Скопје
Ѓорѓиевски: Скопје го добива најголемиот ритејл-парк во Кисела Вода
Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес изврши увид во реализацијата на новата капитална инвестиција во индустриската зона Пинтија, во близина на „Стакларата“, на површина од 35.000 м². Изградбата на Home Retail Park – првиот ваков трговски парк во Македонија, е проект вреден 15 милиони евра. Ќе обезбеди 20.000 м² модерен комерцијален простор создавајќи можности за вработување речиси 300 лица и значајно заживување на локалната економија.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека оваа инвестиција е потврда за зголемената доверба на инвеститорите во Општина Кисела Вода, благодарение на транспарентното и законско работење на новото раководство.
„Изградбата на Home Retail Park претставува значаен економски импулс за нашата општина. Вложувањата од ваков обем го потврдуваат фактот дека Кисела Вода станува сè попосакувана дестинација за бизнисите. Овој проект не само што ќе создаде 300 нови работни места туку и ќе придонесе кон развојот на оваа индустриска зона подобрувајќи ги условите за живеење и работа во нашиот град“, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Home Retail Park ќе биде единствена локација на која граѓаните ќе може да најдат сè што им е потребно за својот дом – од мебел, домашни апарати и декорации, до градинарска и бањска опрема. Покрај тоа, ќе располага со модерни кафетерии и ресторани, како и 600 паркинг-места за посетителите, создавајќи комплетно шопинг-искуство.
Генералниот директор на инвеститорот, компанијата „Голден арт“, Ивица Јаќимовски, нагласи дека оваа инвестиција значително ќе придонесе за подобрување на животниот стандард и економскиот раст.
„Home Retail Park ќе стане новиот центар за паметно купување, место каде што семејствата ќе може да го уредат својот дом на наједноставен и најудобен начин. Ова е инвестиција во иднината, во подобар начин на живеење и во развојот на локалната економија“, изјави Јаќимовски.
Со оваа инвестиција Кисела Вода добива уште една значајна стопанска и урбана придобивка, а отворањето на Home Retail Park е предвидено до крајот на 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Левицата: Лицата со аутизам и Даунов синдром ќе добијат бесплатен паркинг во Скопје
Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе амандмани за измена на Програмата за повластен паркинг за лицата со попреченост.
Оваа Програма опфаќа одредени категории на лица со попреченост, но лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром не беа опфатени, велат од партијата Левица.
„Четири години од оваа говорница се бориме за измена на оваа Програма.Секогаш се наоѓаше некаков изговор да не се направи тоа.На лицата со попреченост им е доста од изговори.Родителите на деца со аутизам и Даунов синдром и онака имаат големи финансиски издатоци за лекување на нивните деца кои Фондот за здравство не ги рефундира, плаќаат приватно дефектолози и сл.така да плаќањето на паркинг простор им е дополнителен товар, бидејќи некои од нив оваа услуга ја користат секојдневно” – истакна во своето излагање Катерина Јовановска- координаторот на советничката група на Левица.
„Иако првично од страна на Градот амандманите не беа прифатени, по аргументираното излагање на Јовановска Советот едногласно изгласа Заклучок – Програмата да биде изменета и лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром да добијат повластен паркинг.
Истово ќе важи и за лицата со попреченост кои што не живеат во Скопје, а доаѓаат во главниот град за лекување“, се додава во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на улиците: Урош Џудовоќ, Осло, Будимпештанска, Лубица Георгиева (Општина Карпош)
Македонија
Кисела Вода и Агенцијата за катастар на недвижностите: Засилена соработка за поефикасна услуга
Денес, во Општина Кисела Вода се одржа средба меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите на Република Македонија, Иван Живковски.
Како што известуваат од Општината, разговорот бил насочен кон зајакнување на соработката меѓу двете институции, со фокус на подобрување на услугите кон граѓаните, поголема достапност до податоци и унапредување на дигиталните процеси. На средбата беше договорено дополнително зајакнување на оваа соработка, особено во делот на дигиталните сервиси, со што граѓаните ќе добијат побрзи административни постапки и намалени трошоци, без потреба од непотребни чекори и обраќања кон повеќе институции, велат од Општината.

Беше констатирано дека модерното и транспарентно управување со податоци е неопходно за развој на општината, подобро планирање и подигнување на квалитетот на услугите. Посебен акцент беше ставен на можностите за интеграција на дел од дигиталните системи со олеснет пристап на Општината до катастарските податоци, што ќе придонесе за побрзо постапување по барањата на жителите и поголема ефикасност при издавање документи и спроведување урбанистички процеси, информираат од Општината.

„Како општина што силно инвестира во дигитализација, наш приоритет е граѓаните да добиваат услуга брзо, ефикасно и без непотребни административни бариери. Со Агенцијата за катастар на недвижностите имаме заедничка цел – да обезбедиме поголема достапност на услугите и унапредено управување со податоците. Денешната средба со директорот на Агенцијата за катастар на недвижностите, Иван Живковски, ја гледам како значаен чекор напред бидејќи интегрирањето на системите и размената на информациите ќе овозможи побрзо решавање на имотно-правните и на урбанистичките постапки. Сето ова е дел од нашата заедничка стратегија да ја направиме општина Кисела Вода модерна, ефикасна и лесно достапна за сите жители, каде што граѓаните ќе може брзо и безбедно да ги завршуваат своите административни обврски“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска.

