Македонија
„Вреди“: Патот Тетово – Призрен набргу ќе стане реалност

Она на што се обврзавме вчера, работиме и денес. Предизборната кампања во годината што ја оставивме зад нас, ја изработивме нашата политичка програма, со која се натпреварувавме и победивме. Важен дел од таа програма е патот Тетово-Призрен, како еден од нашите приоритетни проекти. Денеска со гордост соопштуваме дека работите за овој проект продолжуваат добро, велат од коалицијата „Вреди“.
„Владата на „Вреди“ ја започнува 2025 година со конкретни чекори во изградбата на патот Тетово-Призрен, еден од проектите со најголем приоритет. Новиот пат Тетово-Призрен ќе поврзе два од главните градови на Северна Македонија и Косово, зајакнувајќи ги врските и соработката меѓу двете земји. Со тунел од 6,4 километри, овој проект значително ќе го скрати времето на патување и ќе ја олесни циркулацијата на граѓаните и стоката, давајќи значаен придонес за економскиот и социјалниот развој на регионот.
Покрај подобрувањето на транспортните врски, патот Тетово-Призрен ќе понуди нови можности за развој на туризмот и бизнисот во двете земји, промовирајќи ја соработката и регионалната интеграција“, истакнуваат од коалицијата.
Потврдуваат како што велат, дека 2025 година ќе биде година на големи инфраструктурни проекти.
„Ќе го изградиме Коридорот 8 и Коридорот 10Д. Истовремено со висок интензитет продолжуваат работите на патот Тетово-Призрен“.
„Вреди“, како што наведуваат во соопштението, соодветно се ангажира за подобрување на инфраструктурата во државата бидејќи овој пристап ќе го олесни економскиот напредок и слободното и брзо движење на нашите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Манасиевски: Јавноста заслужува одговори за случајот Рекет 2, кој Коцевски силно го штити

Јавноста заслужува одговори за случајот Рекет 2, кој Коцевски силно го штити. ЈО Коцевски и натаму во одбрана на неговите наредбодавци од СДС и ДУИ, повеќе од година и пол не отвори ниту еден случај за поранешни функционери кои се сомничат или пак има основано сомнение дека направиле криминал, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Коцевски денес, молчи и за случајот Рекет 2, во кој се вплеткани поранешните СЈО Катица Јанева, Лиле Стефанова и Бурим Рустеми дека имаат рекетирано познат скопски бизнисмен.
Граѓаните заслужуваат одговори од ЈО за тоа кој е рекетиран? За колку средства овие тројца сакале да го изрекетираат бизнисменот и зошто? Кој временски период се случувал овој настан? Дали е вплеткан и познат скопски адвокат и како одела шемата на рекетот? Кого се друг освен овие тројца Коцевски штити? Дали има вмешаност на поранешни функционери од СДС и од ДУИ“, прашува Манасиевски.
Како што рече, ЈО и Коцевски треба да си ги засукаат ракавите и да го расветлат случајот. Доколку продолжат да ги штитат криминалците, единствено што ќе направат е, како што оцени, да бидат соучесници на криминалот.
„Правда и одговорност мора да има“.
Македонија
Промовирани новите црвени таблички на службените возила: „Се става крај за нивна злоупотреба во приватни цели“

Службата за општи и заеднички работи – СОЗР ја започна официјалната примена на новите, специјални службени регистарски таблици, со што, како што велат од таму, се става крај на можноста за нивна злоупотреба за приватни и партиски цели.
Промоцијата на новите таблици се одржа на паркингот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а на на настанот присуствуваа Ивица Томовски, Директор на Службата за општи и заеднички работи и Александар Јанев, Директор на Бирото за јавна безбедност.
Директорот на СОЗР, Томовски нагласи дека оваа иницијатива е реализирана по насока на премиерот Христијан Мицкоски, со цел воспоставување транспарентност и дисциплина во користењето на државните возила.
„Пред неполна година формиравме работна група во рамките на Владата и отпочнавме постапка за брендирање, односно замена на сите таблици во службените возила во државата. Долго време слушавме дека ќе се спречат злоупотребите, но тоа не се реализираше. Сега тоа го покажуваме на дело. Им дадовме насоки и препорака на сите институции да започнат со промена на таблиците и ова денеска претставува втор повик за тоа – до 15 септември да бидат брендирани сите возила. Доколку тоа не се направи, рокот се продолжува до 29 септември, до почетокот на кампањата за локалнитe избори. Во спротивно, при следната регистрација институциите задолжително ќе ги добијат овие таблици,“ изјави Томовски.
Тој посочи дека државата моментно располага со околу 7.000 до 7.500 вакви возила, но сѐ уште нема целосен регистар за нивна евиденција, што дополнително ќе биде регулирано во следниот период. Томовски напомена дека тоа како обврска го презема Министерството за внатрешни работи, заклучно со 31.12 оваа година да го изготви овој регистар и конечно да имаме јасна слика за тоа со какви возила располага државата.
Директорот на Управата за јавна безбедност, Александар Јанев, исто така ја поздрави одлуката и го истакна нејзиното значење во контекст на меѓународните препораки и европските стандарди.
„По 34 години независност и по бројните забелешки содржани во извештаите на ОБСЕ и ОДИХР, кои беа давани за време на претходните избори, како институција задолжена за јавната безбедност целосно ја поздравуваме оваа мерка и ја имплементираме без исклучок. Воведувањето на единствени службени таблици претставува важен чекор во насока на транспарентност, отчетност и професионално управување со јавните ресурси. Ова не е само техничка промена, туку суштинска реформа која ја зајакнува довербата на граѓаните, ја потврдува одговорноста на државата и го усогласува нашето функционирање со најдобрите меѓународни практики. Убеден сум дека ваквиот пристап ќе придонесе за зголемување на институционалниот интегритет и за поефикасна контрола врз користењето на службените возила,“ изјави Јанев.
Со воведувањето на новите службени таблици, институциите добиваат јасна обврска за правилно и транспарентно користење на државните возила, со што, како што велат од СОЗР, се зајакнува довербата на граѓаните и се обезбедува одговорно управување со јавните ресурси.
Македонија
СДСМ: Орце Ѓорѓиевски ги лаже скопјани со EXIT

Орце Ѓорѓиевски уште еднаш покажува дека за него нема граница кога станува збор предизборната манипулација. Откако вети воз на кејот на Вардар и невозможен парк во Вардариште, сега смилисл нова манипулација дека фестивалот „EXIT“ кој најави дека нема веќе да се одржува во Србија се сели во Скопје, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје се обидува да ги излаже скопјани дека Скопје од следната година ќе стане нова дестинација на глобално реномираниот фестивал „EXIT“ – но под услов само ако тој победи на изборите.
„Секоја сериозна личност што го прочитала официјалното соопштение на организаторите на „EXIT“ може лесно да утврди: не постои никаква потврда за Скопје како фестивалска локација, ниту во 2025, ниту во 2026 година. Единствено што е објавено од страна на „EXIT“ е план за глобална турнеја со повеќе настани низ светот. Ѓорѓиевски, во обид да ги освои гласовите со лажни ветувања, свесно извртува дека од Србија се сели во Скопје. Фестивалот „EXIT“ и сега има свои спин-оф изданија, вклучително и во Струмица изминативе три години, тоа не значи дека фестивалот се преселил во Струмица. СДСМ го повикува Ѓорѓиевски веднаш да престане со манипулации и лажни ветувања. Градот Скопје заслужува вистински културни политики, а не евтини кампањски трикови за дневна употреба“, велат од СДСМ.