Македонија
Внимателно возење низ клисурите и речните долини, постои ризик од одрони!

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по суви коловози, а интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ).
Од АМСМ апелираат до возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност за појава на одрони.
На граничните премини од македонска страна во моментот нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15 ноември 2024 година стапи на сила законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на временските услови. Оваа обврска ќе важи до 15 март 2025 година, а од АМСМ потсетуваат дека непочитувањето може да доведе до санкции за возачите.
„Посебно внимание е потребно на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. Возачите треба да возат претпазливо и да бидат подготвени за можни непредвидени ситуации на патот“, препорачуваат од АМСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре сончево време со температура до 30 степени

Времето утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 23 до 30 степени.
Во Скопје, сончево, со слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 30 степенiи.
Продолжува периодот на претежно сончево време со посвежи утра и постепен пораст на дневната температура.
Македонија
Почна реконструкцијата и изградбата на шест спортски терени во Гостивар

Општина Гостивар започна со реконструкција и изградба на 6 спортски терени, од кои 4 се спортски терени, еден парк со спортски терен и едно спортско игралиште, на различни населени места во градот.
Од нив, 3 постоечки терени ќе бидат реновирани и опремени со модерна опрема и тартан подлога, додека 3 нови терени ќе се изградат од почеток, според најсовремените стандарди за безбедност, квалитет и функционалност.
„Нашата цел е јасна: да создадеме простори каде што младите ќе поминуваат квалитетно време, ќе се занимаваат со спорт и ќе растат здрави. Овие инвестиции се инвестиции за иднината на нашите генерации,“ – истакна градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани.
Македонија
Злоупотреби со регистрација на половни возила: 11 осомничени, меѓу нив и вработена во МВР

Секторот за внатрешни работи Куманово, во соработка со Одделот за внатрешна контрола и криминалистички истраги при МВР, поднесе кривични пријави против 11 лица поради повеќе кривични дела поврзани со плаќање давачки за увоз и регистрација на половни моторни возила.
Меѓу пријавените е и 43-годишна вработена во МВР – Одделение за управни работи Куманово, осомничена за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавен е и 29-годишен контролор во станица за технички прегледи поради „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“. Останатите лица се сомничат за „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и „давање лажен исказ“.
Според МВР, во текот на 2024 година дел од пријавените договарале сопственици на возила со странски таблици, кои за половина од законските давачки за увоз, добивале регистрација без да ги платат потребните трошоци. Во електронскиот систем биле внесувани податоци за возила без платени царини, такси и надоместоци за регистрација.
Пријавениот контролор во станица за технички прегледи изготвувал и фалсификувани електронски табели налик на оние што ги издава Бирото за метрологија за хомологација на возила.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за понатамошно расчистување на случајот.