Свет
Гренланд ќе забрани странски донации за политички партии
Гренланд, над кој американскиот претседател Доналд Трамп би сакал да ја преземе контролата, има намера да усвои предлог-закон со кој се забрануваат странски донации за политичките партии во земјата, соопшти парламентот кој расправаше на оваа тема на денешната седница.
Таквиот документ ќе овозможи „зачувување на политичкиот интегритет на Гренланд“, се вели во документот со кој се презентира нацрт-законот. Неговото усвојување не треба да биде проблем со оглед на тоа што владејачката партија има мнозинство во парламентот.
Предлог-законот предвидува дека „партиските организации, вклучително и локални ограноци и младински ограноци, не смеат да примаат придонеси од странски или анонимни донатори“.
„Странските донатори се дефинираат како донатори кои живеат или имаат живеалиште надвор од Гренланд“, се наведува во текстот.
Предлог-законот итно ќе се разгледува утре.
„Тоа мора да се разгледа во светло на геополитичките интереси и актуелната ситуација, а знаеме дека претставниците на сојузничката суперсила изразија интерес да го преземат и контролираат Гренланд“.
Уште од првите изјави на Доналд Трамп за потребата од преземање на овој арктички остров, неговите лидери постојано нагласуваат дека тој не е на продажба.
Гренланд е дел од Данска со широка автономија. Затоа, данските власти постојано нагласуваат дека Гренланд им припаѓа на нејзините жители, Гренланѓаните.
Тие истакнаа и дека имаат поддршка од нивните европски партнери кога станува збор за почитување на границите и националниот суверенитет.
Изборите во Гренланд треба да се одржат до 6 април, но политичарите се загрижени поради можното странско мешање. Неодамна, Аја Кемниц, која ја претставува територијата во данскиот парламент, изјави за АФП дека нема сомнеж дека „различни луѓе и различни групи ќе се обидат да влијаат на изборите на Гренланд“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Чешкиот министер: Трамп е клучен посредник за мирот во Украина
Чешкиот министер за надворешни работи Петр Мациника изјави дека светот се движи кон дипломатско решение за војната во Украина и дека Доналд Трамп се позиционирал како клучен посредник кој може да ги донесе двете страни на преговарачка маса, пренесе Анадолу.
Мациника оцени дека последните настани укажуваат на напредок кон преговори и дека Украина направила значајни отстапки, додавајќи дека следниот чекор сега е на Русија. Тој предупреди дека напредокот ќе бара конструктивен пристап од сите страни и дека трпението на Трамп „не е бесконечно“.
Според Мациника, силни западни безбедносни гаранции би можеле да бидат алтернатива за членство на Украина во НАТО и да спречат повторување на конфликтот.
Изјавите доаѓаат по разговорите меѓу Володимир Зеленски и Трамп во САД, кои Трамп ги оцени како „одлични“, наведувајќи дека останале уште едно или две отворени прашања до мировен договор.
Свет
Кремљ: Нападот врз резиденцијата на Путин е терористички чин за да се спречат преговорите
Американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин водат и продолжуваат дијалог заснован на доверба, и покрај провокациите од Киев, изјави денеска портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
„Обидот на Киев да ја нападне резиденцијата на Путин е терористички чин со цел да се попречи преговарачкиот процес“, рече Песков, јавува РИА.
Тој негирањето од страна на украинскиот претседател Володимир Зеленски, дека украински дронови го извеле нападот, го нарече „лудо“.
„Москва гледа дека Зеленски и многу западни медиуми кои се ‘вградуваат’ во Киев се обидуваат да го негираат нападот врз резиденцијата на Путин“, изјави Песков.
Тој нагласи дека нападот бил неутрализиран благодарение на руската противвоздушна одбрана.
„Се разбира, гледаме дека самиот Зеленски се обидува да го негира ова, а многу западни медиуми, играјќи на страната на киевскиот режим, почнуваат да шират приказна дека тоа не се случило“, рече Песков, додавајќи дека Кремљ не смета оти е потребен било каков доказ за да се потврди дека нападот се случил.
Според неговите зборови, нападот врз резиденцијата бил насочен и кон Трамп и неговите обиди да го реши конфликтот во Украина.
Песков додаде дека дипломатските последици од нападот ќе резултираат со заострување на руската преговарачка позиција.
Тој одби да одговори на новинарско прашање каде се наоѓал Путин за време на нападот.
„Во сегашните услови, оваа тема не е предмет на јавна дискусија“, рече Песков.
Тој нагласи дека Русија, и покрај нападот, останува во преговарачкиот процес за Украина и продолжува со дијалогот, пред сè со Соединетите Американски Држави.
Свет
Туск вели дека постојат надежи за завршување на војната во Украина во блиска иднина
Европските лидери велат дека мировниот процес за Украина напредува по новите консултации одржани утрово.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц објави на социјалните мрежи дека е одржана уште една рунда консултации со европските и канадските партнери.
„Го унапредуваме мировниот процес. Сега ни треба транспарентност и чесност од сите – вклучително и од Русија“, рече Мерц.
Полскиот премиер Доналд Туск зборуваше слично, велејќи дека мирот е на хоризонтот и дека постојат причини да се надеваме дека војната би можела да заврши во блиска иднина.
Фото: Depositphotos

