Скопје
Активности за чистење на скопскиот клинички центар, подигнати и транспортирани 30 кубни метри кабаст отпад

Во текот на изминатиов викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје извршија генерално чистење на целокупниот простор во внатрешноста на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, при што беа подигнати и транспортирани вкупно 30 кубни метри кабаст отпад и отпад од картонски пакувања одложени вон садовите наменети за одлагање на отпадот.
Во рамките на споменатите активности, на терен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ присуствуваше и в.д. директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Сабахадин Рустеми. Воедно, спроведени се и активности за отстранување 50 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Кисела Вода, Карпош и Ѓорче Петров.
„Отстранета е дива депонија на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) во општината Чаир, каде што на аголот со улицата Максут Садик се подигнати 10 кубни метри претежно мешан комунален отпад. Во оваа општина се расчистени и уште пет кубни метри непрописно одложен отпад на улицата Џон Кенеди. Интервенирано е и на булеварот Илинден во скопската општина Карпош, каде што се отстранети 10 кубни метри мешан комунален и отпад од картонски пакувања одложени на јавна површина во непосредна близина на Зоолошката градина. Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и 15 кубни метри непрописно одложен отпад од картонски пакувања на улицата Димо Хаџи Димов во општината Кисела Вода, како и 10 кубни метри кабаст отпад одложен на тревна површина на улицата Христо Батанџиев општината Ѓорче Петров“, велат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја дел од општина Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Видое Смилевски Бато, делот кај што се вкрстува Февруарски Поход спроти Рамстор Ново Лисиче, во општина Аеродром.
Македонија
Нелегална градба во Козле – наместо потпокрив, си граделе станови

Инспектори во Козле открија нелегална градба. Станарите добиле одобрение зза градба за кос покрив, но наместо тоа почнале со градба на четири нови стана.
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, им порача на граѓаните да не влегуваат во вакви авантури затоа што инспекторите се на терен, а вложените пари ќе завршат во ветер.
„Денес, заедно со градежниот инспектор и раководителот на Инспекторатот, излеговме на терен – улица Козле бр.17. Извршивме увид на настрешница поставена на зграда со рамна плоча. Иако дел од станарите добиле одобрение за кос покрив поради наводно течење, утврдивме дека изведбата НЕ е согласно одобрениот проект! Просторот е поделен на 4 дела – со подготовки за кујни и тоалети – што јасно укажува на обид да се направат уште 4 нови станови, и незаконски да се добие уште еден кат во објектот!“, објави Јакимовски на „Фејсбук“.
Тој информира дека изготвен е записник, а ќе следи и решение за уривање, или обврска граѓаните сами да ја отстранат оваа дивоградба.
„Ги повикувам граѓаните: НЕ влегувајте во вакви авантури! Ни малку не ме радува кога ќе слушнам дека некој потрошил десетици илјади евра, а притоа го прекршил законот – тие пари ќе завршат во ветер! Проектите мора да се изведуваат СТРОГО според одобрението за градба! Законите важат за сите!“, напиша Јакимовски.
Тој најави дека Општината продолжува со инспекциите, а следна на ред е зградата на улица „Никола Парапунов“ и гаражниот простор таму.
Македонија
Паркирањето во општина Центар за време на велигденските празници ќе биде без наплата

Паркирањето во општина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. На 18.04. (петок), 20.04. (недела) и 21.04.2025 година (понеделник) граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар. Од ова исклучок се затворените паркиралишта Дилајла и Трготекстил.
Согласно програмата за неработни денови за 2025 година, 19.04.2025 година (сабота) е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ ќе работат со вообичаено работно време.
Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.
Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи на 22.04.2025 година (вторник) со вообичаено работно време.