Македонија
Намалена видливост на патните правци кои гравитираат околу Битола и на патот Тетово – Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Поради појава на магла се бележи намалена видливост од 100 – 150 метри на патните правци кои гравитираат околу градот Битола и од 20 – 30 метри на патниот правец Тетово – Попова Шапка ( до с.Гајре ).
Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Техничката влада мора да остане, условите во општеството се како во 2016 година, велат од СДСМ
„Слободната волја на граѓаните, демократијата и фер избори не е се прашања за политички пазар. Техничката влада мора да остане. Укинувањето може да се случи во оној момент кога општеството ќе биде спремно а за тоа се неопходни реформи по европски стандарди особено во делот на правосудството“, велат од СДСМ.
„Кога ќе бидат применети сите реформски закони кои се дел препораките на ЕУ и оценската мисија, во сферата на правосудството, обвинителството, полиција, правото и правната држава, во тој момент ние како држава ќе бидеме спремни да може да се укине техничката влада.
Тоа е клучно. Дотогаш техничката влада мора да остане.
Затоа што условите во општеството се исти како во 2016 година, криминал, корупција, заробени институции, партизација, контрола врз правосудството.
После се што изнесовме во јавноста на граѓаните им е кристално јасно.
Сѐ што најавивме – се оствари. Ги разоткривме сите планови на власта и сите планирани чекори.
Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не сака дијалог, туку алиби за распишување на предвремени избори кои веќе им се договорени. Не сакаат реформи за ЕУ, туку покритие за намерна изолација на земјата.
Нека се договара ВМРО со ДУИ што сака. Ние договор можеме да правиме единствено со граѓаните. Наша обврска е власта да ја вратиме во рацете на народот“, соопштуваат од СДСМ.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.

