Култура
Македонскиот народен театар и Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта, потпишаа меморандум за соработка
Директорот на Македонски народен театар, Никола Кимовски, заедно со еминентниот режисер, Дејан Пројковски, престојуваат во официјална посета во Унгарија, по повод потпишувањето на меморандумот за соработка со еден од најголемите и најзначајни театри во Европа – Националниот театар (Nemzeti Színház), Будимпешта.
Со овој договор Македонскиот народен театар и Националниот театар на Унгарија стануваат партнери кои што ќе реализираат заеднички проекти и размена на претстави од двата театри. Договорот вклучува реализирање и размена на претстави, уметници и идеи, како и зајакнување на соработката за нови театарски проекти.
Во рамките на оваа соработка, двете институции ќе организираат заеднички настапи, размена на уметнички тимови, учества на фестивали, како и други културни настани што ќе го збогатат театарскиот живот во двете земји. Меморандумот има за цел да ја зајакне меѓународната размена и промовирањето на уметноста и културата на двете земји. Посебен акцент е ставен на поддршката на млади театарски уметници.
Со потпишување на оваа значајна соработка се поставува основа за заедничка работа и унапредување на културната размена, преку која ќе се создадат услови за продлабочување на соработката меѓу нашите две театарски институции.
Една од главните заложби ќе бидат и заедничките европски проекти, со цел преку нашата работа да создадеме нови естетски вредности и креативни искуства.
Како што истакна директорот, Никола Кимовски, веќе се договорени гостувања на МНТ во Будимпешта и гостување на Националниот театар (Nemzeti Színház) во Скопје. Исто така, тој истакна дека по повод јубилејот „80 години МНТ“, наш драг гостин ќе биде директорот на Националниот театар (Nemzeti Színház), Атила Видњански со неговите најблиски соработници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Почнува 50. јубилејно издание на Млад отворен театар
Со претставата „Лимениот барабан“ во режија на Васил Христов, а во изведба на Југословенско драмско позориште од Белград, на сцената на МНТ, од вечерва стартува 50. издание на Млад отворен театар – МОТ.
Јубилејното издание започнува со претстава во која има доминантно македонска авторска екипа, која го постави антологиското дело на германскиот нобеловец Гинтер Грас, „Лимениот барабан“.
„Југословенско драмско позориште низ овие 50 години, повеќе од десетина пати бил на репертоарот на МОТ, но привилегија е годинава што тројца наши автори го создаваат ова драмско парче и ќе ги гледаме на отворањето во „Лимениот барабан“, Никола Коџобашија, автор на музика, Костантин Трпеноски, автор на сценографија и Васил Христов – режија, кој како белградски студент на ФДУ, после 30 години се враќа на таа сцена со свое дело“ – вели Русе Арсов од тимот на МКЦ.
Врз основа на препознавање на творечкиот јазик, претставата ги спои овие домашни автори. „Лимениот барабан е моја прва соработка со Васил Христов и со Југословенско драмско позориште, и беше посебна од различни аспекти. Визуелниот израз на претставата е минималистички и знаковен, со елементи кои имаат јасна функција и смисловност. Токму во тоа беше и сценографскиот предизвик: во дисциплината на редукцијата, прецизноста на деталите и „невидливоста“ на механизмите, преку кои се одвиваат сценските трансформации“ – изјавува Костантин Трпеноски како автор на сценографијата.
Инаку Костантин Трпеноски е македонски архитект и сценограф кој живее и работи во Виена и неговото присуство на драмската сцена е повод, утре на 20 ноември да ја погледнеме уметничката инсталација „Сценариум и имагинариум“ во холот на МКЦ.
„Изложбата претставува пресек од петнаесет сценски дизајни, кои ќе бидат прикажани како дел од привремена уметничка инсталација и придружени со музички теми од претставите. Уметничката инсталација го преобликува постоечкиот простор, третирајќи го истиот како медиум, притоа нудејќи можност за лично доживување и интерпретација кај посетителот. Во изборот се и сценографиите за претставите „Чудна случка со кучето во ноќта“ (2023) и „Макбет“ (2019), двете наградени за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп“. – дополнува Трпеноски.
Под мотото „Нашите во светот“ – МОТ годинава носи македонски авторски имиња кои кои ја прават интернационално видлива, нашата театарска мисла.
Култура
Стрип-маратон од 24 часа: регионот повторно црта без пауза, годинава во живо и од Скопје
Во тек е пријавувањето за 14. регионална манифестација „24-часовно цртање на стрипови“, отворена за стрип автори од регионот.
Томе Трајков, стрип промотер од Велес известува дека тоа може да оствари преку линкот https://www.24satnocrtanjestripa.com/ кадешто може да се најдат и повеќе информации . Тој уште еднаш го изразува задоволството што стрип соработниците и пријатели од Хрватска уште од 2023 бргу ја прифатиле неговата иницијатива за мобилизирање на македонските стрип автори.
Манифестацијата ќе започне на 29 ноември од 12 часот и ќе трае 24 часа ( до 30 ноември во 12 ч). Учесниците ќе цртаат во живо од определени пунктови во градовите: Подгорица, Госпиќ, Херцег Нови, Сомбор, Љубљана, Осиек, Риека, Сплит, Загреб, а од ова година цртање во живо ќе се спроведе и во Скопје. Овозможено е и цртање од дома и објавување на онлајн-платформата на линкот нешто што веќе е пракса стрип цртачите од повеќе градови на Македонија.
Организацијата на настанот е спонтана. На светско ниво истата ја создава реномираниот стрип теоретичар Скот Мек Клоуд, а во регионот авторот Дарко Мацан на Академијата во Загреб. Оваа акција низ годините бргу се проширува. Уште една специфика е што оваа регионална иницијатива е сосема независна од светската акција, којашто се организира во октомври –завршува Трајков.
Култура
Сиљановска-Давкова: Творештвото на Чемерски заслужува темелно да се истражи, документира и претстави
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими сопругата и ќерката на уметникот Глигор Чемерски, придружени од кураторот д-р Кирил Пенушлиски.
Членовите на неговото семејство изразија загриженост за состојбата во којашто се наоѓаат делата на великанот Чемерски и ја потенцираа потребата од нивна реставрација и презервација, по примерот на успешно обновениот Споменик на слободата во Кочани.
Претседателката сподели искрена желба да придонесе во заштитата на делата на Чемерски, укажувајќи дека некои од нив ја красат свечената сала и претседателскиот кабинет.
Таа го поддржува проектот „Топла земја: Монументалното творештво на Глигор Чемерски“, којшто цели темелно да го истражи, документира и претстави неговото творештво, со фокус на мозаиците, фреските и големите композиции што го обликуваат македонскиот визуелен идентитет.

