Македонија
Граѓаните може да аплицираат за уред за „Итно копче“ во Општина Центар
Во тек е јавниот повик за аплицирање за услугата „Итно копче“ во Oпштина Центар. Како што информираат од Општина Центар, со оваа нова услуга на повозрасните граѓани над 65 години им се обезбедува помош во итни ситуации, во домашни услови, достапна 24/7 во текот на целата година.
-На јавниот повик можат да се пријават жителки и жители над 65 годишна возраст од Центар, со приоритет на лица кои живеат сами или со брачен другар, кој е со нарушена здравствена состојба. Корисниците коишто сакаат да се пријават треба да бидат со адреса на живеење во Општина Центар, да не надминуваат висина на пензија од 35.000 илјади денари и лица кои немаат дијагностицирано деменција, поради тоа што уредот не е соодветен за лица со деменција и Алцхајмерова болест. Оваа услуга е бесплатна и може да ја користи само еден член на семејството, посочува од општинската прес-служба.
Од општината појаснуваат дека повозрасните жители може да аплицираат со пополнување на барање за користење на услугата Итно копче кое се пополнува за време на апликација во канцеларијата на Црвениот крст, со копија од лична карта и со копија од чек од последна пензија. Сите документи, заинтересираните жители можат да ги достават во канцеларијата на Итно копче – ул. „Славе Георгиевски Шнајдер“ бр.5, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот. Секоја достава на документи претходно се закажува на телефонскиот број 02/15330. Поради ограничен број на уреди, корисниците ќе се одбираат по принципот „прв дојден-прв услужен“.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски посоочува дека повозрасните центарци можат да добијат итна помош со едноставно притискање на копчето на уредот за комуникација, што се носи како приврзок во форма на нараквица или ланче.
-По активирањето на копчето, сигналот стигнува до Црвениот крст кадешто одговорните лица стапуваат во контакт со корисникот на кого му треба брза реакција за да процени каква помош е потребна, а потоа, во зависност од состојбата се испраќа тим на терен или се повикува итна помош. Се грижиме за сите пензионери и возрасни жители на Центар, вели Герасимовски.
Повеќе информации за јавниот повик за аплицирање за услугата Итно копче може да најдете тука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нелоски: Фирмата на татко ми што ја спомнува СДСМ не учествува на тендери
Шефот на кабинетот на премиерот, Владимир Нелоски, ги отфрла тврдењата на СДСМ дека фирмата на неговиот татко учествува во државни тендери. Тој најави тужба против партијата.
„Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес конференции на СДС партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие изобилуваат со невистини, креирани информации и полу информации. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезорентираност во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и тој пусти страв од одговорност која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од спомената приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари. Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор има право да работи, а впрочем истиот со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија“, напиша Нелоски.
Тој вели дека колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции
„И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката нека не поставуваат прашања од СДС туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи“, вели Нелоски.
Македонија
Во сабота протестен марш „Стоп за Усје“
Во сабота, на 31.01.2026 година, во 12:00 часот, „Стоп за Усје“ излегува на протестен марш кој ќе почне пред Владата, ќе продолжи кон Собранието, а ќе заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Ги повикуваме сите граѓани, кои сакаат да се изборат за правото на чист воздух, да се приклучат на овој марш. Меѓу другото ги повикуваме институциите будно да ја следат состојбата и бурно да реагираат, бидејќи ниту еден профит не е поважен од животот на граѓаните! „Стоп за Усје“ веќе ги испрати своите барања до низа институции, но никој од нив не се одважи да даде било каков одговор. Затоа, одговорите ќе ги бараме повторно на улица“, се вели во најавата.
Од „Стоп за Усје“ потсетуваат дека на протестите се забранети партиска промоција и симболи, а истовремено апелираат на мирен протест, без насилство и говор на омраза.
„Повикуваме на масовност за сите заедно да кажеме СТОП за труењето од УСЈЕ кое нè засега сите. Сакаме да нагласиме дека ниту една лага и манипулација од Усје и надлежните, кои со сите сили се обидуваат да го одбранат неодбранливото, нема да помине и дека сè додека нè уверуваат во бројки од мерењата кои ги прави самата фабрика, отпорот нема да се смири! Се гледаме во сабота, за да покажеме дека гласот на граѓаните е поважен и посилен отколку нечии бизнис интереси!“, пишува во најавата.
Македонија
Мицкоски за утрешниот протест за минимална плата 600 евра: Секој има право да си протестира, во март законски ќе ја зголемиме
Во пресрет на утрешниот протест за минималната плата да се зголеми на 600 евра организиран од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) премиерот Христијан Мицкоски останува на ставот што имаше цела измината година, дека Владата ќе поддржи договор меѓу работниците и работодавачите.
„Секој има право да си протестира. Ние минималната плата, согласно Закон, ќе ја зголемиме во март месец односно согласно платите што ќе ги добијат работниците во април, платата ќе биде зголемена. Ние рековме секое решение што ќе го постигнат во тој бипартитен дијалог синдикатите со работодавачите, ќе го поддржиме“, рече премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелник за изградба на нова спортска сала во ООУ „Григор Прличев“ во Железара.
По повеќе од една година неуспешни обиди за договор со работодавачите и Владата за зголемување на минималната плата, ССМ за утре најави голем работнички протест преку кој бара зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно зголемување од 100 евра на сите останати плати оти со законското зголемување во март минималната плата ќе се зголеми само за околу 25 евра.

