што придонесува за нивниот развој и рамноправни можности- истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, додавајќи дека со вложувањата во образованието, инфраструктурата и социјалната поддршка, Општина Кисела Вода создава услови за хармоничен развој на секое дете и активно работи на создавање здрава и просперитетна иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).
Македонија
Делови од Илинден, Аеродром, Чучер Сандево и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.30 до 15.00 часот, корисниците од ул. 27 во село Белимбегово, општина Илинден;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од бул. Видое Смилевски Бато бр. 8А, општина Аеродром;
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците кои се напојуваат од изводот кој започнува од Рибилимус и продолжува во правец на Горно и Долно Оризари, општина Чучер Сандево;
– во периодот од 11.00 до 15.00 часот, корисниците од село Бардовци лоцирани кај Машинац зградите, општина Карпош.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Поставени сите уреди за мерење бучава – инспекциските служби вршат контроли на 30 локации во Центар
Општина Центар ја заврши првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на бучава на повеќе фреквентни локации низ општината.
Уредите се поставени на улиците: „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, Бул. „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кеј „13-ти Ноември“.
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредите се наменети исклучиво за индикативни мерења и претставуваат значајна алатка за поддршка на инспекциските служби.

„Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.
Од општина Центар информираат дека податоците добиени од уредите за мерење на бучавата, служат како индикатор за дополнителна теренска контрола, а врз основа на нив не се покренуваат прекршочни постапки.
Инспекцијата за животна средина постапува согласно Законот за заштита од бучава во животната средина, при што санкции се изрекуваат исклучиво врз основа на официјални мерења извршени од акредитирана лабораторија.

Согласно член 56 од Законот, прекршочните санкции се утврдуваат според големината на правниот субјект и изнесуваат од 6.000 до 7.000 евра за микро, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.
Уредите се користат со посебен фокус на бучавата која потекнува од угостителски објекти и сообраќајот, со цел унапредување на квалитетот на живот и заштита на јавниот мир на граѓаните во Центар, соопштуваат од Општината.

