Свет
Макрон: Европа мора да се погрижи другите да ја почитуваат доколку се загрозени нејзините економски интереси

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Европа ќе мора да се погрижи другите да ја почитуваат доколку се загрозени нејзините економски интереси. Тој реагира на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ќе ги зголеми царините за увезените стоки од ЕУ, пренесоа француските медиуми.
„Доколку нашите трговски интереси бидат нападнати, како сила што има свои сопствени сили, Европа ќе мора да се погрижи другите да ја почитуваат и затоа да реагира“, рече тој по пристигнувањето на неформалниот состанок на лидерите на ЕУ во Брисел посветен на одбраната“, пренесува францускиот портал „20 Minutes“.
Макрон додаде дека неодамнешните изјави од САД ја охрабруваат Европа да биде посилна и пообединета, според „Ројтерс“.
„Како што Ковид-19 и руската агресија во Украина беа повик за будење за Европа, она што се случува, со одлуките и изјавите на новата администрација на претседателот Доналд Трамп, ја охрабрува ЕУ да биде пообединета и поактивна во одговорот на колективните безбедносни прашања“, заклучи тој, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Египетскиот претседател: Светот е сведок на историски момент

Светот е сведок на историски момент, напиша египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, чија земја одигра клучна улога во посредувањето на разговорите.
Тој го опиша Шарм ел-Шеик, градот каде што се одржаа разговорите, како град на мирот и лулка на дијалогот.
„Овој договор не само што затвора едно поглавје од војната, тој, исто така, отвора врата на надеж за народите од регионот за иднина обележана со правда и стабилност“, рече Сиси.
Министерството за надворешни работи на Египет претходно го опиша прекинот на огнот како „позитивен развој“ и „пресвртница“ во војната.
Во соопштението се додава дека министерот за надворешни работи Бадр Абделати ќе отпатува во Париз за да присуствува на министерски состанок организиран од Франција, кој ќе се фокусира на ситуацијата во Газа.
Фото: ЕПА
Свет
Зеленски: Руските залихи на бензин се намалија за една петтина поради нашите напади

Украинските напади на долг дострел врз руските енергетски објекти можеби го намалија снабдувањето со бензин на Русија за околу една петтина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека двете страни ги засилија нападите врз енергетската инфраструктура.
„Ројтерс“ процени во август дека украинските напади го намалија руското рафинирање на нафта за речиси една петтина во одредени денови.
„Тоа сè уште треба да се потврди, но веруваме дека тие изгубија до 20 проценти од снабдувањето со бензин – директно како резултат на нашите напади“, им рече Зеленски на новинарите.
Кремљ рече дека домашниот пазар на гориво на Русија е целосно снабден.
Зеленски рече дека украинските сили користеле домашни ракети „Нептун“ и „Фламинго“ во неодамнешните напади, дел од напорите на Украина да ја прошири својата домашна вооружена индустрија.
Украинскиот претседател, исто така, рече дека руските сили извршиле 1.550 напади врз енергетски цели во Чернигов, Суми и Полтава во септември, но погодиле само 160 цели.
Фото: ЕПА
Свет
Ердоган: Искрено му се заблагодарувам на Трамп

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, го поздрави договорот за прекин на огнот меѓу Израел и палестинското движење Хамас, пренесува „Анадолу“.
„Исклучително сум задоволен што преговорите меѓу Хамас и Израел, одржани во египетскиот град Шарм ел Шеик со придонес на Турција, завршија со прекин на огнот во Газа“, напиша Ердоган на турската социјална платформа NSosyal.
„Искрено му се заблагодарувам на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, кој покажа потребна политичка волја да ја охрабри израелската влада да го прифати прекинот на огнот, и на нашите братски земји Катар и Египет за нивната значајна поддршка во постигнувањето на договорот“, додаде турскиот претседател.
Ердоган нагласи дека Анкара внимателно ќе го следи спроведувањето на договорениот прекин на огнот и ќе продолжи да придонесува во процесот.
Турција, истакна тој, ќе продолжи да ја поддржува изградбата на независна и суверена палестинска држава со целосен територијален интегритет, во границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како нејзин главен град.
„Во оваа пригода, им испраќам најискрени поздрави на моите палестински браќа и сестри, кои две години издржаа неописливо страдање борејќи се за живот и достоинство во нехумани услови, губејќи ги своите деца, родители, роднини и пријатели, и кои, и покрај сите трагедии што ги преживеаа, не се откажаа од својот чесен став“, рече Ердоган.
Договорот за прекин на огнот е дел од план од 20 точки, објавен на 29 септември, кој повикува на ослободување на сите израелски затвореници во замена за палестински затвореници, разоружување на Хамас и обнова на Газа.
Фото: ЕПА